логоFacebookTwitterYouTubeeMail

metodij.alfeev.jpgМитрополит Американско- канадски г. Методиј

(БЕЗ)КРАЈНИТЕ ИНСТАНЦИ НА СЕКУЛАРНИОТ ХУМАНИЗАМ И НА ДУХОВНИТЕ КУЛТУРИ

1. Свест за крајот

Целата историја на човечките култури е проткаена со идејата за проектирање и воспоставување на совршениот амбиент. Овој порив да се преслика рајот на земјата, совршеното во распадливото, без оглед на тоа во какви и кои формални артикулации ќе се изобрази небесниот свет се остварува на различни начини (градина, град, оаза, храм, царство, држава), во зависност од онтолошката, односно идеолошката матрица на која тој се базира. Хармонијата на едно општество, еднаквоста, правдата и убавината организирани во еден затворен и целовит систем се појавуваат како низа од цивилизациски парадигми уште пред појавата на римската Држава, како своевиден архетип за секуларниот хуманизам и нововековните општества. Гилгамешовиот Урук, виртуозниот  обид на митолошката свест да го изолира космосот среде хаосот; градот на сонцето Амарна на Акхнатен, не само како антитеза на пустината, туку и обид да се воспостави една поинаква онтологија; премостувањето на небесниот амбис со изградбата на Вавилонската кула, сосема поинаков пристап од оној на современата астронаутика; потоа, Платоновата држава и нејзиниот философски близнак Плотиновиот Платонополис, - сите тие и уште многу други,  се своевиден безброј пати повторуван утописки гест со кој на видливиот свет му се задаваат квалитетите на вечносовршениот рај. Но, што е уште поважно, разликата меѓу сите овие гестови или утописки обиди и активизмот на современите каритативни и миротворни институции и програми, во едни надисториски рамки, е само методолошка. Секуларизираната свест на современиот човек, жеден за загубениот рај, и понатаму останува опседната со идеалот на совршениот амбиент. Единствениот параметар кој во тој контекст отсуствува е категоријата вечност. И имено по ова прашање постои разномислие само кај религиозните, додека за нерелигионите единствената дилема е со каков предзнак ќе се прифати фактот на конечноста.
Сите постоечки варијации од екстремниот оптимизам до екстремниот песимизам произлегуваат од скоро бесконечниот број толкувања на поимот апокалипса. Иако, како таков, тој произлегува од Библијата и изворно значи откровение, или во духот на современиот говор: откривање, дознавање, - тој секако не е ексклузивитет само на религиозната свест која се темели на библиското предание. Не постои религиозно или философско учење кое макар и во најпримитивен или во најопшт облик не ја содржи апокалиптичката поента. Овој свет има свој почеток. Тој е создаден. Сé што има почеток мора да има и крај. По тој крај (на конечното) продолжува бесконечното. И современите теории за универзумот укажуваат на фактот дека тој има свој почеток и тежнее кон својот крај. По тој крај следува една математичка бесконечност на ништо. Нашето сонце, во својата фаза на црвен џин, ќе ја проголта сината планета со сета нејзина философија и сета нејзина материјална култура. Апокалипсата е точка на пресврт во која конечното преминува во бесконечно, за едните; или постоечкото станува непостоечко, за другите; или молекулите на живото се рекомбинираат во молекули на огнот или мразот, за третите; или релативното се претвора во апсолутно, за четвртите; и така до бесконечност, - но, сите тие неброени варијации незаобиколно се соочуваат со егзистенцијалната граница на светот каков што го знаеме, помалку или повеќе. Како плод на ова соочување и, конечно, како плод на ова откровение, човекот, низ целата своја историја се обидува да ја осмисли и својата креативност. Творечкиот порив или инстинкт, во таа смисла, кој опфаќа сé од простата (физиолошка) репродукција до најхерметичните ремек-дела на уметноста или науката, минува низ архетипските филтри на човековата свест, образувајќи при тоа и критериум според кој е насушно (односно нужно и надсуштествено) или, пак, од друга страна, бесмислено да се создава. Зошто да се створи нешто што има крај? Зошто да се раѓа нешто што ќе умре? Зошто да се гради нешто што не може вечно да го задржи својот облик? Дури и ако тоа нешто е само сенка, копија или мимесис на апсолутното.

2. Активизам или утопија

Според оптимистичкиот критериум, кој е подеднакво својствен и за побожните и за антитеистите, се разбира врз сосема поинаква основа, не е бесмислено да се твори, и ваквиот став е движечка сила и причина за исклучителни дела на материјалната и духовната култура. Активизмот на личните и институционализираните подвизи на светското милосрдие и доброљубие, поттикнати од ЦАРПЕ ДИЕМ логиката, се израз на исклучителен самопрегор. Ќе ги оставиме на страна аномалиите и злоупотребите кои се плод на непреобразениот ум и неговата опортунистичка квазиетика. Луѓето кои не веруваат во Бога, кои се подеднакво свесни дека овој свет не може да трае до бесконечност, без оглед на тоа дали тие ќе учествуваат во неговиот крај, или тој ќе се случи по нивната смрт, причина и потреба да создаваат и да го чуваат создаденото, убавото да го направат поубаво,  наоѓаат во исконскиот порив за обликување на совршениот амбиент. За себе - во својата краткотрајност, или за себе - во пресликувањето во сопственото потомство. Таа приврзаност кон минливото и креативниот однос кон него се остварува преку животните ставови кои се идеологизирани низ етосот на конзумирање органски здрава храна, превентивната фармакологија, еколошки чистата животна околина, фитнес-манијата, терапевтските третмани за рехабилитација од стрес и злоупотреба со помош на уметностите и занаетите, миротворниот активизам во општествената база, хиперхуманата социјална политика на развиените општества, борбата против епидемиите на супервируси и слично. Дали се тие само плодови на една утопија? Психологизми со кој се игнорира неизбежноста на крајот?
Секој човек и секоја човечка генерација е дарувана со предвкус на апокалипсата. т.е со предзнаење за конечното сознание. Сопред ставовите на религиозниот оптимизам, овој свет и сета негова култура е подготовка, некаков вовед или увертира за големото дело на вечниот живот со Бога, или пак, во својата нестабилност, една специфична космичка состојба во која апсолутното привремено еманирало во нешто релативно и променливо, за повторно да ја задобие апсолутната форма.
За христијанскиот, есхатолошки оптимизам, благодатното учество во божествената бесмртност е крајната, или поточно бескрајната причина за креативниот активизам. Личниот аскетски подвиг на човекот е естетски чин. Духовното преображение и растење во светоста е уметност пар еџеленце. Вис-а-вис на ваквата креативност се прекрасните архитектонски стилови и инвенции на храмовите и манастирските комплекси, иконописот и фрескоживописот, богослужбената поезија и музика, декоративната пластика, везовите и калиграфијата, сé е во функција на литургиското благолепие, кое ниту е отстапување кон некакво идолопоклонство, а ниту пак е естетика заради естетика. Сета разноликост на медиумите, жанровите и конкретните продукти на духовната култура се квинтесенција на карактеристичниот светоглед кој има недвосмислено позитивен одговор на призивот, да се учествува во креативноста на божествениот шестоднев и во бестрасната констатација на Творецот дека сé што е создадено е навистина убаво.
Во другите монотеистички, односно теистички религии, под влијание на автохтоните догматски преданија, иманентната философија на верувањата, латентниот или отворениот дуалистички космолошки концепт, на пример, и слично, се развива една поредуцирана во изразот или технологијата, но не и помалку вредна и восхитувачка културна традиција. Целиот тој корпус артефакти, како витална артерија на секоја локална култура, е клучната идентификациска оска околу која се образуваат следните слоеви на фолклорните, митолошките и (руралните или урбаните) суб-културни обрасци. Веројатно, токму и затоа, заради нивната суштинска важност, делата на духовната култура на секоја човечка заедница се најчеста мета, или ако сакате жртва, на тероризмот и неговиот деструктивен дискурс. Еден срушен храм не може да го укине и релативизира вкоренетото верување, но тоа може страшно да навреди. Тоа е логиката на тероризмот. Таа воопшто не може да се поистовети со нихилизам, но средствата со кои се служи во својата комуникација со светот се апсолутно неприфатливи.
Од друга страна, пак, едновремено универзалниот и во својата општост сеопфатен, но исто така и до ниво на инстинкт мошне интимен порив да се почитува и чува севкупната материјална и духовна култура на човештвото е органски сегмент на оптимистичката апокалиптичка опција. Нејзина највпечатлива еманација е содржана во верувањето на некои северноамерикански домородни племиња, за кои континуитетот на историјата е во директна зависност од нивната молитва за раѓање на новиот ден. Ако тие тоа не го побараат во молитвата, историјата и светот нема повеќе да постојат. Ова не е пример на религиозен примитивизам, туку напротив, неискажливо возвишена философија на апокалипсата, која не само што е тука со нас секојдневно, туку е и во лична зависност од нашиот однос кон светот и неговата содржина. Телеолошките референци, пак, нé оставаат без здив.
Подеднакво е забележителен релативниот религиозен оптимзам во оние облици на верување, особено карактеристичен за далекуисточните религии, кои во своето учење го инкорпорираат феноменот на метемпсихозата, односно реинкарнацијата. Зошто релативен оптимизам? Првенствено затоа што бескрајниот циклус на раѓања или отелотворувања може подеднакво да биде и казна колку и награда, подеднакво проклетство колку и блаженство. Сепак и едната и другата есхатолошка позиција се подеднакво добри за мислење во сферите на естетското па затоа веројатно, не постои уметничко изразно сретство кое не е предмет на интерес на овој исклучително древен, разнообразен и раскошен корпус на духовни култури. Човекот создава и го чува создаденото бидејќи неговиот историски или есхатолошки оптимизам го уверува дека преку тие духотворби тој опстои и постои зад границите на својата физичка егзистенција, но и затоа што тој е создаден со осетот за убавото, или поинаку кажано, тој постои за да создава убавина и постои низ создавањето убавина. Антитезата на ова тврдење не е содржано толку во философијата на уништувањето својствено за чистиот анархизам, туку во историскиот, односно религиозниот песимизам како сензибилитет на индиферентност.

3. Песимизмот меѓу апсурдот и фатумот

Некаде помеѓу оптимистичкиот активизам и историскиот песимизам е позициониран саркастичниот критицизам на човековата немоќ да им преодолее на сопствените страсти и самољубието, највпечатливо изразен преку примерот на "Скромниот предлог..." (Модест пропосал...) на Џонатан Свифт и неговите наследници од средината на минатиот век, летечкиот цирцус на Монти Пајтон. За дисхармонијата меѓу човекот и неговото верување на идентично луциден, но не и саркастичен начин, зборува и Николај Бердјаев во трактатот "За совршеноста на христијанството и несовршеноста на христијаните". Без оглед на интонацијата, овие и ним сличните дела сепак гравитираат кон оптимистичката опција или барем упатуваат на неа.
Религиозниот и секуларниот песимизам поаѓаат од една сосема поинаква премиса. И обата, својот светоглед го градат во релација со смислата и содржината на историското постоење кое е недвосмислено минливо и конечно. Обата за методологија го имаат ригидниот редукционизам кој практично треба да ги парализира сите креативни иницијативи во човекот. И не само тоа, туку тие најчесто ја исклучуваат или остро ја критикуваат секоја заложба за она што веќе постои или треба да постои како културен продукт. Историскиот песимизам се темели на фактот дека овој свет во еден конечен, иако неизвесен број години, или космичко време ќе престане да постои. Ваквото (повторно апокалиптичко) сознание го прави бесцелен секој човечки труд. Апсурдноста на постоењето по кое ништо повеќе нема да ја има својата изворна форма е доволно за да го доведе човекот до радикалниот силогизам: животот е страдање без смисла / смртта е апсурд без страдање / смртта е подобра од животот. Вовлекувајќи се во ваков егзистенцијален и  креативен ќорсокак секуларизираниот човек го губи дури и елементарниот интерес и одговорноста кон наследството од своите предци. Тоа е самрак на секоја култура и цивилизација.
Религиозниот песимизам најчесто ја зема формата на религиозен пасивизам, кој, веднаш да забележиме, драстично се разликува од религиозниот пацифизам како артикулирање на култот кон мирот и миротворството во религиозните учења и верувања. Пасивизмот во контекстот на религиозните доктрини, според историските и актуелните искуства, главно се темели на повеќето варијации дуализам, потоа на религиозниот или философскиот фатализам оносно детерминизам, или пак на некои умерени форми на негативните религии, латентен демонизам, култови на смртта и слично. Сите тие како симптоми на песимистичката опција го формираат негативниот одговор и сфаќање на апокалипсата.
Дуалистичките религии генерално се држат до становиштето дека светот е творба во креативниот баланс меѓу добрата суштина, т.е. Бог и суштината на злото, персонифицирана во ѓаволот. Духовната природа е дело на Бога, а материјалната природа, целиот видлив универзум е дело на ѓаволот. Тие се во постојан антагонизам, но и во потребното рамновесие кое овозможува овој свет да опстои како таков, се разбира во постојани промени, движења и осцилации на создавање и уништување. Тој процес по нужност е стихиен. Оттаму секоја материјална култура, секое уметничко творештво, ракотворба и особено земјоделието, на пример, не само што е Сизифов труд, туку е и директно соучество во домостројот на ѓаволот. Дури и простиот допир со материјата, со човечкото тело, потребата од создавање потомство, лекување на болестите, се смета за флагрантен сатанизам. Презирот кој се гради во односот кон демонската суштина на материјата се пренесува и на сето она што е нејзина содржина, т.е. светот и човекот, поточно неговиот телесен аспект. Дезинтеграцијата на човекот кој е апсурдна и непомирлива комбинација на добрата душа и демонското тело го укинува секој хуманизам. Важно е исто така да се спомне дека, особено во дуалистичките религии, на злото му се придава конотација на суштина, односно битие. Во останатите позитивни религии, во христијанството, на пример, злото, т.е. ѓаволот не е суштина, туку отсуство на суштината, небитие. Тоа не значи дека христијанството во текот на своето историско постоење, па и денес, останува имуно на извесни дуалистички контаминации, но тоа се исклучоци и најчесто се третираат како теологумени. Латентниот сатанизам на дуализмите, без оглед на непријателскиот однос кон ѓаволот, резултира со појавата на концептот на синтеза на божествената и демонската суштина која е темел најпрвин на апсолутниот релативизам, а потоа и на етичкиот и креативниот пасивизам.
Оттаму се развива онтолошката основа на која се гради верувањето во судбинската предодреденост на нештата во историјата. Философскиот и религиозниот детерминизам, во сите свои вариетети, е еден од најдоминантните атрибути на песимистичкиот светоглед. Историјата е еден филм кој се одмотува до неговиот крај и тука ниту човекот, ниту неговата креативност можат нешто да променат. И самото дејствување по силата на некоја претпоставена слободна волја е повторно дел од истата шема на предодреденоста. Во рамките на секуларниот светоглед таа нужност се артикулира во рамките на апсолутните закони на движењето на атомите или природните стихии надвор од човекот и во него. Сите тие нешта уверуваат дека е бесмислен и најмалиот напор или намера за било какво учество или спротиставување на непроменливите правила на историското битисување, кое има свој почеток и крај, недопирлив ред на појава, постоење, распаѓање и исчезнување. Конечно, докази за тоа песимистите наоѓаат секаде околу себе, од аспект на тесните рамки на човековото краткотрајно физичко постоење. Зошто тогаш култура? Зошто креативност?

4. Апотеоза на креативноста

alfeev4.jpgСвеста за крајот на историјата, на човечката историја, во себе го содржи фактот дека во еден миг време нема да има повеќе. Исполнувањето на времето во тој неизвесен миг ќе ги преклопи минатото, сегашноста и иднината во една темпорална точка. Со нашето секојдневие, со трудот што го вложуваме и надежите што ги градиме во себе, ние незапирливо се приближуваме кон таа точка. Тогаш време нема да има повеќе. А сега, во овие благословени историски рамки, во овој ден, во овој делник е часот на нашиот труд. И токму тоа е суштинскиот мотив за нашата креативност. Конечно, апокалипсата може да се прифати како камен на сопнување, но сознанието за неа не ни е дадено како искушение. Таа не е некакво искуство кое треба да нé стрешти во најнеочекуваниот миг од животот и заради кое треба параноично да се обесхрабриме. Потребата од создавање и чување на создаденото се темели на уверувањето, т.е. верата, дека крајот на историјата не е крај и на нејзината содржина, туку премин од еден во друг квалитет на постоење. Еден во друг квалитет на убавина. Тоа не се потврдува само со принципиелни теоретски системи, туку со истрајноста во креативниот труд. Спасението е плод на крајната истрајност. Спасението не се очекува, туку се создава. Исто како и апокалипсата.

Посети: {moshits} 

Митрополит Методиј Златанов

metodijvosoboren.jpgПрвата асоцијација на констатираната криза на современото христијанство е секако неговата рудиментирана мисија. Таа не само што не е повеќе делотворната сила и манифестација на тивкото присуство на Црквата во светот, туку напротив, дури и во рамките на самите христијански заедници најчесто се третира како прозелитизам или во најблага варијанта излегување од контекст. Што се случи со мисионерскиот дух на христијанството од апостолско време? Духот на мисијата кој не се состои во надмудрување, дисквалификување и чукање по вратите, туку во откровение на светоста (светињата) со свет живот? Сведочење со живот за Животот?

 Современите христијани од сите деноминации широко се распослале и раскомотиле по светот. Во голема мера тој, светот, имено станал средство и цел на нивното постоење. Христијанство без Христос. Христијани на кои не им е потребно Царство Небесно. Доволен е светот и векот и претпоставениот рај на земјата, а откровението на светоста е заменето со некакво грозничаво зграпчено ќоше од Евангелието, кое, од своја страна, треба да биде замена за полнотата на апостолското предание и мисијата како негов главен атрибут. Етосот на Христовите ученици и рамноапостолните свидетели на Словото, нивниот едноставен и искрен живот, самопрегорот, предаденоста, истрајноста, од перспективата на секуларизираната религиозност се сметаат за пренакитена литерарна фикција од класичното доба или за израз на некои поинакви социјално-историски прилики. Проблемот секако не е во средствата и можностите за мисионерство. Не е потребно ни да се споредуваат по ефект оние од првите векови на Христијанството, кога тоа било гонето однадвор, со оние денешните, особено електронските. Преку интернетот Светото Писмо може да се прочита географски секаде и на сите светски јазици. Веб страниците и блоговите на кои се зборува за Бог се граничат со безброј. Постојат стотици радио и телевизиски станици, сопственост на различни религиозни заедници, преку кои се емитува набожна програма 24/7. Во што е тогаш проблемот? Не за еден ден, туку за еден час би можело да се воспостави идеалното побожно општество на светот, христијанскиот Платонополис без греди и тули, да престанат војните и неправдите, да се нахранат сите гладни и да се облечат сите необлечени. Како во книгата на пророк Исаија: "Волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води. Крава ќе пасе со мечка, нивните млади ќе лежат заедно; лавот ќе јаде слама како волот. Новороденче ќе игра над змиина дупка, дете ќе протега рака кон змиино гнездо. Нема да се прави зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето".

 Но, земјата не е полна со богопознание и благоговејност "како што водите го полнат морето". Земјата е духовна пустелија. За волја на вистината ние ја направивме земјата духовна пустелија. Сé почесто ги среќаваме фразите: постхристијанско доба, самрак на религиите, - верата и побожноста се поистоветуваат со фанатизам и тероризам, и не е далеку времето, ако веќе не е исполнето, кога рекламите со схогарфрее-трендот ќе еволуираат во религионфрее-тренд, или идеологија, сé едно. И тоа повторно ќе биде дело на религиозните, на христијаните. На оние на кои им припаѓа мисијата како повик. И, претпоставувам, важно е да се запрашаме, дали се срамиме од мисијата, или едноставно сме го загубиле осетот и опитот за неа? Ако е срамот во прашање, тогаш сме безнадежни случаи. Со неискуство, пак, не можеме да се оправдаме, бидејќи два милениума христијанство во однос на еден човечки живот е повеќе од доволно искуство, не како археологија, се разбира, туку како живо предание.

 Што се однесува до актуелните искуства, тие се симптоматични и јасно укажуваат на причините за хроничната атрофија на христијанската мисија. Ќе ги оставиме на страна финансиските и сексуалните скандали со кои се полни весниците и веб страниците, а коишто произлегуваат од редовите на најелитните христијански заедници. Нив срамно е човек и да ги критикува. Самите медиуми, пак, како технологија, печатените и електронските, лесно се изолираат и ставаат во функција на една суперспецијалистичка строго контролирана структура. Но, дури и во ваква состојба тие не се во состојба да ја сокријат или замаскираат иманентната криза. Ќе се послужам со три примери од употребата на телевизијата како јавен медиум, кој е во полза на христијанските мисии со децении. Значи, сепак, медиум со искуство.

 Првиот пример е адвентистичка шоу-програма, изворно снимена во Америка, а која како платена програма се емитуваше на една од приватните струмички телевизии. Значи, професионална високобуџетна продукција, испратена преку океанот и обнародена со платено емитување. Формално се содржани сите елементи на мисијата. Самиот спектакл се изведува во голема концертна сала, со бина на која има мал оркестар со електрични инструменти и голем екран што покрива две третини од сцената. Водителот домаќин кој е и фронт-мен на оркестарчето е внимателно зачешлан и костумосан средовечен маж, нашминкан и спастрен во стилот на Си-Ен-Ен водителите. Тој го воведува аудиториумот во проблематиката на запрепастувачките проекции наизменично со цитати од Библијата и со набожни сонгови во духот на христијанската кантри музика, кој патем речено е еден од најексплоатираните музички жанрови на Новиот континент. На скринот безрезервно се редат сцени од улични убиства и војни, деца во претсмртна агонија од глад и СИДА, елементарни непогоди и разурнувања, искасапени тела и еколошки катастрофи, и, што е парадоксално, сиве овие миракули на грозомората се пропратени со нескриен восхит дека тие, адвентистите, ги одгатнале сите знаци на апокалипсата и како единствени просветлени го знаат она за што самиот Господ вели: "А за тој ден и час никој не знае, ни ангелите небесни, ниту Синот, а само Отецот. Внимавајте, бидете будни и молете се, оти не знаете кога ќе настане времето" (Мк. 13, 32-33). Но, шоуто мора да продолжи, без разлика на нашето сострадание со стравотиите на овој свет, на чувството дека и ние сме дел од сето тоа. Дека, во крајна инстанца, ние сме виновни за тие страдања. Забавна програма од овој тип е секојдневна содржина на десетици телевизиски канали кои сателитски и кабловски се пренесуваат насекаде на планетава. Овој, можеби радикален пример, е добра илустрација за потребата на современите христијани секогаш да бидат во право, по секоја цена. Независно од библиското предание.

Прв пример и прв симптом: бесчувствителност / невклученост.

 Вториот пример е помалку спектакуларен, но неизмерно поревносен, ако и безумната ревност ја имаме пред вид. Повторно преку сателитска емисија, на граѓаните на светов им е достапно во својот континуитет непрекинатото шоу на таканаречената Падре Пио Телевизија. За што всушност станува збор? Опседнати со потребата да се докаже светоста на еден човек, отецот Пиј, римокатолиците ангажирале телевизиски канал кој деноноќно врши директен пренос од гробот на овој христијански праведник, со цел да се регистрира некое чудо или да се докаже спротивното. Верувам дека ваквиот псевдо-духовен воајеризам се оправдува на безброј начини, но сепак останува впечатокот дека оваа емисија е најнебулозното користење на телевизијата како медиум. Во што е содржан мисионерскиот аспект на ова пасивно набљудување на еден гроб? Дали е тоа единствениот гроб на светов што треба телевизиски да се набљудува? Сеќавањето на смртта е корисно за животот, тоа секако, но зарем не постои посоодветен начин за да се дојде до оваа поента? Конечно, дали медиумскиот и содржинскиот минимализам на Падре-Пио-ТВ е доминантната метафора на светопреданиската парализа што ја живее современото христијанство?

Втор пример и втор симптом: воајеризам / пасивно набљудување.

 Третиот пример се однесува на најсуштинскиот дел од мисијата на сите христијански заедници, светата Литургија, Миса, или црковна богослужба. Директниот пренос или емитувањето на снимка од светите богослужби како дел од некоја несекојдневна пригода или свеченост не е некоја новост. Но, со своето упорно присуство на телевизиските екрани како редовен програмски елемент овој најсвет дел на соборното живеење на христијаните секако го провоцира прашањето: Која е смислата да се прикажува Литургија на телевизија? Кој ќе ја гледа, ако сите христијани треба да бидат, не само присутни, туку и нејзини активни учесници во храмовите? Ако под претпоставка благодатната енергија на благото слово, на благословот, може да се пренесува електронски, како електронски ќе се причестиме со телото и крвта на Господ Исус Христос?

 По подготвувањето на светите дарови, Литургијата има два структурални дела, Литургијата за огласените и Литургијата за верните. Првиот дел има изразито мисионерска функција, бидеќи се однесува на оние што општо земено не се подготвени да заедничарат во тајната на благодарењето, во светата причест. Со завршувањето на овој литургиски дел од храмот излегувале сите огласени и вратата се затварала. Во денешната пракса на Православната црква, вратата на храмот не се затвара, а наместо неа, под влијание на недвосмислен клерикализам, се затвараат царските врати на иконостасот. Во литургиската пракса не разликуваме повеќе верни и огласени, туку клирици, сокриени зад златните вратички и порфирните завеси на олтарот, и народ, без разлика дали се работи за подготвени или огласени верници, или, пак, случајни минувачи. Соборниот дух на Црквата кој најдиректно се остварува на светата Литургија доживеал кардинална дезинтеграција, и во светињата е невозможно ни да се ѕирне, освен посредно и кога е тоа допуштено. И еве парадокс! На оние што подготвени стојат во светиот храм им е невозможно да учествуваат барем со погледот во она што мистично се случува во светиот олтар, а истото тоа, преку малите екрани им е достапно на сите што седат дома пред електронското огниште, или минуваат покрај излозите со вклучени телевизиски апарати, или кои се конектирале на некој интернет пренос на телевизиска програма, без разлика на посветеноста во верата или на религиозната ориентираност. Која е навистина смислата да се пренесува Литургија на телевизија? За да им се излезе во пресрет на оние што од благословени причини не можат да бидат во храмот на богослужба? Тогаш која е ползата за нив од телевизискиот субститут? Побожни чувства и воздишки? Можноста да се осенуваат со крсниот знак пред малите екрани? Тоа можат да го прават и на многу други телевизиски програми. Преку екранот не можат да земат ни антидор, т.е. нафора. Единствениот елемент кој е природен за овој медиум е аудиовизуелниот. А тоа значи дека, при телевизискиот, па и радио преносот на светата Литургија, особено е важна егзегетската беседа, поуката на свештенослужителот која како таква е упатена и за оние во храмот и за оние надвор од него. Токму од тие причини светите отци, прочуените беседници на Црквата допуштале нивните проповеди и поуки да се запишуваат и препишуваат, да се печатат и умножуваат. Современите свештенослужители, за жал, сé помалку внимание му посветуваат на овој клучен мисионерски и просветителски сегмент на светата Литургија. Церемонијалноста, декоративноста на настанот е она што е во фокусот. Дури и самото причестување на верните е исфрлено од светата Литургија и се извршува по отпустот, надвор од неа. Првиот чекор на алиенација на верните е градењето на многукатни иконостаси со кои буквално е заѕидан олтарот и сето она што во него се случува. За потсетување е секако дека во првите векови од христијанство сите учесници на светата Литургија биле собрани околу Трпезата, а до деветтиот век иконостас и не постоел во православните храмови. Вториот чекор е нивното одделување од вистинското литургиско време за причестувањето. Третиот чекор е можноста верните и да не доаѓаат во храмот на Литургија, кога и онака многу повеќе може да се види од малите екрани. Дали е ова протокол на своевидна христијанска анти-мисија? Без разлика, тоа во голема мера потсетува на онаа вознемирувачки точна песна на Вилијам Блејк - "Видов црквичка сета од злато".
 
Трет пример и трет симптом: отуѓеност / дезинтеграција.

  Мисијата на црквата, независно од медиумите, никогаш не била доктринарно или ерархиски детерминирана, таа, ќе повторам, се дефинира како откровение на светињата со свет живот, сведочење со живот за Животот, и суштински происходи од опитот во светото предание. Мисијата извира и се влева во човекот потопувајќи го и преобразувајќи го во енергијата на Светиот Дух. Имено од тој аспект разбирливи се зборовите на Спасителот кои се однесуваат на христијанската мисија: "Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!"

ПРАВОСЛАВЕН ПАТ- (наскоро ќе излезе во продажба)

Прочитано: {moshits} 

metodij.jpg
 
Епископ Велички Методиј
ЛАИЦИТЕТ БУКВАЛНО


За новите Европејци, добро наклукани со позитивизмите на материјалистичките идеологии, семантиката на религиозно искуство најчесто кореспондира со извесни форми на ограничување или злоупотреба. Никогаш не треба да се потценува силата на одбивањето. Имено затоа, деценија наназад, за периодот во којшто живееме се одомаќинува изразот пост-христијанско раздобје, а на хуманизмот, односно алтуизмот, во неговите актуелни концепции видливо смислено му се ампутира вкоренетата религиозна конотација. Ваквиот процес на секуларизација, конечно, недвосмислено се поддржува и со актуелизирање на т.н. лаицитет, или поедноставно кажано, концепт на одвојување на црквата (религиозната заедница, или заедници) од државата. Се разбира, тој принцип не е измислен вчера, а уште повеќе не е толку едноставен и еднослоен како што на прв поглед некому изгледа.

Коренот на терминот упатува на архаичниот христијански назив за народ Божји - лаос, а поимот лаик, во таа смисла, се однесува на член на Црквата кој не е во свештен чин, т.е. мирско лице. Денешното значење кое под лаик подразбира неупатен, т.е. некомпетентен човек е плод на клерикализмот кој го апстрахира првичното значење до антитеза. Во таа примарна конотација лаицитет би значел обнародување или понароднување - на општеството, конкретно, што од друга страна е варијација на поимот демократизација.

Започнувам со етимологијата бидејќи таа без непотребни заобиколувања и теоретизирања ќе нî доведе до срцето на проблемот. Предисторијата на лаицитетот се врзува за секуларизацијата на Парискиот универзитет некаде во 14-от век, или, според други теории, од времето на Француската буржоаска револуција. За овие два настана многу е пишувано и прикажувано, и тие со својот историски багаж му даваат дополнителен подтекст на феноменот лаиситî. Основната причина заради која се јавува идејата за лаификација е со векови присутната колизија меѓу цезаропапизмот и папоцезаризмот, појави кои од друга страна немаат никаква врска со Константиновата симфонија. Трансвестијата, со која државата глуми црква, или црквата глуми држава, е фатална за општеството и неговите чинители. Овие два ентитета природно се допираат не во полето на владеење или во ингеренциите, туку во човекот кој истовремено може да биде и граѓанин и верник. Со мешање на компетенциите, всушност, се создава насилна состојба во која човекот треба да бира дали е граѓанин или верник, што од своја страна е продуцирање на една латентна шизофренија и во поединецот и во заедницата.

Личната религиозност не е политичка опција. Исто така и политичкиот (граѓанскиот) став и ориентација не е конфесија. Симфонијата е можна само доколку е јасно дефинирано нивното взаемодејствие. Според Миланскиот едикт на свети Константин Велики, соработката меѓу земната и небесната власт е можна доколку во една здрава и силна држава (каква што била Византија во тоа време, на пример) се гарантира религиозната слобода, или како што буквално е запишано во едиктот: секому се дозволува да верува онака, како што наоѓа за сходно. Грижата за религиозните слободи на цркавата í ја доделува функцијата да биде совест на државата; душа на државата. Од друга страна, пак, божествената инвеститура брз државната власт овозможува таа да ја има функцијата на тело на црквата, чувар на законите и поредокот. Како два аспекта на животот битие на општеството тие имено на тој начин можеле да функционираат во синергија. Во моментот кога едниот ентитет посегнува по функциите на другиот, патологијата на горе спомнатите цезаропапизам и папоцезаризам резултира со онтолошка дисхармонија на севкупниот систем. Наместо соработка, односот меѓу црквата и државата се претвора во непомирливо ривалство и неуморно надмудрување. Противречност која за крајна инстанца ја има дисквалификацијата на оној другиот. Црквата нема потреба од држава, а државата нема потреба од црква. Како последица се јавува или теократијата или атеистичкиот тоталитаризам.

Од времето кога поимот со новата конотација влегува во употреба, коренито се менуваат и релациите меѓу црквата и државата во европските општества. Тоа се рефликтира и на односот меѓу науката и религијата, глобално. Фактичката поларизација на овие два ентитета со ист корен и долга заедничка историја им ја задава улогата на спротивставени идиолекти, односно  дискурси на спротивставените институции во општеството - духовната и световната власт.

Со ваква насока, еволуцијата на концептот на лаицитет логично и нужно доведува до становиштето според кое релациите меѓу црквата и државата треба сосема да се изолираат со невидлива бариера, со потполен прекин на комуникацијата и соработката меѓу нив. Ваквиот берлински ѕид, во основа, е повторно заговарање на шизофренија во индивидуата и заедницата. За религиозниот човек, државата ќе претставува непријател кој врши репресија на она со што тој се идентификува. За секуларниот граѓанин, пак, црквата е некаков анахронизам кој само го забавува или комплицира развојот на државата. Ваквата диоптрија е фатална. Имено зато решението не е во екстремите. Соработката меѓу црквата (религиозната заедница, или заедници) и државата е од витално значење, но само доколку тие го чуваат и својот интегритет и интегритетот на другиот. Таквата лаификација или лаицитет, како нов чекор во демократизацијата (обнародувањето) е навистина корисно. Само таа ќе може да ги зацврсти темелите на општеството. Нашето искуство во тоа, низ призмата на Миланскиот едикт, треба да е многу поголемо од она на европските општества.

Посети: {moshits}


Епископ Велички Методиј





 
Нема социјална категорија со поголема концентрација на суеверие, денес, од еснафот на интелектуалците. За тоа постојат цели колекции од трагикомични искуства. Трагикомичното, пак, и на театарската сцена, а уште повеќе во животот не е нешто смешно, туку напротив... Едноставно, парадоксално е и несфатливо, како тоа тие што со своето високо образование и бургерска етикеција се далеку од селските огништа на своите предци од пред колено до две (некаде дури и три), се враќаат на субкултурното (читај - опскурното) милје и религиозниот примитивизам несвојствен дури ни за нивните неписмени, но благоверни баби и прабаби, се разбира со извесни преседани. Мултикултурноста и интеррелигизноста на празноверието оди до таму, што многу често за предмет на магиското решавање на проблемите од спиритуален или психосоматски карактер, покрај жонглирањето со свеќи и крстови, водички и пепел, колење и јадење курбани и широк репертоар на какофонична глосолалија (неартикулирано мрморење), се посегнува по разни псевдо-исламски китапчиња, пусулчиња и амајлии направени со жива, - метал во течна состојба со висок процент на токсичност во процесот на оксидацијата. Ова е факт со кој секој чесен граѓанин што завршил задолжително основно образование се сретнал на часовите по хемија, или како дете добил ќотек, ако, играјќи си, го скршил стаклениот топломер. Сепак, духовно и физички отровните живини амајлии држат вртоглави цени. Нивната бесмисленост е правопропорционална на степенот на спремност на конзументите на баењето и гатањето да ги упропастат своите материјални ресурси. Мотивите со кои се пристапува на ваквите несреќни и би рекол автодеструктивни потфати не можат да се донабројат. Сепак нешто е очигледно и симптоматично. Ваквото патолошко однесување е израз на една цела низа од кризи и аномалии во чинителите на нашиот општествен и културен живот, т.е. граѓанството. Не се работи за една рана, туку за легион.

Ако треба од некаде да се почне тоа секако е нездравата љубопитност, или грдата навика се да ни е поинтересно од нашите вистински и лични проблеми и обврски. Имаме потреба да знаеме се. Токму затоа сме импресионирани до зајапуреност кога некоја бизарна креатура во некое темно одајче или од малите екрани за поприлична сума се ќе ни погоди(!). Тоа едноставно не хипнотизира. Не мрднуваме со прст за да си  го подобриме животот или да сфатиме дека во нас е решението на проблемот, но сакаме да си ја знаеме иднината и истата ја препуштаме во моќта на гравот или таротот. Стануваме робови на шпил карти со кичерајски илустрации, притоа плаќајќи дебело за сопственото ропство. За апсурдот да биде поголем ни еден здраворазумски и конструктивен совет не го прифаќаме, но магливата мистификација на гатачките двосмислици (бесмислици) ги извршуваме како роботи. Кога човек од страна ги гледа овие работи просто се прашува дали е доволно бравите на болницата во Бардовци само да се стават на обратната страна, инаку не се знае кој е за надвор, а кој за внатре.

И според световната и според христијанската антропологија човекот е апсолутно слободно битие, иако концептот на слобода е различен. Сепак, сведоци сме, бесценетиот дар на слободата, а оттаму и на креативноста (трудољубивоста, дисциплинираноста, активизмот, истрајноста...) се уништуваат безмилосно и без трошка словест.

Главното оружје со кое оперираат сите профитери од човековата несреќа е стравот. Стравот кој произлегува од рудиментираната вера во се и сешто. Таа вера дури се претвора и во својата спротивност. Страв заради недоверба во се и сешто. И кругот на апсурдот се затвора. Недефинирани верници, односно недефинирани неверници, исти како јајце на јајце, секоја вечер на некој од телевизиските канали (нашите прозорци кон светот и светлата иднина), зјапаат во културно-забавната демонијада на виртуозните гуруа во вештината на лажењето. Забава за целото семејство. Духовен геноцид. Не случајно во цивилизираните земји ваквите активности се ставени вон закон и етикетирани се како психолошки тероризам. Кое нормално демократско општество би поддржувало, преку медиумите и во физичката средина, самонаречени специјалисти во магиски култови за создавање и ширење страв и суеверија меѓу граѓаните? Таквата појава, дури и од невнимание, не само што би била контрапродуктивна за заедницата, туку и целокупниот нејзин систем  го фрла во кромоњонски нихилизам. Кај нас, за жал, ова перверзно профитерство се третира како културолошки и етнографски феномен.

На една јавна пригода, поточно трибина, една госпоѓа мошне луцидно во контекст на човековите визии за подобро општество, ми се обрати со констатацијата дека бесмислено е динамиката на нашиот креативен потенцијал како разумни битија да го сведуваме, како што таа се изрази, на три свеќи, пет свеќи, алудирајќи на фамозните ТВ-гатачи. Поентата и беше брилијантна. Чиста философија. Нашата разумност е над секоја материјална твар. Со стравот и суеверието се отвараме за разорното дејство на магиските бесмислици. Стравот дека некој ни направил магија. Дека сме згазнале на некое валкано врзопче полно со незнам каква умислена сила. Со такво подозрение ќе се претвориме во параноици исплашени и од воздухот што го дишеме. За потсетување: паранојата не е расположение, туку психичка болест. Наместо задоволни и реализирани, храбри и здравоверни личности, верувањето во гатачи и бајачи не претвора во духовно и телесно парализирани пациенти со глувчешка психологија. Една библиска дефиниција, од книгата на премудроста на цар Соломон, вели: Стравот не е ништо друго, туку отфрлање на помошта што ни ја дава здравиот разум. Мислам дека нема поексплицитна дијагноза за оваа патолошка состојба. Но, се прашувам, дали стравот веќе станал наша втора природа, та буквално се давиме во суеверие, во дефетизам и бесплодност? Каде ни е здравиот разум? Дали благородната Соломонова логика сосема не напуштила?



Неделно Време 2006
 
Посети: {moshits}


Епископ Велички Методиј



Гревот не е наследна категорија. Сепак, тоа не значи дека совеста на секоја епоха, на секоја човечка генерација не е обременета со некој кардинален (смртен) грев, подеднакво отсекогаш присутен колку и самосвоен и на некој начин нов. Петното на совеста на нашето време е трагичната незаинтересираност за оној другиот, за нашиот ближен. Толку повторуваната парабола за милостивиот Самарјанин избледела во нашето сеќавање. Од друга страна, пак, парадоксот да е поголем, како никогаш до сега, јаството и другоста не била по популарна тема и предмет на бројни постмодернистички и постструктуралистички диспути и медитации. Далеку од тоа дека не ни текнува, но сувата спекулација е изгледа послатка од конкретното дејствување. Од саможртвениот подвиг. Папагалски повторувајќи ги стратегиите и критериумите на демократскиот свет надвор од транзиција, со хипнотичка упорност дебатираме за тоа како треба да се зголеми нивото на хуманост, поорганизирано да им пристапиме на каритативните акции, да им го олесниме животот на хендикепираните лица и т.н. Тони и тони хартија за договори, програми и флаери. Огромни пари за трибини и експертски конференции во странство. Плева од невладини организации полни со пароли за човекољубие како кокошки со неснесени јајца. Експериментални проекти кои завршуваат за пократко време од она, што им било потребно да започнат. Мислам дури доколку секоја од нив се погрижи за само по едно немоќно или хендикепирано лице, за пет минути ќе станеме хуманитарна Атлантида... Само празни зборови, а да се љуби теоретски е мошне лесно. Изгледа клучот е во глаголското време. Идејата не е да го згрижиме и нахраниме страдалникот, туку да го згрижуваме и храниме, помпезно и без прекин, се додека тоа лицемерно душегрижништво (како повратна спрега) ја храни нашата суета. Хуманизам заради хуманизам.

Ако светот во којшто живееме е суров и несносен заради страобалната алиенација и саможивост, таа е двојно и повеќекратно таква за луѓето со посебни потреби. Како еден човек со оштетен вид би се снашол сам во продавница? Како ќе си купи лекови, ако на продуктите и лековите во слободна продажба нема информации со брајова азбука (барем името на продуктот и датумот на производство)? Како ќе се користи со лифт, на пример, ако на лифтовите не се ставени знаци кои тој може да ги прочита? Во градот само неколку раскрсници имаат и звучна сигнализација, иако и светлосната, патем речено, ретко се почитува.

Еден мој драг пријател, млад човек кој по тешка сообраќајна несреќа со години сосема е врзан за инвалидска количка, има сериозни проблеми да оди во црква, меѓу другото, бидејќи пристапот до неа, заради немање соодветна рампа му е невозможен. Конечно, нашите средби се редовно на платото пред соборниот храм Свети Климент, за него ретка духовна оаза во градов. Но што значи тоа кога неговиот дом е во една од приградските населби. Ист е случајот со пристапот до многу јавни институции и културни установи. За приватни посети по станбените згради и семејните куќи не станува ни збор. Неговите забелешки и неговата мака, за жал, не се осамен повик за внимание. Колку луѓе со сериозни психички дисхармонии талкаат по градов, ни болни, ни здрави, но по правило заборавени? Решението не се состои во тоа да ги наполниме психијатриските клиники и да го очистиме нашето окружување од потсетниците на нашата бесчувствителност. Полесно ни е да се срамиме од нив и да ги затвараме, одошто да го понесеме нивниот крст и да им ја ублажиме агонијата.

Се почесто слушаме за старци и старици кои последните мигови од својот живот ги минуваат сосема сами. Дури по неколку дена соседите ќе забележат дека нивниот ближен се упокоил, го напуштил овој свет кој заради нашата незаинтересираност се претвора во духовна пустина. На ум ми доаѓа саркастичната крилатица на Андриќ, дека сите сме веќе мртви, само чекаме ред да не закопаат.

Заради Танталовиот зобник на нашите ненаситни желби, мечти и амбиции, една од друга по нереални и по бесмислени, не сме во состојба да застанеме, да замолчиме, да ја почувствуваме светската болка и да се помолиме за олеснување и запирање на страдањата во кои светот се дави. Имаме огромна потреба од молитва. Дури и вестите за гигантските катастрофи и смртта на илјадници луѓе, наши браќа и сестри од онаа страна на планетата, ги примаме ладнокрвно, како бројка.

Изгледа хиспаноамериканските серии, политичките препукувања и економската криза толку не збалосале што од шум(ата) не ги гледаме дрвјата. Се соживуваме со измислени патетики, со режирано херојство и со тривијални последици на сопствениот дефетизам, а реалното страдание, од крв и месо што се вели, го презираме и забораваме. Дали е тоа некој проблем со сетилата?

Во еден брилијантен расказ, Иван Буњин зборува за Бернар, постојаниот сопатник на Мопасан на неговите пловидби по Медитеранот. Оваа кротка душа, како забележува рускиот нобеловец, непрестано се грижела за секој детал на јахтата Бел Ами. Бернар не дозволувал ни една капка вода да падне на некој метален дел. Го загрижувала неочекуваната морска струја од спротивен правец, која значела појава на ветер некаде на отворено море. Или облаци над Естерел, кои навестувале маестрал на запад... Но каква корист имал ближниот, се прашува Буњин, од тоа што Бернар веднаш ја бришел таа капка? А ете, тој сепак го правел тоа. Та и сам Бог, вели тој, сака се да биде добро. Тој се радува, кога ќе види дека оние што ги создал се навистина добри. А Бернар бил токму таков и тоа не од страв, туку од љубов.

Ревноста на Бернар, колку и да е инспиративна и приемчива, очајнички недостасува во светот денес. Неговата доблест често ја немаме дури ни од површен малограѓански срам. Имаме огромна потреба од молитва.

Неделно Време

  Посети: {moshits}


Дури и во американските мегалополиси, првата асоцијација на православен им е, на пример, припадност на јудеистичката религија

 

 
Паралелно со екстремно помодното психологизирање на христијанската духовност, во почетокот од овој трет христијански милениум, современите теолози и симпатизери на богословската мисла сe повеќе и почесто се зафаќаат со минуциозно сецирање и преисчитување на поимот православие - ортодоксија. Како да сакаат во него да разоткријат некое значење кое досега останало скриено за нашето познание. Но, ваквата претпоставка, за жал, ни од далеку не е точна. Причините за хипнотичкото медитирање врз овој поим во последно време не произлегуваат толку од противречностите во неговото разбирање, иако тезите кои ја застапуваат односната полисемантичка потка со инсистирање на ексклузивно елинистички, ексклузивно славјански, ексклузивно локалпатриотски или ексклузивно западњачки (либерализирани, глобализирани) нијанси се симптом за себе. Едноставно кажано, не се работи за тоа дека луѓето различно го разбираат, туку воопшто не разбираат што е тоа православие. Дури и во мошне фреквентните милјеа на американските мегалополиси, каде што се испреплетуваат без малку сите култури и религии, можете да сретнете луѓе, во основа религиозни, дури и активни членови на некоја христијанска деноминација, за кои првата асоцијација на одговорот дека сте православен им е, на пример, припадност на јудеистичката религија. За мнозинството, типично секуларизирани луѓе, ортодоксијата е, генерално, еднаква на религиозен фанатизам од непознат или универзален вид.
Која е причината за ваквиот вакуум во разбирањето на источното христијанство како православна вера? Причини, всушност, има повеќе. Клучна е секако недоволно активната и недоволно автентичната мисија на црквата. Во анемичната ангажираност која се огледа првенствено во промашувањето на целта. Од една страна, мошне често се потенцира важноста од учеството на црквата во животот на современиот човек. Се проповеда каритативен активизам како замена за подвижничкиот етос. Ова е пристапот на теолозите-либерали. Нивниот став е дека христијанството треба да му се приспособи на современиот живот. Дека црквата треба да се модернизира. Дека светото предание е археологија. Од есхатолошки аспект, тоа би значело дека она што е поставено на вечни и апсолутни основи треба да се приспособува и менува во зависност од трендот и актуелните тенденции на доминирачката цивилизација. А цивилизации се раѓаат и умираат.

Од друга страна, според становиштето на традиционалистите, како лек за духовната криза на современиот човек се нуди религиозниот маниризам во кој папагалски треба да се имитира некој пуритански модел на религиозност, сите негови форми и обрасци, без оглед на видливо анахроните несообразности со денешнината, сосема отфрлајќи ги објективните состојби и потреби на човекот жеден за Бога. За жал и мисијата на помодарците и мисијата на конзервативците, како што веќе рековме, ја промашува целта. Христијанството е вечно и универзално. Тоа не е ниту мода ниту култура, туку ново творение кое ги преобразува и трендовите и културите. Неговата динамична функција не се содржи и не може да се содржи во некаква апсурдна мимеза на актуелното или древното, туку во делотворната љубов со која тоа (Христовото евангелие) ја привлекува кон движење, кон преобразување, односно преумување и, конечно, кон спасение секоја личност поединечно. Како личност. Делотворната љубов, пак, трудот да му се прости на ближниот, да се почитува и љуби со сите негови слабости и доблести, во него да се види сопственото спасение, подеднакво му е современа и авангардна, ако сакате, и на времето на апостолите, и во ренесансата, па и денес.

На кој начин православната црква во нашево време, или поточно гетоизираните етнорелигиозни институции популарно наречени помесни цркви (и овој еуфемизам е симптом), го сведочат вечно живото и оживувачко евангелие на спасителот? И дали институционализираната религиозност е она во што се претвори малото Христово стадо, кое беше гонето од декадентните пагански религии на доцната антика за божемен атеизам, заради својата антирелигиозна и неформална организираност. Но, ако црквата е институција, па макар и небоземна институција, како што сакаат некои западно ориентирани теолози да ја наречат, дали човекот е во состојба да ја препознае како нешто различно од шаренилото на светските институции; како нешто што не му припаѓа на овој свет? Конечно, дали е поважно да го еманципираме нашиот современик од одбивноста кон ортодоксијата сфатена како верски фанатизам или од одбивноста кон каква било ортодоксија? Овие прашања елегантно можеме да ги прогласиме за реторички. И Понтиј Пилат би ни позавидел. Но, луѓето по белиот свет и понатаму нема да знаат дека покрај римокатолиците и реформистите, постои и некоја деноминација на православни христијани. Христијани кои го негуваат духот на автентичното христијанство од времето на апостолите. Дури кога вака ќе се расчлени сложенката право-славие започнуваат да се изројуваат безброј прашања и самопроверки, чиј најмал заеднички содржател е следново: дали на дело православието денес е токму тоа, чување и негување на духот и етосот на црквата од апостолско време? Есхатолошкиот оптимизам и едноставноста во духот на соборната љубов, која жителот на урбаната џунгла на Западот може да ја препознае и почувствува, а таа, новото творение, да го припитоми и освети.

Реалноста од оваа интерконтинентална перспектива е сосема поинаква. Ако и може да се распознае нешто, барем нешто поинакво, тогаш тоа е некое грчко православие, или руско православие итн., некакви мали етно-религиозни ентитети во кои се негува извесна локална ориентална духовна култура од христијански происход.

Ваквата маргинализирана позиција во свеста на другиот треба сериозно да не' растрезни. Црквата треба да егзистира кротко и скромно, истрајно и бескомпромисно, како и нејзиниот создател, но тоа не значи таа да биде гетоизирана однадвор или однатре. Она што е забележливо е дека и екстерната изолација, преку концептите на лаицитет, кои имаат добра поента (одвоеност на црквата и политиката), не се вулгарен социологизам во суштина, како и интерната изолација, преку робувањето на митолошката мегаломанија за предиспонирана богоизбраност, што е болката која, не христијанството, туку христијаните ја наследија од етосот на фарисеите - се закана за мисијата на црквата и голем срам за нејзината пастирска педагогија. Секоја религиозност е формализам. Секоја религиозност, ќе се осмелиме да кажеме, е еден вид фанатизам. Но, религиозноста нема никаква истоветност со верата. Верата не подразбира однос кон Бога, кон божјата наука. Верата е учество, личен опит во Бога, учество во божјата наука која се сведочи со живот, а не со уста.



Американско-Канадски Митрополит, г. Методиј

 Посети: {moshits}

Митрополит Методиј Златанов


 


Како по законот на акција и реакција, либералистичкиот диктат за потполната разединетост на Црквата и Државата, истовремено најстарото и најмладото чедо на секуларизмот (парадокс!), особено на неговата декадентна фаза што ја живееме денес, го зголеми интересот и за феноменот наречен Константинова Симфонија. Она што пред повеќе од шеснаесет столетија беше идеал на византискиот комонвелт, стана провокација и камен на сопнување за кревкиот комонвелт на Ѕевсовата возљубена. Историчарите на философијата, социолозите на религијата, теолозите, политиколозите, особено од традиционално православните земји, посветуваат бескрајни анализи и острастени апологии на оваа тема, која беспрекорно се вклопува во вртоглавите комбинаторики на пост-пост-модерната европска мисловна матрица. Поларизацијата на овие две тенденции, за и против единството на Црквата и Државата, сепак, остануваат во рамките на едниот и ист секуларистички контест, само со предзнакот лево или десно според политичката, а подеднакво и психолошката ориентација.

Православието, иронично, како да го нема овој проблем. Една од главните движечки сили на неговата актуелна криза е митот за империјалната Црква на Вториот Рим - душата на христијанската Империја која и денес егзистира во прегратките на своите рудиментирани клонови, т.н. православни држави. Идеалот за универзалната христијанска теократија, отелотворена барем во вид на извесна иконографска блазираност, претеран литургиски формализам или понекоја реторичка воздишка во високопарните диспути на мошне приземни теми, го раскриваат тој патолошки курс по кој се движат помесните православни цркви, комфорно зачаурени во своите автокефалности и автономии, вселенскости и патриотскости, во своите помодности или конзервативности... Она што ги обединува е митот за царската црква и благочестивата држава, мит можеби не постар од оној за Нарцис и Ехо, но секако подеднакво трагичен. Низ диоптријата на овој мит, од гетата на институционализираното христијанство, автокефалните цркви, кои се уште ја исповедаат еклисиологијата на Едната Света Соборна и Апостолска Црква (повторно парадокс!), секој епископ или свештеник е инкарнација на византискиот имератор. Во однесувањето, во облекувањето, во власта. До апсурд помпезна мимеза на одличја, обичај и осет, кои некогаш, во некоја друга, митологизирана стварност му припаѓаа на еден замислен брак. Конечно, како во периодот на претсмртната агонија на Византија, веќе покорена од иноверците. И како за чудо, токму тој, најтрагичниот дел од митот, има ексклузивно место во свеста на современите поклоници. На неутралната територија на Новиот Свет сево ова изгледа застрашувачки очигледно.
Митот по правило е неразделен од некој суштински парадокс. Во нашиов случај се работи за цела колекција. Една можеби премногу симплифицирана дефиниција не е далеку од вистината: Државата е деперсонализирана наследничка на паганските божества. Од римска (византиска) провиниенција. За судбина или фатум, овој цивилизациски корпус е премногу прагматичен. Култот кон земјата и народот ги неутрализираат сите други верувања, барем за некое историско време. Црквата е Богочовечка заедница. Таа не му припаѓа на овој свет. Таа воедно не е институција. Нејзиното срце е Литургијата. Кој е заедничкиот именител на овие два ентитета, тогаш? Евентуално, нешто што подеднакво суштински ги негира и идниот и другиот.

Митологизираната свест на православните христијани денес сосема е асимилирана од идеалот за универзалната империјална Црква. Еклисијалниот универзализам проециран од политичката мегаломанија на вселенската империја е манир со кој се хранат етнофилетистичките синергии на политиката и религијата. Ни малку поразлично од средновековниот сон на секој ситен феудален владетел на православниот Исток, кој тежнеел да седне на византискиот царски трон. Истовремено секоја помесна православна црква грозничаво се држи до сепаратистичкиот, тесно национален принцип на автокефалија. Толку е важно кој од кого е признат или непризнат, што едвам може да се соберат две диецези да отслужат заеднички една Божествена Литургија. Се случува, православни христијани, клирици или лаици, во зависност од гореспомнатиот степен на признатост, или во зависност од тоа на кој тип календарци припаѓат, во зависност од широчината на ракавите или цената на чинењето на богослужбените одежди, заборавајќи го фактот дека Христос не се распна и не воскресна само за една автокефалистичка елита, туку за сите луѓе, да се однесуваат еден кон друг како лепрозни, благо кажано. Но зарем Спасителот не ги разобличуваше фарисеите токму за тие нешта? Зарем богослужбените одежди не произлегуваат токму од крпата со која Тој се препаша кога им ги миеше нозете на апостолите? Објективно чувство на криза речиси не постои. Во секој поголем американски град, често и во еден кварт или на иста улица, коегзистираат (тоа е најсоодветниот израз) две, па и повеќе православни диецези, кои служат иста Литургија, исповедаат еден и ист Символ на верата и се декларираат како припадници на Едната Света Соборна и Апостолска Црква, но воедно себе си се сметаат за единствена православна црква на таа територија. Зошто инаку еден град, една иста ерархиска диецеза, би била епископска катедра на повеќе истоверни архиереи? Тоа не само што е еклисиолошки апсурд, туку и показател на сериозно нарушување на верноста и кон догматското предание и кон евангелската мисија на Црквата. Бев изненаден кога по краток разговор со еден студент на православен институт во Америка, патем кажано зборувавме на руски,  се испостави дека тој е бразилец. Се прашувам, која е смислата еден бразилец да стане православен, исклучиво на тој начин што сосема ќе го апсорбира во својот живот рускиот национален етос, и тоа среде Америка? Зарем не е тоа симптом на истиот религиозен империјализам иманентен на митот за симфонијата на православна Византија и византиско Православие, исцениран во небулозните амбиции на помесните православни цркви денес? Под тоа и такво влијание, Црквата во актуелниов свет има само декоративна функција, Литургијата е спектакл, позлатена рамка за долгометражните изјави на љубов меѓу религиозноста и патриотизмот, зачинети со носталгичните визии за третиот Рим, четвртиот Рим, ... ен-тиот Рим, се подалеку и подалеку од Небесниот Ерусалим.
 
Посети: {moshits}

Видео содржини

Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Ноември 25, 2018

Акатист кон свети Нектариј Егински

КОНДАК 12Трудејќи се, си ја умножил благодатта дадена од Бога, рабу Божји, добар и верен Нектариј, затоа направи и ние да ја завршиме духовната работа и стекнувајќи ја заработката, да Му запееме на Христа: Алилуја!
Октомври 30, 2018

Житие на преподобна Параскева – Петка (Епиватска или Трновска)

Света и преблажена маченичко Христова Параскево, убавино на девственичките, пофалбо на мачениците, пример за чистота, огледало на велокодушните, восхит на премудрите, чуварко на верата христијанска, изобличителке на лагата идолска, поборничке на Божественото…

Светскиот првак Адам Ондра во посета на Бигорскиот и Рајчичкиот манастир

Окт 28, 2018 Настани 756
Деновиве нашите две свештени Обители, Бигорски и Рајчица, ги посети во светски рамки…

ПРЕПОДОБЕН ПАХОМИЈ ВЕЛИКИ

Окт 18, 2018 Житија 1035
Паралелно со преподобниот Антониј Велики, основачот на пустинското, анахоретско монаштво,…

СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН ЖИВОТОПИС, ТВОРЕШТВО И КАРАКТЕРИСТИКА

Окт 18, 2018 Житија 983
Над сè, свети Ефрем си останува прекрасен проповедник – амвонот е почеток и крај на…

Беседи

Митрополит Струмички Наум - Моќно превентивно или ризично куративно

Митрополит Струмички Наум - Моќно превентивно или ризично куративно

Бог е совршен, и како совршен, сѐ што прави – прави совршено. Кога Бог го направи човекот, всушност, направи бог – иако не по природа. Направи човекобог, кој треба да...

Жарко Ѓорѓиевски - Недела на преподобна Марија Египетска

Жарко Ѓорѓиевски - Недела на преподобна Марија Египетска

Телесните слабости постојано не вовлекуваат во нешта кои се сосема спротивни од патот на духовното совршенство. Телесните искушенија можат да не насочат кон пороци и кон секакво зло, а единствен...

Митрополит Струмички Наум: „Учителка“

Митрополит Струмички Наум: „Учителка“

Ајде повторно и оваа година – како во годините наназад, на Нејзиниот ден, да го обновиме нашиот подвиг – молитвеното правило „Богородице Дево...“ Оваа молитва, за нас раслабените, е последна...

БEСEДА за сeмoќта на збoрoт Бoжји

БEСEДА за сeмoќта на збoрoт Бoжји

Нo пoстoи рeд и начин пoмeѓу тваритe, видлив и дoстапeн за нас луѓeтo, а пoстoи рeд и начин нeвидлив и нeдoстапeн. Спoрeд тoј нeвидлив и нeдoстапeн рeд и начин, кoј...

Празникот Благовештение – првиот цвет на Пасхата

Празникот Благовештение – првиот цвет на Пасхата

Ете она што дојде да нѐ повика, сега ни се јави: Бог надумно се соединува со луѓето; со гласот на Архангелот прелеста се изгонува, а Дева радост прима; небото слегува...

Викарен Епископ Стобиски г. Јаков: Жртвена прегратка (31.03.2019)

Викарен Епископ Стобиски г. Јаков: Жртвена прегратка (31.03.2019)

Ако ги приклониме колената, а во срцето свое, во вистинскиот храм во кој Бог се вселува, не го поставиме Крстот, сме го промашиле суштинското значење на празникот, затоа што тоа...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥ Недела Крстопоклона (III Недела на Великиот Пост) ✥ 31.03.2019

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥ Недела Крстопоклона (III Недела на Великиот Пост) ✥ 31.03.2019

Според својата слободна волја човекот паднал во грев, па затоа и според својата слободна волја треба да се лекува и на крајот излечи од гревот и смртта. Бог не ги...

Викарниот Епископ Стобиски г. Јаков : „Ако нашата молитва не го опфати целиот свет, не сме Христови и не сме деца на Пресвета Богородица“

Викарниот Епископ Стобиски г. Јаков : „Ако нашата молитва не го опфати целиот свет, не сме Христови и не сме деца на Пресвета Богородица“

Знаеме дека за секој дар што од Бог го добиваме, го добиваме од Неа и преку Неа, и поради Нејзините молитви, бидејќи самите со ништо не сме го заслужиле. Сѐ...

Протоереј Драган Јанковски: Втора недела од Велигденскиот пост

Протоереј Драган Јанковски: Втора недела од Велигденскиот пост

Човекот кога му прави добро на својот ближен, тоа е вистинска добродетел, која Му е угодна на Бога. Оваа вистина ја посведочува и самиот Господ Исус Христос, бидејќи не само...

« »