Оние што ја читаа мојата минатонеделна колумна знаат дека за мене настаните во храмот „Свети Димитрија“ воопшто не се чудо, оти не ми е чудна божјата промисла што ја има секаде околу нас, само што ние духовно паднати, тешко ја забележуваме, па кога ќе се случи понагласено, се чудиме. Значи бидна „чудото“ и многумина од нас најискрено му се израдуваа. Неколку дена по ова се појавија и чудовиштата. Невидливи за нас, направија видлив масакр. Онаму каде што има добро, секогаш се појавува и злото. Колку што добрината е почудесна, толку чудовиштата се поагресивни. Така злото нас нѐ искушува, сака да му го предадеме сето наше срце, да станеме од сѐ срце злобни. А, оттаму, каде што злото ни го диктира ритамот на постоењето, е оттаму тешко се враќа во божествен ритам.
 
Нарачателите на петкратното убиство или самите убијци, доколку немало нарачатели, не се ништо друго туку чудовишта. Ама сигурно не се глупи. Јас сум убеден дека тие планирале на нивното злосторство да се налепат токму такви, глупи луѓе, луѓе што тешко се вмрежуваат во реалниот живот, па затоа сето свое време го поминуваат на социјални мрежи, луѓе осамени, нељубени, емотивно затапени, луѓе бесни на сиот свет, кои тешко ја гледаат гредата во своето око, па затоа секогаш ја бараат раската во туѓото. Таквите луѓе лесно се полнат со неконтролирана омраза. Јас сум убеден дека патот на крвниците не завршува кај Железарско Езеро. Нивната крајна цел е Советот за безбедност при Обединетите нации, каде што би се донела нова резолуција за територијалниот интегритет на Македонија и, се разбира, нејзиниот идентитет. Оваа нова резолуција што би се донела, нам сигурно нема да ни се допадне.
 
Наспроти сите теории што се појавија деновиве во јавноста, ова ви е мојата теорија. Знам дека нема воопшто да му помогне на МВР во истрагата, ама сакам да ја кажам. Но за да им успее оваа намера на чудовиштата, освен стравотен масакр, потребни им се и одмаздници што сигурно нема да ги казнат виновниците, ама затоа дефинитивно ќе убијат некој погрешен, ем невин, па така крвавото клопче чие одмотување треба да заврши во Њујорк ќе го почне својот осмислен пат. Ете ви го и мојот став за понеделничкиот протест, кој прерасна во каменување на полицијата и кршење излози. Разликата помеѓу овие гневни „деца“ и оние „правдољупци“ од гостиварските улици по двократното убиство не постои. И едните и другите, без разлика дали свесно или несвесно, влегоа во сценариото за уништување на македонскиот идентитет и затворање на македонското прашање како во не толку далечната 1913 година. Е, ама дури тогаш, дај боже да не дојде до тоа, ваквите како мене, кои се мнозинство во државава, ќе станат навистина гневни, а потоа, кога веќе нема да има што да се загуби, тешко дека ќе може некој да го контролира тој гнев. Затоа, мир таму, олабавете ги тастатурите и почнете да ги користите прстите за милување на некој што ви е во близина!
 
А, кога сме веќе кај тастатурите и гневот, јас бев полн со прашалници во моментите кога се расправав со многумина идни „одмаздници“, оти речиси сите до еден, онака хорски, ме маваа со аргументот, замисли убиените да бидат твои деца! Боже господе, како да замислам да бидат мои деца, кога немам деца? Како да замислам воопшто да имам деца, кога немам деца? А и да имам деца, како тоа да замислам децата да ми бидат убиени? Зарем несреќните родители замислувале такво нешто? Дај бре луѓе, оладете се! Добро, еве и да замислам. Имам дете и некој крвнички ми го зема детето. Во тој миг веројатно тоа ќе претставува искушување на најстрашно замислениот пекол.
 
И повеќе од тоа. Ама последно нешто што ќе посакам е во име на смртта на моето дете, некој трет, ем непознат, да тргне да се одмаздува и да зацрни други семејства. Каков ли ужас ќе носам во срцето ако почне војна до истребување, поради некој што се одмаздувал во име на моето дете? Не за џабе братот на највозрасниот убиен рибар мораше двапати да повтори убиствата кај Железарско Езеро да бидат последни. Откако ќе помине време од овој крвав пир на сега засега невидливите чудовишта, откако политичарите ќе си се преокупираат со локалните избори, а граѓаните ќе се вратат на своето секојдневие без чуда и чудовишта, од сите ликови, профили и приказни што се изредија на медиумите и социјалните мрежи, јас ќе го паметам само ликот на овој човек, братот на убиениот, оти неговиот збор треба да е последен среде оваа трагедија, а неговото големо срце, кое простува, да стане пример и за нашите срца. Затоа дајте да си ги зачуваме умот во главата и светлината на срцето во душата, дајте да не се налепуваме на секое смислено зло, оти така и ние стануваме чудовишта.
 
Се разбира, сето ова важи за мене, кој деновиве нервозно маваше по тастатурата и се расправаше со сиот распослан гнев на социјалните мрежи насочен спрема цел еден етникум. Важи за мене нервозниот, оти и јас си лачев отров во срцето, важи и за вас „одмаздниците“ што го лачевте истото. Доброто во сето ова е што навистина поголемиот број граѓани во нашава земја останаа достоинствени и чисти во душата. Ова само ми докажува дека овде сепак живее умен народ. А дека ние не сме изолирана паланка во која се случуваат масакри од невидени размери, доказ ни е реалноста што нѐ опкружува. Ние не сме посебни. Во не цел поминат месец се случи петкратното убиство во Македонија, се случи масакрот во еврејската детска градинка во Франција, излезе на суд и она чудовиште Брејвик, кој не само што не се кае, ами е горд на своето дело, па дури на унесреќените семејства в лице им кажа дека пак би убивал, ама и глави би сечел. И тој психопат уби тинејџери. Седумдесетина на број.
 
Чудовиштата се распослале секаде низ светот. Масакрите врз невини мажи, жени и деца во Авганистан и во Ирак веќе ни се толку нормални во нашето секојдневие што ги доживуваме како што Англичаните го доживуваат чајот во пет. Стануваме ли и ние чудовишта прифаќајќи го овој материјалистичко-геноциден свет? А, треба ли па да одговориме со иста мера? Еве го мојот заклучок! Тие што ритуално жртвуваат низ планетава Земја невини луѓе сакаат само две нешта од нас. Сакаат нивното жртвување да го прифатиме како нормално, сакаат и ние како одмаздници да почнеме да жртвуваме невини луѓе. Така ние се намалуваме, а тие профитираат. Вакви ли сме создадени по божјиот лик?
Покој за убиените, радост за нивните души онаму каде што се појдени, здрав ум и чисто срце за нас што сѐ уште сме живи!
Авторот е уметник 
   
Автор: Александар Русјаков

Извор: Нова Македонија