За мене најголемо чудо е тоа што мојава стара душа е сместена во ова тело, среде оваа чудесна планета, под ова совршено сонце, кое на Цветници нѐ огреа со исчистени фрески, восхитени луѓе и подигната енергија кај оние што не мораат да ја брендираат својата вера и љубовта кон творецот  
   
  
Денес сите се повикуваат на свои пријатели, ем научници, околу настаните во храмот „Свети Димитрија“. Еве и јас да се повикам на неколкумина свои блиски.

- Ние сме заборавиле дека во овој и ваков свет треба да ја разбереме чудесноста на постоењето, да ја разбереме тајната на нашето духовно будење, личносно созревање, очистување, обновување, овистинување, ољубовување, овечносување, богоуподобување&хеллип; – напиша во понеделникот отец Ивица.

- Супер ако има таква брзодејствувачка хемикалија, сега нека ги исчистат сите цркви во земјава прекуноќ – ми рече Борис во вторникот.
- Аууу, виде како сите атеисти одеднаш станаа и научници! – додаде Маријана во средата вечер.

- А што е битно што е? И фреските светат, и народот се радува, и вибрациите си се подигаат. Секогаш е божја промисла, па дури и кога некој намислил да манипулира, на крајот сепак направил добро дело, оти гледај како духот се крена кај луѓето. Наскоро треба и ние да почнеме да се прочистуваме како фреските, па да засветиме... – заокружи Петар во четвртокот сабајле.

Јас се согласувам со сѐ од ова горекажаното, ама колумнава за друго ми е. Многу брзо се делиме бе, луѓе! Онака баш сме поларизирани без суштина и смисла и тука Никола и Бранко најмалку ни се виновни, оти да бидеме реални, ниту тие се толку моќни ниту двајцата се занимаваат со нас, колку ние со нив. И сѐ нешто веднаш наоѓаме причина да се распукаме, па имаме патриоти и предавници (иако и едните и другите што делат вака, напикани во медиуми, се само платеници), имаме антички и словенски Македонци (иако второто име за племето Анти е Словени, ама кај нас политичарите глумат научници, додека историчарите си се озборуваат како политичари), и еве сега имаме верници и атеисти (иако и едните и другите ги соединува бог). И никако да ни текне дека сите сме едно под сонцето, создадени од иста божја честица. Ако не ми верувате мене, прашајте ја науката. Онаа што се одзива на името квантна физика.

Само да не се разбереме погрешно, оти тука има баш онакви чија суштина на постоењето е да разберат погрешно, за потоа најпогрешно да пренесат, не ми е мене поентата да ви тврдам дека сите сме едно, па сега мора сите еднакво да размислуваме и чувствуваме, туку сакам да ви посочам дека многу често кога непотребно со конфронтираме, пропуштаме да забележиме суштински работи. На пример, оној цитат горе со кој ја почнав оваа колумна. Вербално веднаш се потепавме дал слегол бог и зачистил или некој таен натрапник си играл со нас, користејќи џејмсбондовски хемикалии, а не сме избезумени од самите себе што групно, ем едноумно не реагираме на ужасите околу нас. За чудесноста ќе се потепаме, за ужасите сме единствени во рамнодушноста. Што не прочитав изминативе денови по ова Интернетов размрежен, кој ни ги дава сите информации во секунда, за да нѐ направи робови на дадените информации во секунда (гледајте го „Воли“, уште едно божјо чудо пратено преку авторите на овој анимиран филм), значи прочитав сѐ и сешто, те свети Димитрија се налутил поради градежните работи, те прекуноќ дејствувала пропагандната машинерија на Груевски, те било вообичаен хемиски процес, толку вообичаен што воопшто не е вообичаено да се случува, те МПЦ терало маркетинг и така до бескрај уште милион различни тврдења, ама сите овие „експерти“ ако ги седнеш пред телевизор и им пуштиш масакри, глад, фармација, сите, ама баш сите ќе ви речат, па тоа е нормално, парите го вртат светот, а оправданието ќе им гласи, а што па ние можеме да направиме. И затоа, господ да ја благослови сестра Макрина, зашто во право е, оти чудо е кога гледаме вести на која било ТВ-куќа и притоа око не ни трепнува.

Јас знам дека има луѓе што во моментов финансиски се активирани да плукаат по сѐ и сешто кога духот на народот се подига (не само кај нас, такви има во сиот овој контролиран свет), ама таквите не ме загрижуваат, особено овие нашиве не ме загрижуваат, оти јас нив повеќе ги вознемирувам, отколку што тие мене ми влијаат дури ги исмевам. Мене во оваа наша приказна ме чудат оние што себеси се нарекуваат верници. Кој мој се пенавите бе по социјални мрежи и докажувате нешто што не бара од вас да биде докажано? Што сте вие, портпароли на бога? За кој мој прогласувате неверници, хулачи и еретици, па отворате фронтови, посочувате со прст на поединци и групации, фрлате камења накај неистомисленици, демек ене ги дојдоа да ни го гнасат чудото, кое само за нас верниците е наменето? Алооо, времето што ви е дадено да го минувате во мир, љубов и верба, си го арчите на бес и етикетирање! Извинете на муабетов, ама мене ова ми личи на многу фејсбук-профили што човек може да ги сретне кај нас. Име, тоа и тоа, религија, православен христијанин, мото, сите педери да се набијат на кол. А бе ајде, кој ве учеше така? Исус ли? Демек вие во одбрана на љубовта и верата, ама со кол во раката! Разберете веќе еднаш ако ви се разбира, оној што на вас се гневи, има цел и вие да се разгневите на него, а тогаш верата можете само да си ја постирате на Фејсбук, оти ви е банирана во срцето. И сменете го стравот од бога со љубов кон бога, тогаш поубави ќе ви се видат неистомислениците.

А јас, ете, се чудам во колумнава, ама околу она што се случи во храмот „Свети Димитрија“, воопшто не се чудам, туку се радувам. Многу се радувам. И баш ми е гајле дали тим хемичари ќе ја откриваат откачената супстанција, оти и јас му велам браво на умниот Њутн што ја открил гравитацијата, ама знам дека некој морал со јаболко да го акне по глава за да му текне, баш ми е гајле дали ќе се соберат белосветски православни свештеници да го докажат, па да го прогласат чудото. За мене најголемо чудо е тоа што мојава стара душа е сместена во ова тело, среде оваа чудесна планета, под ова совршено сонце, кое на Цветници нѐ огреа со исчистени фрески, восхитени луѓе и подигната енергија кај оние што не мораат да ја брендираат својата вера и љубовта кон творецот. И никого нема да присилувам да верува во она во кое јас верувам, нема да ми пречи кога ќе се обидува да ме убеди во своето неверување, ама ќе се обидам да му го кажам она што јас сум го осознал без користење на лабораториски услови. Христос воскресе!
  
   
Автор: Александар Русјаков