Makrina.nov2.jpg

Една од најзабеганите философски теми на сите времиња се отвора со прашањето: имаме ли право на избор, ако сме условени уште од самото раѓање со тоа што не ги одбираме, туку „им паѓаме од небо“ (во буквална, но и во преносна смисла)на родителите, на бојата на кожата, на националноста, државноста и на крајот на краиштата, а без претензии  за премавнување на контекстот, и на - планетава? Предодреденост или слобода на избор?
 Кој (или што)одредува како хромозомот икс, ќе се подреди во однос на ипсилон... во најголем број случаи, посилниот дел од човештвото навива за „син“, и покрај тоа што признава (машки)дека се работи за лотарија во која секогаш добивката е Живот-от, без оглед на хормоналните варијации на тема ПОЛ... Една жена којашто вришти од болка на породилното столче, сигурно дека би имала да наброи барем десетина приговори за начинот на испорака во светов, и тоа не толку од гинеколошки, колку од чисто техничко-технолошки аспект, сакајќи со тоа да ги побие нашите наводи за паѓањето и небото!  Или евентуално, ако  е доволно луцидна,  да ја согледа сопствената утроба како тобоган преку кој од еден, човештвото се стркалува во Друг свет... А во тој „друг свет“, освен бебето, истрчува и валканата вода на политиката... Така што бебињата уште во утробата се предодредени да бидат гласачи. Постојат и исклучоци коишто навреме си прибавуваат азил во посредени татковини, но само колку да го потврдат правилото. Дека еднаш слобода- засекогаш слобода! А за оние, жителите на платоновата пештера, виртуелна реалност или кат погоре до кој се нема пристап...

Како и да е, граѓаните на РМ деновиве се ставени пред уште еден избор: политички, треба да се одберат луѓето што ќе владеат со гласачкото тело, оние што избираат.  И не толку срамежливо, во пропагандниот материјал на одредени партии, се подметнуваат  симболите на Црквата, сакајќи со тоа да се придобијат гласовите барем на оние коишто себеси се сметаат за верници. Во ваквата измешаност на нивоата, згора на сè, во „народот“ се провлекува збунката,  „на чија страна е Црквата“!  На кого ќе падне одговорноста за оваа забуна? За среќа, во време на глобализација и интернетизација на човештвото станува сè потешко да се манипулира со мнението на луѓето. Во прилог на тоа, Црквата не е од овој свет! Во Неа дише Духот на апсолутната слобода и немање ништо заедничко со какво било овоземно условување... И заради нејзината мистична димензија, таа е едновремено секаде и никаде, (не) можејќи да биде лево, десно, во центар или периферно, истовремено! Никогаш на позиција на сила, туку секогаш тивко сведоштво за Христовото присуство сега и овде, во која било епоха, во која било средина, на секоја страна...Во нејзината отворена прегратка за целото човештво, таа самата е укинување на границите воопшто! Таа е обединување во нешто НАД!
Овој образец на постоење треба да го искористи македонскиот народ за да ја надмине моментната состојба на меѓусебна внатрешна поделеност којашто претставува голгота, своевидна распнатост на народното битие. Секој што ја користи политиката (и нејзините средства) за да го продлабочи распетието, забива клинец повеќе во Телото Христово. Секој политичар нека се стави во кожата на својот Непријател, и Христа ради нека ја преобразува омразата во љубов! И секое парче од целината кога ќе гласа за себеси, најпрво нека ја заокружи Целината!
И нека победи Господ во име на сите!