Просветление? Дај Боже
Со години не ми дошло да чкртнам нешто на блогов, ама тоа што го изнапрочитав и што се изнаслушав во македонските медиуми за Богојавление стварно не се трпи.

На што мислам? Прво, стварно ми оди на ганглии што секоја година за секој поголем црковен празник новинарите ископуваат некои етнолози (народопознавачи?) што редовно изнесуваат некои нови паганштини и обичаи поврзани со празниците (што нашите свети предци - предци што гинеле за Христа и живееле свет живот - се бореле да ги искоренат) и ги пласираат како закон и даденост што ако не се исполни, цел живот ќе те следи малер и клавири ќе ти паѓаат на глава. Еден напис немаше за вистинското богословие што стои зад светлиот празник Богојавление.

Прво, мантрата за „некрстени денови“. Демек, од Божиќ до Богојавление деновите се некрстени бидејќи Христос се родил на 25-ти декември, па се обрезал на 1 јануари, и се крстил по 30 години на Богојавление, ама тие 12 дена, што во Црквата се непосни и празнични и исполнети со славење на величината Божја, се „некрстени“ и ѓаволот и неговите слуги (самовили, вампири и караконџули) слободно си шетаат по светот.

Ај, тоа е некоја константа на нашите полуписмени неопагани (коишто најверојатно се и крстени, но недокрстени, бидејќи не се погрижиле барем малку да се информираат за православието). Туку, не можам сега да го најдам изворот, но прочитав изјава на некој „народопознавач“ крстот и неговото фрлање во водите е претхристијански обичај и веројатно потекнува од верата на нашите пагански предци.

Ај, тоа некако и да помине (точно е дека Христовата Црква, во содејство со Светиот Дух, ги има осветено сите пагански празници и обичаи и им го дава вистинското значење, го има „осветено времето“), ама коментарот на водителот на преносот од фрлањето на крстот во Вардар беше крај кога на сите гледачи им објави дека Богојавление се „машки“ Водици, а денот потоа, кога Црквата го празнува Соборот на Св. Јован Крстител, се „женски“ Водици. Зошто? Држете се да не паднете од смеење - затоа што осветената вода на Богојавление ја пијат само мажите, а на Св. Јован само жените! Ние дома стварно паднавме од смеење, не ни се веруваше што слушаме.

 Затоа, за потомството, и со надеж дека некому некогаш ќе му дојде пред очи ова писание, нешто за празникот Богојавление.

Празнувањето на Богојавление (Epiphany, како што го викаат на запад) е востановено релативно подоцна во црковната историја. Имено, сите Христови празници се Богојавление, затоа што во нив вечната светлина на нашиот Троичен Бог засветлува во светот. Овој празник го има тоа име затоа што е во спомен на почетокот на проповедањето на Христос - Тој почнал со објавувањето на Добрата Вест дека Бог Господ ни се јави по крштевањето во Јордан од страна на св. Јован Крстител (Претеча, т.е. Претходник). И на тој ден, како што се пее во тропарот на празникот, се пројавува св. Троица. Синот се крштева, Отецот го потврдува со гласот „Ова е Мојот возљубен Син, него слушајте Го“, а Светиот Дух слегува на него во вид на гулаб.

Отпрвин Крштевањето во Јордан се славело на Рождество, но бидејќи во некои Цркви почнало посебно да се празнува и Крштевањето, Светите Отци одредиле посебен ден за негово празнување во 4 век по Христа. Тоа е времето кога христијанството од прогонета станува дозволена и, подоцна, официјална вера на Источното Римско царство (наречено Византија). По официјализирањето на христијанството, сè повеќе луѓе сакале да станат Христијани, но бидејќи Црквата е „ексклузивно“ друштво на крстени во Христа, се вршеле масовни крштевања на поголемите празници, но само по тригодишна подготовка на „кандидатите“, коишто литургиски освестените верници ги знаат како „огласени“, односно „катихумени“. Имено, човек што сакал да стане Христијанин поминувал низ тригодишна „обука“ - подучување во Светото Писмо и за учењето на Црквата, подготовки за крштевањето коешто, како врв на тој период, било и вистинско духовно просветлување (просвештение), име под кое овој празник исто така е познат. Масовните крштевања, судејќи според типикот на Црквата, се вршеле на Богојавление и Велигден - доказ за тоа ни е што на Литургиите за овие празници наместо Трисвето се пее „Елици“ (Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте), песна што се пее токму на крштевките. И чинот на осветување на водите за Богојавление е речиси идентичен со чинот за осветување на вода (Велик Водосвет) за крштевање. Тоа е потеклото на празникот, ништо друго. Во нашата црква и денес имаме масовни крштевања (на кои ретко им претходи поучување во верата - со чесни исклучоци, се разбира), при кои чинот на осветувањето е ист како за Богојавление. Можеби не би било лошо тие да се поместат во овие големи денови, на Велигден и Богојавление, за да се вратиме на вистинските корени на верата.

За крај - денес празникот е претворен во циркус. Сепак, убаво е кога цел град ечи од црковна музика, што луѓето имаат вера и не се плашат да се напијат од осветените води на Вардар (пред некоја година бев со најстариот син под Камени мост и тој, кога заврши осветувањето, ми рече - „Тато, а, да се напиеме од осветената вода?“ Мене ми беше шубе и уште ми е срам што немам вера колку едно 8-годишно дете), што црквите ни се полни и што луѓето ги прскаат домовите со најубавата вода на светот. Уште да го вратиме катихуменатот и масовните крштевки на празниците и ќе направиме чекор кон тоа да станеме вистинска православна земја.

Извор: http://cudo.blogspot.com/2011/01/blog-post.html