vozdvizenie.jpg
 
УНИЈА  (РИМОЦЕНТРИЧЕН УНИВЕРЗАЛИЗАМ)

Кукуш, значаен град за македонската историја, како роден град на македонскиот револуционер кој го разбираше светот, како поле за културен натпревар меѓу народите. Еден Христов ученик, пак вели, натпреварувајте се во правењето добро еден кон друг, а ова го проповедаше и Полјанскиот епископ Партениј Зографски, уште една значајна личност од нашата пред се, духовна, културна и образовна историја.

Полето или светот, кое ние толку многу го загадуваме, меѓу останатото и со историски натпревар во кој има да се знае кој е прв т.е. кој полага ексклузивно право на се, територија, писменост, историски личности и факти, да дава или зема итн. итн., а кој втор или последен кој нема право да полага ниту на својот сопствен живот освен ако на оној првиот му го признал ексклузивното право. Во ваква ситуација, и покрај богатата култура на овие простори, потенцирам простор, а не велам чија култура, но сепак мислам на континуитетот на културата се до денес, не е можно да се направи елементарен културен чекор (бидејќи за скок ќе почекаме), а не пак да стане збор за културен натпревар меѓу народиве на Балканот, па и меѓу самиот наш народ кога постојано потенцираме на пеливанското првенство. Од една страна, те убедуваат дека во денешниот демократски свет владее хуманизмот во однос на слобода, право, еднаквост, толеранција потврдено преку илјадници резолуции, конвенции, списи, акти донесени од исто така демократски и во името на доброто и мирот за човекот: сојузи, алијанси, организации, совети и парламенти. Од друга страна пак, оние кои се обврзале на сето она кое го изгласале горенаведените институции заради просперитетот на човештвото, дека ќе го спроведат на дело, проработува нешто што се нарекувало надворешна политика, т.е. нешто што не подразбирало ниту пријател, ниту брат, туку интерес во кој целта ги оправдува средствата, кои можеби, а и често значат одземање животи, идентитети, вера, мир....

Богочовекот Хрситос, на едно место во Новиот Завет вели, мирот Свој ви го давам, но ви го давам не како што ви го дава светот.... Во Бог, нема лицемерие, нема двојни стандарди, непостојаност, наметната волја, изнуден избор, има само еден цел или ако сакате и интерес, но да ни даде живот вечен, да ни го даде по благодат сето она што Он го има по природа, да ни го дарува Царството Божјо, мирот и радоста во Светиот Дух, а средствата ни ги дарувал во Декалогот, и во полнотата на тие десет заповеди, кога вели, возљуби Го Господ својот Бог со сета своја душа, со сето свое срце и со сиот свој разум, и возљуби го својот ближен како себе си. Но, сето ова, само доколку ние тоа го сакаме, по слободен избор, со слободна волја. Значи, ако го избереме, а ние како христијани веруваме дека Царството Божјо и вечниот живот се смисла и цел на нашиот подвиг и постоење во овој свет, но и смисла и цел на постоењето на светот кој ни доверен за да се грижиме за  и него преку нашето осветување со благодатта Божја да го осветиме и да го приведеме кон  веост. Исполнувањето на оваа цел зависи од нашиот однос кон Бог како Личност, и секако од нашиот однос кон ближниот како личност, а Христос се поистоветува со секој човек кој е икона Божја. Црквата  е Тело Христово, дом на Бог Отец и пребивалиште на Светиот Дух, а тоа дека е така не само што веруваме туку и потврдуваме на секоја Света Литургија, воскресна (неделна) или празнична кога реално, а не симболички, се причестуваме со Телото и Крвта на Христос Воскреснатиот, хранејќи се со Него, го остваруваме тоа толку посакувано и единство во верата и стануваме Црква. Епископот без разлика дали е Цариградски, Ерусалимски или пак епископ на најмалиот град на светот, е икона Христова и на Литургијата сведочи за полнотата и единството на Црквата која се остварува преку него (полнотата не подразбира поделеност и субординација), принесува молитви во името на целиот народ и истиот го води кон спасение. Затоа, во Литургијата кое е заедничко дело на Црквата односно заедничко дело и на клирот и на народот, каде сите богослужме, сведочиме дека Бог живее со нас и меѓу нас, бидејќи со причестувањето остваруваме единство со Него, а преку Него со сите верни, и на тој начин сме Црква. Согласно овој литургиски живот на Црквата Божја зачувано низ православното предание до денес, во никого, значи во никого, освен во Христос, Синот Божји, не можеме да оствариме единство, без разлика на титулирањата и изворот на тие титулирања што ги има во овој свет. Значи, животот во Црквата е христоцентричен.

Но, да се вратиме на „полето„ во овој наш простор, каде секогаш културно сакаме да (до)кажеме кој е кој. Од изјавите што ги следев, дознав дека Кукушани пред 150 години, се вратиле уште илјада години назад онаму каде што припаѓале, во единство со римскиот патријарх, намесникот Христов на земјата. Од друга страна дознаваме дека, само на овој начин Македонците од Кукуш можеле да го зачуваат и негуваат својот јазик пред налетот на странските пропаганди, и затоа нашле прибежиште во тоа што ќе ги претставувал папата. Инаку, колку за информација, за странска пропаганда во нашата историографија, а тоа може слободно да го проверите, се сметаат мисиите на римокатоличката црква и протестантите на територијата од Македонија. Значи, повторно нашите Кукушани биле под влијание т.е. пропаганда, само овој пат не било од нашите соседи. Но, Рим имал други методи во надворешната политика и му посреќило во маката на народот. Само се чудам, како тоа сите останати наши предци чии потомци сме ние денес, макар и само по име православни христијани, а кои не влегле во унија со Рим, го зачувале и јазикот, и верата православна, преданието, традициите, обичаите, зарем за ова не сме сведоци ние самите. А, го зачувале, затоа што живееле литургиски во Црквата, го практикувале во својот живот она што погоре е изнесено во теолошки рамки, и ја практикувале таа теологија на дело, остварувале единство во Црквата преку причестувањето, исповедтта и покајанието, Исусовата молитва, постот и покрај тоа што им била одземена политичката и економската слобода, одземена и духовната преку укината Охридската архиепископија, а згора на се, искушенијата од своите по вера. Таа нивна истрајност, значела вера, решителност да го зачуваат православното исповедање на таа вера која и во мачеништво ја потврдувале, затоа и Бог ги укрепувал, па во храмовите и манастирите биле поучувани од наши монаси и свештеници, како и од учителите во црковно-училишните општини при храмовите и келиите на манастирите.

Светите апостоли сите подеднакво (значи, никој ништо поединечно или специјално не добил, вклучувајќи го тука и свети апостол Петар)  се сведоци на слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, и сите го примиле тој Дух на Вистината Кој исходи од Отецот, со Него и благодатните дарови и преку нивното преемство во Црквата подеднакво го давале на епископите, до денес.

Цело време звучам општо и кажувам што како православни христијани ние сме исповедале и исповедаме и на кој начин тоа низ преданието до денес го практикуваме, за да не се почувствува некој навреден или пак некој да препознае нетолеранција во текстов според хуманите стандарди, но накратко кажано, униите не донеле ништо подобро, освен нови поделби и раздори меѓу народот. Наместо да го придобиеме Христос и Неговиот мир, ние истакнуваме гест што би ни ја подобрил политичката позиција, бидејќи униите низ историјата секогаш биле услов само за поволна политичка положба која требало да следи, а дали следела? Или тоа било само моментно задоволување со квантитет на политиката на римоцентричен универзализам, спротивен на природата на самата Црква која е христоцентрична. Но, Господ вели, барајте го најпрво Царството Божјо и Неговата правда, и се друго ќе ви се придодаде!