Епископ Велички Методиј

(за смислата на ктиторството)

Црковните имоти во контекст на денационализацијата, нивното враќање, докажувањето на сопстевноста, модусите на компензација, нивното вреднување, кој кому треба да направи услуга со тоа, чии права се испочитувани итн., на различни начини ги провоцираат општествените структури, па и најшироката јавност. Мислењата не само што се подвоени, туку и мошне различни. Техничката страна на проблемот секако е работа на стручните служби и експертите, но она што загрижува е, прво, дека овој процес кој е од витална важност за Црквата се политизира, како всушност и секоја најмала поединост во животот на државава, второ, очигледно е намерно забавување и одложување на одредени предмети, а најискомплицирани се они кои се однесуваат на имотите на манастирите кои заживуваат и имаат огромна потреба од сопствените материјални добра, потоа трето, загрижувачкото неразбирање на традицијата на ктиторството, која сî уште се дефинира по марксистички, како експлоатација и профитерство на црковната олигархија од феудален тип и што уште не. Сето тоа се случува бидејќи на овој навидум најприземен аспект на животот на Црквата се гледа од надвор, малициозно формално, по терковите на атеистичката социологија на религијата. Тоа е само уште еден показател за трагичното отуѓување на општеството од изворните текови на сопствените духовни корени.

metodij.soboren.jpgНо, поентата не ми е ниту да повампирувам некаков антикомунизам, тоа е бесмислено, ниту да набројувам аргументи заради кои на Црквата, па и на сите регистрирани религиозни заедници, треба да им се дозволи да се ползуваат со сопствените материјални ресурси, заради што тие би биле вистински независни и одделени од државата и нејзиното азно.

Настрана од избанализираното секојдневие кое полека се претвора во обемна Вијановска енциклопедија на мачнина, убаво е нашата свест и нашиот граѓански став по прашање на животот на Црквата, и оној духовниот и оној материјалниот, да го облагородиме со смислата и содржината на добриот обичај на ктиторството. Дали е тој само средновековен пандан на денешното спонзорство, детал од феудалната политичка економија? Или добар изговор за постојаните контракции меѓу власта и религијата, нешто на што се темелат појавите на папоцезаризмот и цезаропапизмот?

Наспроти грубото искривување на претставите за автентичниот живот на Црквата, - што под влијание на атеистичките идеологии, а уште повеќе поради недоследностите и злоупотребите на самите членови на црковните заедници, особено меѓу клирот, - во тивкото сеќавање благоверните чувари на преданието се негува сведоштвото дека ктиторството не е само израз на каритативниот активизам на верниците, туку тоа произлегува првенствено од чувствувањето на соборноста како онтолошки белег на црковноста и духовниот живот. Спасението е соборен подвиг. Литургијата е соборно дело. Ктиторството е израз на саможртвеното учество во соборноста. Таа соборна љубов и доброволно дарување ги подигна најпрекрасните православни манастири и храмови насекаде во Македонија. Таа ги наслика најубавите фрески и кони, виртуозните резби и иконостаси. Таа ги ракописа богомудрите книги со кои се описмени сиот славјански свет, па и пошироко. Таа и денес ги воскреснува и Лешочкиот манастир, и Плаошник и храмот на Пресвета Богородица во Скопје и ред други духовни огништа во кои се одржува и чува нашата горазда љубов кон Бога. Ако ни импонира раскошната духовна традиција со која се идентификуваме тогаш кога сакаме да му се претставиме на светот, треба да го имаме на ум фактот дека тоа е убавината на верата која ја отелотвориле токму самите членови на Црквата. Оние кои живата вода на личниот литургиски живот и култура ја преточиле во незалезен украс. А тој украс не е икона на нивното богатство или моќ, туку икона на нивната добродетелна вера.

Дарителите, градителите и украсителите на храмовите не се случајни донатори кои од некои ирационални побуди од надвор се мешаат во работата и животот на Црквата, тие се верни членови, живо тело на Црквата кои градејќи се вградуваат себе си во небоземното и вечнодевствено тело на Црквата. Кои, дарувајќи, Му се даруваат себе си на Бога, Кој е дарител на секоја добрина. Кои, украсувајќи ги светите храмови, го украсуваат храмот на своето спасение, т.е. се украсуваат себе си. Секое добро давање и секој совршен дар доаѓа одозгора од Отецот на Светлините и тоа едно дарување нî прави едно семејство во Црквата, а не туѓинци и аутсајдери кои со искалкулирано добротворството си купуваат за себе дел од Црквата, како приватна сопственост или, пак, некому даваат нешто свое, кое неповратно се оттуѓува од нив. Смислата на ктиторството е во припадноста и во живото светотаинско учество во животот на Црквата. Тоа има евхаристиска смисла. Што значи тоа? Низ светата тајна на благодарењето (евхаристија) Бог му се принесува на човекот, на љубовната трпеза во телото и крвта Христова. Човекот, како одговор на божествениот принос Му се принесува на Бога преку здравата вера, добродетелниот живот, преку подвигот на богољубието и братољубието и конечно преку приносот на секој богоизворен талант или дар. Така сите стануваме Црква, конкретен собор од конкретни личности, а не само симпатизери и спонзори кои даваат, а тоа давање не нî преобразува суштински.

Ктиторството е духовен подвиг. Лична литургиска анафора. Тоа не е формално регулирање на имотноправни односи, ниту безбеден начин за перење пари и заобиколување даноци. Човек може на целиот свет да му послужи, ако на душата своја í напакости ништо не му вреди. А крајната инстанца е следната: сî е оставено на човековата совест, сî до моментот кога секој од нас ќе одговара за своите постапки пред единствениот Судија. Тоа е темелот на трпението кое слегува одозгора: и да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, - штом љубов немам, ништо не сум и ништо не ми користи. А љубовта не се состои во тоа да ти го дадам она што е мое и да го земам она што е твое, туку да ти се дадам себе си и да те примам тебе самиот. Жртва на себепринесување. Совршено ктиторство кое го гради Новиот Ерусалим.