Муслиманската полумесечина ќе ја снема од македонскиот образовен систем. Затоа младите муслимани полесно ќе потпаѓаат на интернет-пропагандата на изопачените умови од Блискиот Исток. Ќе учат арапски песни каде се пее за бомби околу појасот... идеи што ги нема никаде во Коранот


Додека наследниците на тоталитаризмот се' уште цинично се смеат, славејќи ја одлуката на Уставниот суд, чии членови беа избрани во најтемниот период на независноста на Македонија 1994/98... некои погубни појави во нашето образование се премолчуваат уште повеќе:  Со последната одлука на Уставниот суд, децата нема во училиште да се запознаат со терминот пост, ниту со неговото значење, ниту со неговата потреба, ниту пак со крајната цел на постот, која е на некој начин и темел на самата религија. Но затоа, пак, по историја добро ќе бидат запознаени со „фактите“ дека комунистите и комунизмот биле позитивни појави, имале позитивни цели и идеи, уште повеќе нивните дела биле позитивни, со дополнување дека нивната пропаст е дело на капиталистичките завери во глобални рамки, а не на економската автодеструкција која толку е премолчувана од југоносталгичните професори и квазиисторичари.

- Со ваквата одлука на Уставниот суд, младите нема да го согледаат теолошкиот поглед спрема егзистенцијата во животот и спрема економските односи. Воопшто во ниедно училиште нема да бидат проучувани идеите на св. Павле, Христовиот апостол кој Македонија и Македонците ги споменува во Библијата (тоа е антиквизација, нели) ниту пак неговите зборови: „Кој не работи нема право ни да јаде“ или „Доколку ништо не сработите... гладувајте!“ ... инаку идеи и мисли широко прифатни во земјите во кои капитализмот е доминантен економски модел. Ништо од ова нема да биде достапно за нашите млади преку образовниот процес, кој е најодговорен за знаењата и вештините на нашиот човек.

Но затоа се' уште ќе бидат проучувани делата на Карл Маркс, и неговите идеи за „прераспределба на доходот“ (а не за негово зголемување)... како и еуфемизмите „класна борба“, „социјална правда“, „работничка револуција“ и сличните други оправдувања за комунистичките злосторства од 20 век, кои наводно имале за цел да обезбедат поквалитетен живот за обичниот човек, работникот.

- Крстот и Христовите учења дефинитивно ќе исчезнат од наставата. Но затоа пак црвената петокрака, и вкрстените срп и чекан, се' уште ќе се провлекуваат низ учебниците по историја како позитивни и хумани симболи, без било каков збор за нивните злосторства... без било какво споменување на масовните егзекуции, извршени најчесто без било какво судење.

- Муслиманската полумесечина исто така ќе ја снема од македонскиот образовен систем. Затоа младите муслимани полесно ќе потпаѓаат на интернет-пропагандата на изопачените умови од Блискиот Исток. Затоа се' повеќе млади момчиња ќе учат арапски песни каде се пее за бомби околу појасот или за сечење глави на „неверниците“... идеи кои ги нема никаде во Коранот. Ако сево ова некој го смета за претерување, нека прошета по тезгите на Бит-пазар и нека разгледа меѓу пиратските цедиња... можат да се најдат мал милион со слика на Бин Ладен како стои со подигнат показалец, можат да се најдат и снимки од Ирак каде се убиваат, масакрираат или каде се гаѓаат со снајпер американски војници. Се' почесто се печати и т.н. „Вахабитски законик“ кој се' уште не е преведен на македонски јазик, но затоа го има на албански, турски, но и на босански јазик.

Сумирајќи ги ваквите случувања, сосема е јасен заклучокот дека на религијата во нашето општество се' уште се гледа од идеолошки, а не од практичен агол. Граѓаните на РМ своето знаење би требало да го стекнуваат преку образовниот процес, а не преку сомнително финансирани секти, самопрогласени пророци и разно-разни „нови толкувачи“ на светите книги. Од тука и пораката до авторитетите најзадолжени за креирањето на содржините со кои се образуваат нашите деца:

1. Исфрлете го Карл Маркс од нашиот образовен систем!

2. Отстранете ги црвените петокраки од сликите во нашите учебници, или доколку ги има, изедначете ги со кукастиот крст, како што прави целиот цивилизиран свет. Невина жртва е сепак невина жртва... без разлика од кој тиранин настрадала.

3. На часовите по Етика или Филозофија, младите да бидат повикувани почесто да одат во црква!

Само така можеме да се ослободиме од идеолошкото слепило чии директни наследници се денешните членови на Уставниот суд.

Па нека ни е Господ на помош! Како што изјави поразениот претседателски кандидат.

Виктор Трифуновски - Дневник