Епископ Велички Методиј





 
Нема социјална категорија со поголема концентрација на суеверие, денес, од еснафот на интелектуалците. За тоа постојат цели колекции од трагикомични искуства. Трагикомичното, пак, и на театарската сцена, а уште повеќе во животот не е нешто смешно, туку напротив... Едноставно, парадоксално е и несфатливо, како тоа тие што со своето високо образование и бургерска етикеција се далеку од селските огништа на своите предци од пред колено до две (некаде дури и три), се враќаат на субкултурното (читај - опскурното) милје и религиозниот примитивизам несвојствен дури ни за нивните неписмени, но благоверни баби и прабаби, се разбира со извесни преседани. Мултикултурноста и интеррелигизноста на празноверието оди до таму, што многу често за предмет на магиското решавање на проблемите од спиритуален или психосоматски карактер, покрај жонглирањето со свеќи и крстови, водички и пепел, колење и јадење курбани и широк репертоар на какофонична глосолалија (неартикулирано мрморење), се посегнува по разни псевдо-исламски китапчиња, пусулчиња и амајлии направени со жива, - метал во течна состојба со висок процент на токсичност во процесот на оксидацијата. Ова е факт со кој секој чесен граѓанин што завршил задолжително основно образование се сретнал на часовите по хемија, или како дете добил ќотек, ако, играјќи си, го скршил стаклениот топломер. Сепак, духовно и физички отровните живини амајлии држат вртоглави цени. Нивната бесмисленост е правопропорционална на степенот на спремност на конзументите на баењето и гатањето да ги упропастат своите материјални ресурси. Мотивите со кои се пристапува на ваквите несреќни и би рекол автодеструктивни потфати не можат да се донабројат. Сепак нешто е очигледно и симптоматично. Ваквото патолошко однесување е израз на една цела низа од кризи и аномалии во чинителите на нашиот општествен и културен живот, т.е. граѓанството. Не се работи за една рана, туку за легион.

Ако треба од некаде да се почне тоа секако е нездравата љубопитност, или грдата навика се да ни е поинтересно од нашите вистински и лични проблеми и обврски. Имаме потреба да знаеме се. Токму затоа сме импресионирани до зајапуреност кога некоја бизарна креатура во некое темно одајче или од малите екрани за поприлична сума се ќе ни погоди(!). Тоа едноставно не хипнотизира. Не мрднуваме со прст за да си  го подобриме животот или да сфатиме дека во нас е решението на проблемот, но сакаме да си ја знаеме иднината и истата ја препуштаме во моќта на гравот или таротот. Стануваме робови на шпил карти со кичерајски илустрации, притоа плаќајќи дебело за сопственото ропство. За апсурдот да биде поголем ни еден здраворазумски и конструктивен совет не го прифаќаме, но магливата мистификација на гатачките двосмислици (бесмислици) ги извршуваме како роботи. Кога човек од страна ги гледа овие работи просто се прашува дали е доволно бравите на болницата во Бардовци само да се стават на обратната страна, инаку не се знае кој е за надвор, а кој за внатре.

И според световната и според христијанската антропологија човекот е апсолутно слободно битие, иако концептот на слобода е различен. Сепак, сведоци сме, бесценетиот дар на слободата, а оттаму и на креативноста (трудољубивоста, дисциплинираноста, активизмот, истрајноста...) се уништуваат безмилосно и без трошка словест.

Главното оружје со кое оперираат сите профитери од човековата несреќа е стравот. Стравот кој произлегува од рудиментираната вера во се и сешто. Таа вера дури се претвора и во својата спротивност. Страв заради недоверба во се и сешто. И кругот на апсурдот се затвора. Недефинирани верници, односно недефинирани неверници, исти како јајце на јајце, секоја вечер на некој од телевизиските канали (нашите прозорци кон светот и светлата иднина), зјапаат во културно-забавната демонијада на виртуозните гуруа во вештината на лажењето. Забава за целото семејство. Духовен геноцид. Не случајно во цивилизираните земји ваквите активности се ставени вон закон и етикетирани се како психолошки тероризам. Кое нормално демократско општество би поддржувало, преку медиумите и во физичката средина, самонаречени специјалисти во магиски култови за создавање и ширење страв и суеверија меѓу граѓаните? Таквата појава, дури и од невнимание, не само што би била контрапродуктивна за заедницата, туку и целокупниот нејзин систем  го фрла во кромоњонски нихилизам. Кај нас, за жал, ова перверзно профитерство се третира како културолошки и етнографски феномен.

На една јавна пригода, поточно трибина, една госпоѓа мошне луцидно во контекст на човековите визии за подобро општество, ми се обрати со констатацијата дека бесмислено е динамиката на нашиот креативен потенцијал како разумни битија да го сведуваме, како што таа се изрази, на три свеќи, пет свеќи, алудирајќи на фамозните ТВ-гатачи. Поентата и беше брилијантна. Чиста философија. Нашата разумност е над секоја материјална твар. Со стравот и суеверието се отвараме за разорното дејство на магиските бесмислици. Стравот дека некој ни направил магија. Дека сме згазнале на некое валкано врзопче полно со незнам каква умислена сила. Со такво подозрение ќе се претвориме во параноици исплашени и од воздухот што го дишеме. За потсетување: паранојата не е расположение, туку психичка болест. Наместо задоволни и реализирани, храбри и здравоверни личности, верувањето во гатачи и бајачи не претвора во духовно и телесно парализирани пациенти со глувчешка психологија. Една библиска дефиниција, од книгата на премудроста на цар Соломон, вели: Стравот не е ништо друго, туку отфрлање на помошта што ни ја дава здравиот разум. Мислам дека нема поексплицитна дијагноза за оваа патолошка состојба. Но, се прашувам, дали стравот веќе станал наша втора природа, та буквално се давиме во суеверие, во дефетизам и бесплодност? Каде ни е здравиот разум? Дали благородната Соломонова логика сосема не напуштила?



Неделно Време 2006
 
Посети: {moshits}