Ослободување од страстите

Pimen.Matka5.jpgПромашувањето ни се случува во нашето убедување дека до промена може да се дојде со промена на луѓето, а не со промена на личноста внатрешно, односно со промена на нас самите кога ќе се обидеме да ги исчистиме страстите во нас. Ако се промени човек и на негово место дојде друг човек со исти или слични страсти како можеме да очекуваме промена?


Време на избори, и пак стара песна. Се' е концентрирано на тоа, па кампањата непречено си тече. Од лични фалби до ветувања на ридови и долини, повторно и по некоја клевета, по некоја одбрана на нападот, од условно реченото за противникот со кој патем неколкупати заедно ручаат и се дружат во пријателска и срдечна атмосфера. Ова последново, на мене лично ми остава убав впечаток и ми е најпозитивниот дел од оваа кампања. Со радост чекам да чујам како се дружеле и кои шеги паднале во тоа меѓусебно дружење. Велам најпозитивен, зашто кога ги слушам поединечно добивам впечаток дека кај нас ништо не чини, дека сме готови да се распаднеме, дека секој предложен човек има страсни мани и недостатоци, како скоро да ни се приближува крајот на светот, па во паника го барам далечинскиот управувач од телевизорот да проверам по странските новински агенции дали не' споменале, бидејки ако нешто е навистина толку сериозно, сигурно таа информација би била интересна и за нив да ја објават. А кога ќе се уверам дека не сме тема во некои вонредни вести на Си-ен-ен, Би-би-си или „Франс 24“, полека се смирувам и гледам дека само сме ја пренагласиле изборната кампања.

Но, повторно не си раат бидејќи кога се движиш низ град, гледаш да не сретнеш некој од кандидатите и да се поздравиш, и покрај старото пријателство или роднинска врска зашто веднаш можеш да се најдеш со етикета дека си со некого од нив, односно дека си против останатите до моментот кога ќе се сретнеш со некој друг кандидат за претседател, градоначалник или носител на советничка листа, па дури и кандидат за советник кој е последен на листата и кога ќе паднеш под сомнеж на другите, повторно ќе си добиеш друга етикета, а понекогаш може и некоја закана да падне. Но, умрено магаре од волк не се плаши, па така сите ние некако сме се навикнале на се' бидејќи речиси секоја година си имаме избори, сраснати сме со нив. Затоа, веќе баш ништо не ни значат ниту заканите од страна дека мора да имаме фер избори за да имаме позитивен „матурски“ испит. Веќе и малите деца знаат дека и тогаш кога ќе го положиме „матурскиот“ испит со одлична оценка, ќе имаме нов услов како на пример, секој маж да носи чевли број 43, а жените 38, онака како последен и најзначаен услов во нашата ЕУ и во НАТО-интеграција.

Како и да е, надежта умира последна, а секогаш се темели на можноста за промени на подобро. Оттука, секој од нас што се кандидира за некоја функција има добра идеја и намера да направи некоја промена за подобро на сите нас, а особено за себе. Една мудрост вели дека патот до пеколот е поплочен со добри намери. Тоа е така бидејќи долг и тежок е патот од идеја до реализација. На тој пат, од идејата до реализацијата, има врски другарски и роднински, конкурси и секако провизии со убава добивка, непристојни предлози за мито и корупција или рушвет како што се нарекувало на времето (ова колку да се разубедиме дека според терминологијата првите две не ни дошле од Запад со нашата отвореност кон него, туку дека сме си ги имале со векови), суета и висок општински или државен статус со слава и препознавање по улица и многу поволности од службени патувања низ земјата и странство, до службени ручеци и можност за среќавање привлечни личности, затоа нека не не' чуди кога една прекрасна личност која сме ја сакале и која многу ветувала по некоја година не ќе можеме да ја препознаеме, бидејќи многу заличила на неговиот претходник, а како одбрана ќе ја има онаа стара и веќе излитена фраза, и другите така правеа, а народот ќе коментира дека не се ништо поарни од другите.

И зошто постојано ни се случува тоа, зошто не можеме да излеземе од тој затворен круг? А сега за да дојдеме до заклучокот зошто е тоа така, би требало да ја отвориме аскетската тема за страстите и за потребата за ослободување од нив.Главна страст кај секој човек е себељубието, а него го сочинуваат три пониски страсти што ги нарекуваме: славољубие, сластољубие и среброљубие. Па така, славољубието ни го храни нашиот забележителен јавен настап, препознавањето по улица, исполнетоста на телевизиските фреквенции со наши интервјуа или страниците на дневните весници со известување за нашите дела и проекти, и секако нашите фотографии покрај излозите. Па, ете ја опасноста од тоа ние да се затвориме во свој свет како најпаметни, највредни и најсакани, и потоа ништо да не може да не' разубеди дека некој наш потег и не е како што треба. Тогаш тоа за нас ќе биде клевета против нас, измислена од кујната на противничкиот табор само за да ни ја урне популарноста. Анкетите ќе бидат местени итн. Така може да стигнеме до таму што ќе ја храниме помислата дека без нас светот би застанал и не би се движел.

Сластољубието ни се храни со убавата храна, скапи пијалаци која ни се нуди на оние службени ручеци обично по репрезентативните ресторани, убаво опкружување, раскошно живеење и се' тоа што би можело страсно да го уживаме, а сето тоа како на јавни личности може да ни стане лесно достапно и да не' доведе во тој правец, па се' друго да ни стане второстепено.Среброљубието има многу убава можност да се развие со гореспоменатите рушвети за завршена услуга или, пак, чесно заработената провизија од успешно изведениот конкурс. Па човек да помисли дека најбитно е да се завршуваат работи за оние што ни понудиле пари плус, а не дека од конкурсот сите ќе имаат полза. Како што погоре споменав, функцијата и статусот има нешто соодветно за секоја страст за да ја поттикне и да ја разбуди бидејќи страста за да заживее мора да се потхрани.

Според мене, а моето мислење се темели врз аскетската теологија, би рекол дека промашувањето ни се случува во нашето убедување дека до промена може да се дојде само со промена на луѓето, а не со промена на личноста внатрешно, односно со промена на нас самите кога ќе се обидеме да ги исчистиме страстите во нас како слободни личности. Ако се промени човек и на негово место дојде друг човек со исти или слични страсти како можеме да очекуваме промена? Зарем не е пореално да се очекува дека прашање на време е кога во него ќе букне некоја страст и ќе завладее со него, и ќе промаши се' бидејќи страста ќе биде таа која ќе владее со него наместо тој со неа? Изборот или избирањето е највпечатливата и најзначајната карактеристика на човекот како слободна личност, изборот ја чини личноста слободна. Како и да е, луѓето можеби и ќе ги излажеме. Самите себе уште полесно ќе се излажеме, ама да не заборавиме дека Бога никогаш и никако не можеме да го излажеме. А Судот Негов нели е последен?

Митрополит Европски г. Пимен

Друго:

Митрополит Европски Пимен - Простете ми

Посети: {moshits}