Зарем навистина можеме да зборуваме за екологија, за грижа кон природата, кон животните и сето тоа уредено со закони по европски терк, а да заборавиме на почитта кон животот свој и кон другите луѓе.

 Додека бев во средно училиште имавме еден предмет кои се нарекуваше Трудово право, но професорот го почнуваше часот со обраќање за културата, негово основно укажување се однесуваше на културата во образованието, а пред се на културата на однесување, па велеше дека во училиштата треба да се учи две години исклучиво само за култура. Навистина тогаш некои од нас ова го разбиравме или како навреда, или пак во стилот, дај сега што му текнало на професорот да не дави. Како поминуваат годините и кога ќе бидат зад тебе сите лудории на пубертетот, сфаќам дека професорот навистина имал право. Со оглед дека живееме на поднебје кое не му е туѓо на цивилизацијата и културата, иако според мене секој народ низ историјата достигнал свој вид на цивилизација и култура, но заради интеграциските процеси треба да ја задоволиме стандарната потреба за дефиниција која ако се постави како авторитет по одреден период станува и причина за револт и бунтување. Она што треба да се прифати и да биде усвоено како такво во нашите животи треба да биде исклучиво по слободен избор и со љубов. Така и културата на однесување треба да биде усвоена слободно со љубов, а не со наметнување. Отсекогаш бил важен начинот на однесување, но денес е исклучително потребен. Секогаш културата на однесувањето зависела од односот на човекот кон себе, човекот кон човек, но и на односот на човекот кон природата и кон светот што го опкружува, тие се взаемно поврзани. Она што денес недостасува во културата на однесувањето, тоа е почитта или респектот.

g.Goran.jpgОд односот на човекот кон својот живот и како ќе го живее зависи и неговиот однос кон другите, а од односот кон другите зависи неговиот однос кон природата и светот. Значи прво што треба да поработиме е на себе и на својот живот, дали животот ќе го разбереме како дар кој треба постојано да го надградуваме за да напредуваме во добро или ќе дозволиме да станеме робови на гордоста и саможивоста која ќе не зароби во очај и ќе не фрли во зло. Почитта кон животот што ни е даден понатаму има влијание врз се што не опкружува. Зарем навистина можеме да зборуваме за екологија, за грижа кон природата, кон животните и сето тоа уредено со закони по европски терк, а да заборавиме на почитта кон животот свој и кон другите луѓе, зарем ќе треба да чекаме да се случи не дај Боже најлошото па да ја чекаме санкцијата според законите. Почитта кон својот живот значи да се потрудиме да се збогатиме со добредетели, постојано да се надградуваме според своите можности и да го чистиме нашето срце од лошите помисли и омразата, да го отфрламе од нас она кое што се нуди како брз излез од очајот како што се насилството, дрогата, алкохолизмот кои не влечат во бездната на злото и непостоењето. Ако добро се однесуваме кон својот живот и ако кон него пристапиме со благодарност, таа почит полесно ќе можеме да ја пренесеме на другите луѓе, да им пристапиме со почит и разбирање, да го цениме нивниот живот како што го цениме и нашиот. Сигурно тогаш ќе и биде полесно и на природата, на светот во целост кога тоа ќе го пренесеме и на него. Во спротивно, сето она што го гледаме околу нас како нечистотија, глобално загадување, затоплување и што уште не, сведочи најпрво за нашиот однос кон животот, сведочи за нас. Без разлика какви закони да се донесат што секако е добро, и ако се применуваат што е уште подобро, не можат на долг временски период да дадат резултати ако не се преобразиме ние како луѓе. Ако не ја применуваме почитта во културата на однесувањето ќе го гледаме насилството на улиците со сите негови пороци, а тоа насилство ќе се применува и врз светот. Истото важи и во Црквата, ако својот живот како верници не го вклучиме во Литургијата и ако не ја стекнеме таа литургиска култура, ќе го гледаме сурогатот на верата, во суеверијата, баењето, адетите, магиите, астрологијата, тарот и ќе се губиме во мракот на незнаењето и простотијата. Искажи ја почитта барем тоа не боли, се само дел од стиховите на една македонска хип-хоп група, и јас се согласувам со тоа.

Нова Македонија 19.08. 2008

ѓакон Горан Стојчевски - ОЛИМПИЈАДА 

 Посети:{moshits}