Ако некој смета дека не треба да важи христијанското правило, прави му друг она што сакаш тебе да ти го прават, треба барем да се раководи според човечкото, не му прави на друг она што не сакаш тебе да ти го прават.   

g.Goran.jpgДеновиве повторно станува актуелен еден голем спортски настан, врвот на сите спортски настани од антиката до денес. Сон на секој спортист е да биде дел од Олимпијадата, а секој се бори да го достигне највозвишеното признание за својот труд и подвиг, денес тоа е златното одличје, а во антиката златниот венец, и во двата случаи тоа се симболи за славата што ја добива. Отворањето на Олиписките игри ме потсети на цитат од Светото Писмо, на едно кажување на светиот апостол Павле во своето послание до Тимотеј, каде зборувајќи за христијанскиот подвиг во светот, вели: “добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само на мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото доаѓање”/2 Тимотеј, 4,7-8/.

Оној кој слободно избрал да се занимава со спорт, неговата цел е сите свои потенцијали кои ги му се дадени да ги надгради и умножи и со постојано вложување во себе, подвигот  да го круниса со учество во арената и да победи за да ја добие наградата на својот труд, а радоста на таа победа ја има цела нација која ја претставува. На тој пат секако треба му се даде и стручна помош како и поддршка, а неопходна е вербата и надежта во успех. Истото важи и за оној кој слободно одбрал да верува во Бога, и тој има своја цел која исто така треба да ја достигне со подготовка, подвиг и труд за да ги умножи талентите кои му се дадени, да учествува во арената наречена свет, и да ги победи не другите, туку да го победи своето его, да ја победи гордоста, омразата, суетата, завидливоста, озборувањето, омаловажувањето, презирот, клеветата, неправдата, некултурата, злото, да го победи гревот, да ја победи смртта и да го победи ѓаволот, за да ја добие наградата венецот на правдата, вечниот живот и вечната слава во Бога, или како што ќе каже апостолот, трчам кон целта-кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа. Конкуренцијата му е силна, ќе признаеме дека тоа се страшни и секако пеколни противници, но секако тој не оставен сам на себе, туку му се дава се што му е потребно за таа цел во Црквата, поткрепа од благодатта Божја и надеж, бидејќи тој пат за него како и за  сите го помина Христос Спасителот, Кој го победи гревот, смртта и ѓаволот, со Своето Воскресение, и очекува секој човек да победи во таа борба и на целта заедно со Него и останатите победници да ја има вечната радост, која ги опфаќа ближните и сиот свет. Останува изборот на секого како личност дали ќе одбере да учествува, или ако се откажал да продолжи повторно да го разгори во него тој жар за победа во овој свет. За вториов пример не постојат никакви пречки, старосни граници, кондициони услови и физички предиспозиции, опцијата стои отворена секогаш и за секого. Ако во првиот случај се погреши или се направи нешто неспортски тука е подадената рака за фер-плеј, втора шанса, а во краен случај можна е и дискфалификација, но во вториот случај ако погрешиме секогаш не очекува простувањето и љубовта на помирувањето која постојано ги обновува шансите да се обидеме пак и пак.  

Оваа желба за победа или за успех не се ограничува само на двата споменати примери, бидејќи тоа е присутно во скоро сите области со кои се занимава човекот. И тоа не е спорно се додека не загрозува себе, или други живи и конкретни личности или светот што го опкружува.  Секој треба да се труди и да даде се од себе за да ги преумножи талентите кои му се дадени за да го даде најдоброто, а радоста од постигнатото да биде полезно и радост за другите, а не просто само немо да учествува и да набљудува, или пак да падне во очај, бидејќи верата и надежта во успехот не треба никогаш да згаснат. Но, на тој пат до својата победа сепак треба да ги надмине оние пречки од вториот пример, бидејќи какво призание ќе добие човек за својот успех било на кое поле, ако се послужил со клеветата, со презирот или омаловажувањето, или ако се раководел од суетата и гордоста, или ако се наметне со насилство. Можеби на некого ова и не му е важно, но ако некој смета дека не треба да важи христијанското правило, прави му друг она што сакаш тебе да ти го прават, треба барем да се раководи според човечкото, не му прави на друг она што не сакаш тебе да ти го прават. Желбата за победа или желбата за успех значи да победиш и успееш, а никако да уништиш и да нансеш зло. Но, последниве денови сме сведоци на ова второво, а војната и недоразбирањата се само последица на пеколните противници  на човекот од вториот пример.

Нова Македонија 12.08. 2008

Посети:{moshits}