06 март 2017 лето ГосподовоИ заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зашто беше изградена на камен. (Мaтej 7,25)


Благодарение на семилосрдната и премудра Божја промисла, која грижливо за сѐ промислува, како и благодарение на недобројните маченички подвизи и жртви на олтарот на слободата, денес ние ја имаме оваа прекрасна и богоблагословена наша држава, со јасно дефинирани државни симболи и самобитна македонска нација. Сето тоа никој нема право да ни го одземе.

Меѓутоа, најцврста основа на една државност е здраворазумниот поглед кон историјата и непоколебливото држење до вистината и вистинските историски факти. Вистината е, впрочем, и сигурен залог за светла иднина.

Целта на оваа наша анализа е да прикажеме одредени аспекти од процесот на создавањето на автокефалната Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, видени низ призмата на една од најдобрите разузнавачки служби во светот, американската ЦИА. Имено, на интернет страницата на ЦИА, во секторот FOIA (Freedom of Information Act Electronic Reading Room), според законот за декласификација, објавени се бројни документи и извештаи, а меѓу нив и неколку што се однесуваат на македонското црковно прашање. Всушност, овие документи само ја надополнуваат веќе познатата историска вистина, па токму затоа и ги анализираме, за да не би можеле да се злоупотребуваат и искривоколчено да се толкуваат. Но, за да бидат коментарите на овие документи појасни, ќе направиме и еден краток историски осврт на борбата на македонското православно население за своја црковна независност.
Свештениот стремеж на православното словенско население од Македонија за возобнова на својата домородна црковна јерархија и употребата на мајчиниот словенски јазик на светите богослуженија, се појавува многу рано, би рекле уште од самото укинување на Охридската Архиепископија во 1767 година. Сепак, тој незапирлив порив на народната душа избликнува како силен вруток во времето на сенародната Преродба од ΧΙΧ век, кога нашите преродбеници и будители ја воскреснуваат идејата за обнова на автокефалноста на Охридската Архиепископија како Мајка Црква на македонското население. Преродбата беше истовремено и идејно и народно движење. Таа целеше кон духовно воскреснување на народот, а исто така и кон создавање на народна црква. Речиси и да нема позначаен наш преродбеник и општествен деец од ΧΙΧ век, во кого не бил присутен копнежот и тагата по своја црковна јерархија. Така, тој внатрешен копнеж, поетот Рајко Жинзифов од Велес го изразил како молитва кон Бога во своите стихотворби „Охрид“ и „Молитва“:  

Пастир прати им духовен
 да пасит славјанско стадо
 со дух народен, дух свободен
 да утешит старо, младо.
 ***
 И Кирилово учење
 нека грмит, утешават,
 света служба, просвештение
 нека народ напојават.

Познатиот, пак, преродбеник, учебникар, книжевник и духовник, Партениј Зографски од Галичник, во воведот на својот превод на Светиклиментовото Житие од блажениот Теофилакт Охридски, објавен во Цариград во 1858 година, носталгично пишува за словенскиот карактер на Охридската Архиепископија, со јасен израз на тага поради тогашниот недостиг на учители и отсуството на „природниот јазик во училиштата и црквите“. Притоа, за осиротената словенска паства во Македонија, тој нажалено воздивнува: „Ах, овие сиромаси се достојни за големо сожаление...“ И македонскиот книжевен деец и огнен борец за народната просвета, Константин Миладинов, со посебно чувство пишува за некогашната величина на славната Архиепископија. Објавувајќи една грамота од Охридскиот Архиепископ Пајсиј, чијашто содржина се однесува на јуриздикцијата на Архиепископијата, Миладинов во својот воведен коментар ја кажува причината за таа објава: „И бидејќи во сегашното наше поколение, после скрбниот ни словесен бродолом, секој остаток е бесценет камен за накитувањето од наша страна, затоа и ние полагаме обврска да не испуштиме случај да ја обнародиме оваа драгоценост“. Во продолжение, давајќи бегол преглед на историјата на Охридската Архиепископија, тој заклучува: „Кругот на таа Архиепископија беше бил многу широк“ (К. Миладинов, Охридска Архиепископиа, Москва 1860).

Нашите црковно-народни дејци од времето на Преродбата го воскреснувале споменот за Охридската Архиепископија за да ја покажат историската основаност за нивната борба за црковна независност. Таа борба, пак, ја достигнала својата апотеоза со создавањето на Егзархијата во 1870 година. Идеалот на нашиот народ за своја автохтона црквна јерархија бил конечно остварен. Тоа со силен восторг го изразува и големиот Григор Прличев во неговото пригодно слово за формирањето на Егзархијата, изговорено во Охрид, на 8 март 1870 година, пред мноштвото народ: „Благословен е Господ, Кој ги посети и избави луѓето свои! ... Во растојание од 108 години бевме потонати во црна темница, еве денеска заблеска за нас светол ден, весел ден, ден велик, ден свет, радост над радости, празник над празници...“ (Објавено во цариградскиот весник „Право“ на 4 април 1870).

Македонските дејци што така пламено се бореле за своја народна црковна управа, со радост го прифатиле создавањето на бугарско-македонската Егзархија, во којшто процес и активно учествувале. На Егзархијата тие гледале како на еден историски пат кон црковната слобода. А и уште повеќе, некои од нив ја доживувале Егзархијата и како воскресение и продолжение на некогашната Охридска Архиепископија. Така, знаменитиот наш учебникар и народен учител од Охрид, Кузман Шапкарев, во едно писмо од 17 август 1879 година, упатено до архимандритот Методиј Кусев (подоцна егзархиски митрополит на Стара Загора), родум од Прилеп, соопштува за идејата што била присутна во тогашните црковни кругови, Егзархијата да се нарекува Охридска Архиепископија. Меѓутоа, на сите им било јасно дека тогашните историско-политички услови немало да го дозволат тоа, дотолку повеќе што Високата порта во Цариград по секоја цена настојувала да не ги загуби македонските територии; а независна Архиепископија со седиште во Охрид би значело, всушност, и целосно губење на контролата над македонската земја.


Егзархијата била прифатена со големо одобрение од страна на речиси целокупното словенско македонско население. Со свој домороден македонски висок и низок клир, таа сосема успешно ја спроведувала својата пастирска мисија, напојувајќи го словесното стадо со евангелското спасително слово, на мајчин словенски јазик. Освен тоа, Егзархијата развила широка издавачка и образовна дејност, со бројни народни училишта, во кои се школувале и учителствувале многу наши идни духовници, општественици, борци за слобода, интелектуалци, идеолози, народни водачи и творци на македонската државност и самобитност.

Меѓутоа, со српската окупација на вардарскиот дел од Македонија по Втората балканска војна во 1913 година, и конечно, по завршувањето на Првата светска војна во 1918, Српската црква, во содејство со кралската војска и жандармерија, насилно ја спровела својата јуриздикција во новоосвоените територии, разнебитувајќи ја притоа домородната егзархиска црковна јерархија. Во тоа време егзархиските владици и голем дел од останатиот клир биле протерани, друг дел пострадале маченички, а останатиот бил присилен да ја прифати новата црковна власт, колку за да може да преживее. Егзархиските училишта биле затворени или пренаменети во српски; биле донесени српски клирици и учители, чијашто цел била, првенствено, србизирање на македонското население. За таа цел, македонските монаси биле изгонувани, и, на нивно место, нашите манастири биле пополнувани со српски монаси, кои биле особено активни во асимилацијата на верниците од Македонија. Споменот за Охридската Архиепископија и за некогашната црковна независност бил уништуван, а националистичката пропаганда одела дотаму што српските црковни власти со посебни укази го забранувале торжественото славење на празникот на Светите Рамноапостоли Кирил и Методиј и особено на Св. Климент Охридски, само за да се прекине секаква врска со охридската црковна и културна традиција! Сметаме за потребно да го наведеме тука сведоштвото на македонскиот револуционер Тодор Станков од Прилеп: „Во Македонија тој празник (т.е. споменот на Свв. Кирил и Методиј – б.н.) од крај време и до последните моменти на национален подем, бил празник сенароден (подвлечено од самиот автор – б.н.) и бил празнуван на секое место најторжествено, како народна пројава на сплотеност и единомислие во народните стремежи и желанија за политичка слобода ... Дури и сега, макар што Србите ги објавија Св. Рамноапостоли за прави Срби (подвлечено од самиот автор – б.н.) а празникот – за црковен празник, Македонецот, не можејќи јавно да даде свој изблик на восторг и национално сознание (подвлечено од самиот автор – б.н.), како некогаш, се задоволува потајно да му го предава на новото поколение, преку раскази и спомени, значењето на тој ден за Македонија, и на тој начин го држи будно националното сознание и духот на народот, притискан на секаков начин од деспотскиот непријателски режим“ (Тодоръ Станковъ, Празднуването деня на Св. Св. Кирилъ и Методий въ турско време въ Македония, София, s.a., 4).

Во контекст на горниов параграф, мошне интересни се спомените и на Илија Станоев (роден 1892 година) од село Двориште, Беровско, објавени неодамна од Михаил Белдедовски. Сеќавајќи се на српската окупација на Македонија по Првата светска војна, дедо Илија пишува:

„Новите окупатори уште од првите денови почнаа да уништуваат сè што е бугарско, како што велеа, зашто за македонско не сакаа ни да слушнат. ’Македонско не постои!‘, ни велеа. Такво нешто не признаваа. Уништуваа книги, ракописи, весници, фотографии... Воведоа српски јазик во училиштата и црквите, доведоа српски учители и попови. Бугарските попови ги прогонуваа и затвораа. Некои од нив беа и убиени. Почнаа да им ставаат српски имиња на бебињата во црквите. Ги прекрстуваа и возрасните, додавајќи им ’иќ‘ на презимињата. Правеа и други однародувачки работи. Им пречеа дури и капите на луѓето, каскетите. Ги тераа да ги фрлаат и да ги заменуваат со шајкачи... Луѓето од страв да не бидат затворени, почнаа да бегаат во Бугарија“ (Михаил Белдедовски, Малешевски малеења. Предавства и убиства, Скопје 2016, 32).

Сето тоа предизвикало огромно незадоволство кај верниот македонски народ, кој уште со самото губење на црковната независност веднаш започнал да се бори за нејзино повторно востановување. Помеѓу бројните историски извори што ни соопштуваат за тој процес за обнова на автокефална црковна јерархија во Македонија, се наоѓаат и веќе споменатите извештаи на ЦИА, на кои сега ќе им обрнеме поголемо внимание.

Така, во извештајот од 29.08.1952, со број CIA-RDP82-00457R013700160010-6, во третиот параграф, се вели: „Уште од анектирањето на Македонија во Југославија во 1913 и инкорпорирањето на нејзината Црква во Српската православна црква, локалните православци сакаа да воспостават своја посебна Православна црква, независна од Белград, со бугарски (во тоа време сè уште не бил кодифициран македонскиот стандарден јазик – б.н.), а не со српски како црковен јазик. Под триесетгодишното владеење на династијата Караѓорѓевиќ, која ја претставуваше српската доминација и централизам, желбите на Македонците беа значително занемарени. Владата на Тито, која го претставува комунистичкиот, антирелигиозен централизам, го смета единството на СПЦ како пречка за режимот. Така, Тито се зафати за каузата за посебна Македонска црква со цел да ја ослаби Српската православна црква и да го попречи нејзиниот отпор кон неговиот режим, создавајќи му потешкотии“.

Од овој извештај може јасно да се види дека титовиот комунистички режим само ја искористил веќе постоечката македонска кауза за автокефална Црква како политичка мерка против хегемонизмот на СПЦ, а не дека самиот тој си измислил некаква автокефалност за МПЦ. Тоа многу добро го заклучил и еминентниот американски историчар за Југославија, Dennison I. Rusinow, во својот извештај (AUSF Reports, Southeast Europe Series Vol. XV No. 3 (Yugoslavia) 1968, стр. 18, објавено од FOIA под број CIA-RDP08C01297R000400240004-0), насловен како: „Македонското прашање никогаш не умира“. Во него тој вели: „Нивната борба за посебна Македонска православна црква, која делумно беше успешна во 1958, а во целост минатата (1967) година, води почеток од 1944 и во никој случај не е чисто „изум“ на режимот и партијата за да им се угоди на македонските другари, како што изгледа дека Српската православна црква сака да верува“.

Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија не е комунистичка творба на Тито (кој, патем речено, на некој начин бил принуден да ја санкционира нејзината независност), туку е плод на речиси двовековната пожртвувана борба на православниот народ од Македонија за своја народна Црква. И таа борба е овенчана со светол маченички подвиг и света маченичка крв.
Активно учество во обновата на автокефалноста на Охридската Архиепископија зела и Македонската револуционерна организација. Така, во продолжение на извештајот од 29.08.1952, во четвртиот параграф се вели: „ВМРО, подземна организација која поддржува унија на Македонија со Бугарија, не се интересираше за црковните работи до 1945. Оттогаш таа постана еден од најсилните поддржувачи на независната, автономна Македонска православна црква. ВМРО инфилтрира свои членови во редовите на титовите комунисти во Македонија, со инструкции да го зајакнат создавањето на посебна Македонска црква. Македонците, особено бугарското малцинство, посакуваат да создадат независна Архиепископија во Охрид, македонски Свет синод и, уште поважно, да го користат бугарскиот како јазик на нивната Црква, наместо српскиот“.

Понатаму, во дел од параграфот 5 се вели: „Бидејќи македонскиот црковен сепаратизам оди рака под рака со народната сецесија, титовиот режим не им ја дава својата потполна поддршка и дозволува Македонската црква да остане сон на Македонците. Од друга страна, титовиот режим им дозволува на Македонците да играат отворено со оваа идеја додека ѝ предизвикуваат сериозни потешкотии на Српската православна црква, чија сила и влијание врз Србите сака да го скрши по секоја цена“.

Последната страна, како и белешките на овој документ се забранети за пристап, така што можеме само да претпоставуваме што уште се крие зад сево ова и тоа кој и каква улога одиграл по ова прашање. Меѓутоа, повеќе од очигледно е дека Тито и неговиот режим биле ставени пред свршен чин во однос на создавањето на Македонската православна црква, така што ним им останало само да го искористат тој факт за свои политички цели.
А за тоа дека зад негаторскиот став на СПЦ кон МПЦ-ОА не стои никаква еклисиолошка причина, туку чисто политичка, може да се види и од еден друг извештај на ЦИА, од 07.03.1947, со број CIA-RDP82-00457R000400170007-6, каде во параграфот 2 се вели дека српскиот Патријарх Гаврило „примил делегација од Македонската православна црква, која барала автономија за нивната Црква. Одбивајќи го барањето на делегацијата, Гаврило изјавил дека, што се однесува до него, не постои такво нешто како македонски народ; затоа не може да постои ни автономна Македонска црква“.

За жал, ваквиот став сè уште преовладува кај голем дел од српските црковни и државни власти. Сведоци сме како поединци од власта на српската држава се одрекоа од признавањето на уставното име на нашата земја.

Целта на оваа наша анализа не е да ги навредиме нашите возљубени православни браќа од Србија или српското малцинство што живее во Македонија, како и бројните духовни чеда на нашиот Манастир и неколкуте наши собраќа монаси со српско потекло. Напротив, ние остануваме молитвено соединети со нив во љубовта Христова, и токму затоа го објавуваме овој коментар. Зашто, претераниот национализам води кон поделби, расколи, омраза, отуѓување... И пред сè, тој им штети најмногу на тие што го практикуваат, помрачувајќи ги нивните души и одвојувајќи ги од светлината на љубовта Божја.

Навистина е неправедно сега, кога Бог благоволил да се создаде независна македонска држава, со народ со славјано-македонско самосознание, со своја политичка независност, да се оспорува неговото канонско право да има своја независна црковна јерархија, како рамноправен член во телото на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква Христова. И тоа особено во време кога постои сериозна загрозеност на христијанските морални вредности во светот, како и на Христијанството воопшто, кога би требало да направиме историско помирување и да поработиме на меѓусебното сплотување и братољубие.

Најпосле, како монашко братство кое повеќе од две децении неуморно се труди да ја сведочи вистината, сметаме дека архиереите на Светиот Синод на Бугарската Православна Црква треба да бидат похрабри и порешителни во однос на признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Зашто, гледано и од историски и од црковно-канонски аспект, и МПЦ-ОА е навистина длабоко поврзана со некогашната заедничка Егзархија, дотолку повеќе што таа произлезе од нејзината паства и нејзините територии во Македонија (кои ѝ беа насилно и бесправно одземени од српските власти), и што главните протагонисти за обновата на автокефалната македонска црковна јерархија беа воспитаници или приврзаници токму на Егзархијата.

Нека преблагиот Господ се смилува над нас, недостојните, и нека испрати просветление во срцата и умовите на оние од кои зависи решението на историската неправда со автокефалноста на нашата најсвета Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на Македонската Православна Црква.

 

Извор: Бигорски манастир