Епископ Методиј Златанов

( сега Митрополит Аамериканско- канадски )

metodij.klub.jpgПрашањето за релацијата меѓу номиналната власт и власта на слободниот креативен израз од секогаш како по правило се врзувала за феноменот на таканаречената ангажирана уметност. Модернизмот го тотализираше овој феномен до потполно поистоветување: уметност е еднакво на ангажман. Со иста цел, а со различна методологија, постмодернизмот, а до крајна инстанца постструктурализмот, конечно ја демистифицира оваа фиктивна граница која во уметноста и нејзината многулика историја одржуваше состојба на перманентна шизофренија. Сî што беше на некој начин “премногу смело” за вкусот и критериумите на малограѓанската етикеција беше означувано како ангажирано. Секој обид да се воспостави самосвоен поетички систем и прагма беше подведен под категоријата уметнички ангажман. И не само тоа, туку и секој потфат мотивиран од искушението да се проституира уметноста во полза на некоја идеолошка матрица го добиваше истиот означител. И ова набројување може да продолжи до бесконечност, доколку сакаме идејата за ангажираност на уметноста како некој ексклузивитет да ја сведеме до апсурд. Уметноста првенствено е давање. Тоа логично го отвара прашањето: Постои ли уметност која не е ангажирана? Или, што значи тоа неангажиран израз? Со други зборови, дали ангажманот на уметноста и во уметноста не е еуфемизам за функционализирање на уметноста? Се разбира, прашањето е реторичко. Тоа само треба да ја потенцира илузорноста на концептот на подвоеност на уметничкиот израз на ангажиран и неангажиран.


Ваквата анализа евидентно не го допира проблемот на односот на уметноста кон власта. Уметноста може да биде ангажирана, а таа експлицитно да не го допира подножјето на политичкиот (идеолошкиот) Олимп. За да поставиме добар почеток во расветлувањето на оваа исконска дилема, ќе се обидеме тежиштето на проблематизирање да го лоцираме на виталното прашање: Што е власта?


Еден парадигматичен дијалог кој í припаѓа на библиската историја може да ни помогне во одговорот. Се работи за нијанси во наративниот натурализам дали ќе го употребиме оригиналниот текст на евангелистот Јован, или дајџестот на Михаил Булгаков од романот “Мајсторот и Маргарита”, кој патем речено е ремитологизација со фантастична драматичност. Поентата е иста. Сепак, да се држиме до корените: “Пилат му рече: “Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуштам.” Исус одговори: “Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора... “ (Јован. 19, 10-11).


Дефиницијата која е имплицирана во ова кажување е квинтесентна. Таа ни ја открива власта како нешто дадено. Како нешто што се дава. Ако, пак, е дадено, тогаш најголемото злосторство е зачнато во идејата дека власта е вродена, односно природена. Врзана за личноста по некоја надисториска нужност или судбина. Затоа скоро по правило секоја тиранија својот онтолошки концепт го врзува за некоја форма на детерминизам или фатализам. Она што по својата суштина се дава, ниту може да се купи, ниту да се украде, ниту да се освои, а притоа да не се промени по себе, т.е. да не се претвори во својата антитеза. Пилатовата варијанта е: имам власт. Христовата варијанта е: таа ти е дадена, таа е дар.  Власта е благородна категорија. Таа првенствено подразбира свештено служење, а не експлоатација. Затоа и во поуките кон своите ученици Христос ја поистоветува желбата за првенство, за совршенство со повикот да им се служи на сите. Кој сака да биде во врвна добродетел, треба да се грижи за сите, да има љубов  за сите, да им благодари на сите заради дарот да биде над сите. Совото Божјо Кој стана човек од љубов кон човекот, тоа го покажа со својот личен пример со воплотувањето, со миењето на нозете на апостолите, со страдањето, со распетието, со смрттта. Еве уште едно библиско место: Пилат Му рече: “Ти, пак, Цар ли си?” Исус одговори: “Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.” Пилат го праша: “Што е вистината?”(Јован 18, 37-38).


Ова прашање што Понтиј Пилат толку саркастично го поставува има универзална конотација. За да се разбере интонацијата со кое тоа е изговорено треба да се проникне во колебливоста на римскиот управник. Тој знае со кого си има работа. Неговата сопруга е таен приврзаник на Христовото учење. Свесен е исто така дека случајот со овој Назареец воопшто не е рутински и обичен. Интуицијата му кажува дека е ставен во ситуација да се меша во нешта кои се далеку над неговите ингеренции. Тоа дополнително го фрустрира заради неговата маргинална позиција на работ од цивилизираниот свет. Агонијата во која се мешаат желбата за апсолутна власт и свеста дека таа, низ личноста и зборовите на смирениот осуденик пред него, му се открива на сосема поинаков начин, уште повеќе го збунува. Пред него се урива стариот поредок. Пилатовиот избор е да се ничкоса со него, или да се преобрази. Тој само успева да си ги измие рацете. Тоа е експлицитен израз на немоќ. Толкава е доблеста на Пилат и сите негови епигони. Тоа е и дијагнозата на желбата за власт која се колеба меѓу самоостварување или самоуништување.


Секој граѓанин, секој уметник, секој човек, треба да живее постојано поставувајќи си го Пилатовското прашање што има единствена суштина, но три ипостаси: Што е власта? => Ти цар ли си? => Што е вистината?
Што е власта? Ти цар ли си? Што е вистината?


Одговорот на него повторно е содржан во евангелското собитие. Христос му одговара на Пилата: Ти велиш дека сум цар. Со други зборови, јас сум цар, т.е. јас имам власт доколку ти ми ја дадеш. Ти имаш власт доколку јас ти ја дадам, според власта која и мене ми е дадена од Бога. Самонаречената власт има благо кажано донкихотовска конотација. За тоа всушност се напишани многу философски и книжевни дела. Од најразличен жанр. И понатаму: Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот..., т.е. јас се родив за да бидам даруван со власт, како Адам во почетокот, всушност, во мојот образ јас веќе ја добив власта да му служам на она што е вистина и да ја дадам власта на она што е вистинско. Тоа е власта. Да се дадеш себе си од љубов кон вистината. Взаемно принесување на оној што дава и оној што прима. Затоа уметноста и власте се едно во Литургијата. Каков квалитативен амбис. Погледнете низ прозорецот! Погледнете во телевизискиот екран!


Вака поставен, предметот на нашата анализа се удвојува. Човекот (уметникот) и власта, и/или човекот (уметникот) и тиранијата. Уметноста, ќе повторам, е давање. Затоа давањето мора да биде свесно, така се воспитува оној што ја добива власта.

Извор: Време

Посети:{moshits}