Goran.S.Velig.jpg

презвитер Горан Стојчевски
ПИЛАТ ИЛИ ХРИСТОС ВО НАС









Не одмаздувајте се , возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев, Оти е напишано: Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатувам, вели Господ. И така, ако непријателот твој е гладен, нахрани го, ако е жеден, напој го, оти правејќи го тоа, ти ќе му натрупаш жар на главата негова. Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро (Рим. 12.19-21)
Од сите личности во Новиот Завет некако најмногу в очи ми паѓа Понтиј Пилат. Некој можеби ќе ми префрли за ваквата „симпатија„,но, за Господ Исус Христос не би имал ниту збор, ниту мисла да кажам, бидејќи Христос е сето она што треба да биде човекот во Бога, а Он е, сета полнота на Бога (Кол. 2,9)! Зошто, Понтиј Пилат? Човекот е власт, а се плаши да ја спроведува правилно, човекот му е смачено што е провинциалец и сака унапредување, а за тоа е потребно додворување, угодување, замижување, прогледување, сплеткарење, сложеност, и на крај избегнување на било која вина, а ако нешто се случи што не е во ред ниту со закон, ниту со ред и поредок, тогаш имаме т.н. колетерална штета, или симболично миење на рацете, и изјавата, јас сум чист, невин сум! Е, ова ни се случува на сите, но дали ќе си го признаеме! Понтиј Пилат е во секој од нас, и останува во нас се до моментот на покајанието и желбата да почнеме да размислуваме и твориме онака како што правеле светите подвижници, а тоа е:јас сум виновен за сè. Можеби, некои ќе речат, дека не сум на власт и дека ништо не зависи од мене, но, слободната воља, таа е најголемата власт што му е дадена на човекот, поголемо од слободата е благодатта Божја, која секогаш дејствува, и повеќе или помалку врз нас зависи од нашата слобода, но и да ја отфрлиме, Бог не нè отфрла, значи необјаснива е љубовта Божја кон човекот и светот, а без благодатта Божја ништо не би суштествувало, ниту видливо, ниту невидливо. Но, да ги оставиме тие догмастски прашања, за кои и онака ретко кој би имал доблест да дебатира, да се вратиме на животните прашања, од кои зависи нашето спасение, односно изградувањето или поточно вподобувањето на човекот според образот Божји, или пропаѓањето или поточно оттуѓувањето на човекот од Бога, што го прави нечовек или сите други жаргонски термини што би се употребиле за таа состојба, а кои слободно можете да ги допишете.

  • Поента на текстов, е следна, отсекогаш, ај да не кажам денеска, многупати сме ја (и ја) практикувал(м)е млакоста на Понтиј Пилат, или пак, незаинтересираноста на проконзулот Галион (уште еден лик од Новиот Завет, Дела 18. 12-17), кога се работи за нечиј човечки живот, за проблем, за помош, за услишување на молбата, за слушање на крајот од краиштата, а колку пати пак, зависело од нас сето тоа, но, заради „повисокиот„ интерес полесно е да ги измиеш рацете и да се правиш невин, или да го обвиниш ближниот, како што Адам го обвнини Бога дека му ја дал Ева, зарем денес сака некој од нас да си ја призане вината, секогаш сакаме да покажеме на ближниот, прстот никогаш не свртен кон нас, секогаш другиот е виновен. Човекот гледа на лице, односно која „фаца„ е пред него, пред Пилат беше Христос Кој е Цар, но не изгледаше во неговите очи баш така, а Бог гледа на срце, и не му е важно кој е и што е, туку каков е, дали има во срцето љубов, милост и покајание. Затоа, судот човечки се разликува од Судот Божји, не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд, вели Христос (Јован 7,24). Во секој од нас е Адам кога го обвнинуваме другиот во секој од нас е и Понтиј Пилат кога го судиме другиот, или Галион кога сме незаинтересирани за ближниот, но слава му на Бога, ѕирка и Христос во секого од нас, чекајќи ја Својата шанса, за да нè спаси, но доколку му го дозволиме тоа во нас кога ќе проработи милоста, љубовта и состраданието.

Некому знам дека сум му и досаден со постојани напоменувања за ситуацијата во светот, стардања, војни, и сите тие наши човечки падови (кои не се во светот, туку во нашето срце), и знам дека нема да го спасиме светот преку facebookи twiter, или било која друга социјална мрежа, можеби малку ќе го насочиме вниманието, но тоа е многу, многу малку, но само едно ми е јасно, а тоа е дека Христос го спаси и светот и човекот, да спасесни сме, но од нас зависи дали ќе учествуваме во тоа спасение. Сите ние што сакаме да бидеме „силни„ момци да стреламе во невини луѓе (и физички и со мисла), татко на човекоубијците е ѓаволот (Јован 8,44), и сите ние кои сметаме дека му угодуваме на Бога и учествуваме во некои игри и интриги, клубови и комисии, индустрии, тајни друштва, итн. итн. па, и сите ние кои сметаме дека сме „горе„ и сакаме да изградиме нешто што се темели на исклучиво на нашиот разум, а заради тоа страдаат живи и конкретни личности, што се „доле„, па и природата околу сите нас, гадно сме се зафркнале дека некого ќе надиграме, бидејќи не можеме да го занемариме фактот дека Христос Воскресе, и тоа за сите и за сè, вклучувајќи ги и оние што се против Него, па и оние што не веруваат во Него или што се борат против Него. Тие што не веруваат, нека веруваат на својата совест, таму е Он.

Тие што се борат против Него, да знаат дека пак, пред Него ќе застанат, и Он ќе ја покаже Својата љубов, но ќе ја почитува нивната богоборечка воља. Сметам дека, и ако сака некој и нека ме осуди за „преподобие„,иако не сум против социјалните мрежи кои ги користам, иако, сметам дека молитвата е најсилната социјална мрежа од било која што постои во светот, а на која многу слабо и посветуваме внимание. Најсилна е, бидејќи Администраторот нема потреба да се надградува, и поседува сè, и тоа ive. Поголема сила има Господи помилуј, од like, Пресвета Богородица спаси нè, за разлика од comment, или Нека биде вољата Твоја Господи, или Ти Благодарам Господи, Евхаристија, за разлика од Share. Дотука можеби се стигнува по милоста Божја со теорија, останува понатаму на праксата. Практикување на молитвата е вистинската работа во било која ситуација.

  • Да ја практикуваме почесто, спасува животи, бидејќи обезбедува вечност во името на Оној кој го победи светот, Христос. Ако ја практикуваме сигурно Понтиј Пилат во нас нема да го осуди и предаде Христа на распнување т.е . нашиот ближен, нема да бидеме незадоволни од провинцијалноста во нашата душа, и без разлика каде сме и што сме, бидејќи во Него сме секогаш и секаде, нема потреба да се „улизуваме„ некому, бидејќи сè е од Него, само зависи од нас колку сме подготвени да благодариме за тоа, а нека му ја мислат оние кои сакаат да сплеткарат, Господ вели, како што слушам, така и судам, а Мојот Суд е праведен, оти не ја барам вољата Моја, туку вољата на Оној Кој Ме пратил (Јован 5,30), колку да не мислиме дека и Него ќе го прејдеме, а наше е да се молиме, да љубиме и да бидеме милостиви. А, најважно е, како што нè поучиле светите отци, да спознаеме дека јас сум виновен за сè, и да не ги миеме рацете пред некоја неправда, страдање или осуда, и да тврдиме дека сме невини, подобро е , Господи помилуј, Господи помилуј...Колку поголема свесност за сопствената грешност, толку подобро покајание, колку подобро покајание, толку поголема љубов, а љубовта е добра за нас и за сите околу нас! А, Бог е љубов, и Он спасува.

Повикани во служба на Црквата Христова, како свештенослужители можеме да зборуваме само за Христа, а практично да се потрудиме да сведочиме за Него, досадни или не, сè исто или не, му се допаѓало тоа некому или не, конзервативно или либерално сеедно, про или контра, нормално или „забегано„... од нас и се очекува да пишуваме, зборуваме и секако да сведочиме за Црквата одосно  Литургијата, причест, духовно раководство, исповед, пост, Исусова молитва, Свето Писмо, Свето Предание или сведоштвото за Христа, бидејќи ако со крштевањето сме соединиле со Неговата смрт, тогаш за да бидеме учесници во Неговото Воскресение, што да се очекува од нас како христијани освен да го бараме Христос Воскреснатиот.
П.С. Посветено на 3,14 што го гледа доброто во секој човек.


На праникот на Успение на Пресвета Богородица

лето Господово 2014