Evag.za.deca1.jpg            По тесниот пат


“Влезете низ тесната врата, оти широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат”.  (Матеј 7, 13-14)  








Колку е голема и пространа оваа широка врата која дозволува привлечен поглед од далеку надвор и која отвора хоризонт кон исто така широк пат со восхитувачки случувања на точките за застанувања. Светлечки пропаганди насекаде ги дефинираат правците и несомнено врвните уживања на секоја дестинација која понудена и со најмалку зборови сепак крие нешто соблазнувачко. Чуварите на влезот се повеќе пропагатори отколку сериозни лица кои би ве запреле во случај да не сте компатибилни за тој пат и посакуваната рута. Значи, сите се добредојдени, поттикнати и поттурнати може да каже, само и само да тргнат во авантурата: несекојдневен живот. Мирисот уште по првите чекори ве потсетува на веќе, може за вас само во кратки црти дотогаш, доживеаното обилие на храна, испотени и испреплетени и неприродни голи тела, опијати во течна и прашинеста форма, соништа од сапуница, крвави пари и на се она што не ќе е доволно само да се помириса, туку ќе мами побрзо и поенергично да се вкуси, а малку подоцна веќе и да не се може без него. Поттик ќе биде фактот дека мнозина се со вас по тој пат, па ќе бидете сигурни дека не сте погрешиле дури и кога ќе го видите падот на дел од нив и хибернацијата на останатите. Насекаде има прирачници со автоматизиран текст чија содржина зборува за краткотрајноста на животот кој треба максимално да се проживее исполнувајќи ја секоја негова пора со логата: се да се искуси и височеството “јас” е највисоко и приоритет. На крајот на тој пат, иако никаде не се споменуваше дека тој би имал некојси крај, е уште поголема светлина која не звучи и изгледа толку грандиозно ако се земе во предвид дека е нуспроизвод на силен оган.
Колку е малечка оваа тесна врата, низ која да поминеш е можно само со поднаведната става и која отвора хоризонт кон исто така тесен пат со многу нерамнини и подлога со остри камења и заканувачки трња. Повремен блесок во далечината е надеж дека во тој миг на осветлување се видел, препознал и меморирал правецот од кој нема отстапување и вера дека тој води таму каде душите го напуштаат телото, тој непотребен товар. Ангелите на влезот се сериозни лица со загриженост во очите дали ќе се откажете од соседната и ќе влезете во оваа врата и охрабрувачки поглед кој не го задржуваат за себе туку го препуштаат врз вас се додека не застанете на сопствени нозе. Мирисот уште по првите чекори ве потсетува на жртва и воздржување, понижување и солзи, покајание и молитва. Во почетокот застрашувачки, но подоцна несуетна гордост со доза на помирување ќе биде фактот дека малцина се со вас по тој пат, па ќе бидете сигурни дека на гозбата на крајот ќе има со кого да благословувате. Насекаде е единствениот прирачник со содржина од која ниту една цртичка не смее да се промени, кој зборува за краткотрајноста на животот на земјата и неговата посветеност на напорите да се замрази светот и страстите кои го сочинуваат и засака можноста да се биде дел од друго поправедно царство. На крајот на тој пат е големата светлина која не е лажен исцедок од огнот на проколнатите, туку вистински сјај од Престол, бели обувки и весели извици на незагрижени наследници на мирот.
Сега сум можеби на половина од тесниот пат. Гребаниците и раните по телото брзо заздравуваат. Понекогаш си плачам за трњата кои навлегле подлабоко и сакаат да ми ја прободат мислата дека чекорам сигурно. Ги вадам со голи раце и онака крвави ги игнорирам и како оружје на лукавиот и како недоволно свесни дека посилен сум од нивните осила. Не дека сум станал херој по сопствено убедување и моќ која сум ја имал во себе си. Повеќе дека сфатив дека болката е единствениот начин кои тие го разбираат за да си заминат, а јас го умеам за да ги заборавам.

 

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 24-ти август   лето Господово 2014

  Друго: