Сакајте, барајте и чукајте
matka_odezdi3.jpg

“Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори; зашто секој што сака, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори.“  (Матеј 7, 7-8)   

Цел живот нешто се посакува и одеднаш доаѓа таа топ понуда која нема да заврши само со поглед на она што ви се презентира туку истото ќе ви се даде во ваша сопственост. Делириум од среќа не толку за доброто кое го добивте, туку повеќе за судбинската промена во вашиот живот веќе еднаш желбите да почнат да се остваруваат. Кога еднаш веќе започнало тогаш посакувајте без лимит: луксузен стан, автомобил без покрив, нива колку две фудбалски игралишта, холивудска актерка во вашиот дом, осумцифрени износи на банкарска сметка и нешто друго..., малку воопштено завршено заради ограничениот простор на трудов. Но, што ќе ви е сето тоа? И онака треба да имате доволно грижи за неизгасливиот апетит.
Со првото отворање на очите, започнува и потрагата. Се бараат мајчините гради, повисок џепарлак, првата љубов, полесно вработување, златен рудник, камен во бубрегот, богата вдовица и гроб со многу украсен мермер. Ако нешто се пронајде се благодари на ѕвездите и нивната одлична поставеност да осветлуваат еден таков поход со идеална реализација. Но, што ќе ви е дел од ова? И онака треба да имате доволно грижи за заведените нозе.
Изневерувајќи ја бесконечната рамница на благосостојбата, прародителите беа сместени во светот со ѕидови. Има ѕид помеѓу брачните другари, ѕид во затворите, банките, ѕид помеѓу религиите, ѕид во срцето, и насекаде каде љубовта се обидува некој да ја разгради во повеќе простори со намален интензитет. Сите овие ѕидови имаат порти, а дел од љубезноста е да почукаш на портата и истата да се отвори само на добродојдените. Дел од упорноста е пак да чукаш доволно долго на една или неселективно на сите порти и живееш во исчекување. Но, што ќе ви се сите тие ѕидови? И онака треба да имате доволно грижи за вашата моќ за прекокнување.

  • Сакајте и ќе ви се даде. Посакајте секое утро да го гледате изгревот на сонцето. Не е ништо посебно, би рекле моите противници, сонцето не ја променило таа своја активност од постанокот, а и секому е тоа овозможено, па дури и бесплатно. Не би рекол, слепиот човек тоа не би го можел. Посакајте да имате спокој во душата, таму длабоко помеѓу растрепереното срце и немирната совест. Посакајте да имате љубов кон Бога, барем десеток од она што тој го поделил на целиот свет. Посакајте колиба со доволно прозорци за пејсажот да ве посети. Посакајте доволно брз автомобил за да побегнете од Пивофестот и локалите со разблудни испарувања. Посакајте сеф во банка за да ги заклучете љубовните писма од сопругата и ги отклучете кога ја насолзите. Зошто секој што сака и добива.

Барајте и ќе најдете. Барајте милост во себе си. Не е ништо посебно, би рекле моите противници, милост е да се пресадат цвеќиња. Не би рекол, градинарот тоа некогаш го прави немилосрдно засекувајќи со ножицата. Барајте звук на труба проследен со повик од облаците. Барајте очи полни со верност кои не прашуваат и ожалостуваат. Барајте безгранично трпение кое ќе ве претвори во камен додека луѓето денес наликуваат на оние пред потопот. Барајте место на гозбата на Домаќинот каде разговорот се слуша и благодатта запишува. Барајте бела облека и палмово гранче за да наликувате на наследниците. Зошто секој што бара и наоѓа.

  • Чукајте и ќе ви се отвори. Чукнете на портата која одамна ви се затворила. Не е ништо посебно, би рекле моите противници, ако една порта се затвори, друга ќе се отвори. Не би рекол, оваа е многу посебна и ќе стојам пред неа и ќе чукам додека гласот одвнатре не ме запраша кога сум се покајал. Чукнете на портата за да не останете надвор со кучињата. Чукнете на портата за да прашате дали вашата вера е доволна за влегување. Чукнете на портата за да наѕре надежта и ве погледне со милните очи. Чукнете на портата додека Младоженецот не е пристигнат за да ве најде таму, подготвен и несонлив. Чукајте на портата и кога никој не ви отвора за да го смилостивите Праведниот да погледне на вашите рани. Зошто на онај што чука и ќе му се отвори.

 

 

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 03-ти август   лето Господово 2014

  Друго: