sv.Nikomid.macenici.jpg

                             Не ја давајте светињата своја


“Светињата не ја давајте на кучињата, и не си го фрлајте бисерот пред свињите, за да не го изгазат со своите нозе, и, откако се повратат, да не ве раскинат. “  (Матеј 7, 6)   

Зборот “светиња“ не е само обичен збор ценејќи по пиедесталот на кој се наоѓа и стремежот истиот да се достигне по секоја цена, па понекогаш и по онаа на сопствениот живот. Некој ќе рече, а верувам ќе биде и во право, дека оваа иста дефиниција би можела да се однесува и на дијамантите, кредитните картички, златото, банкнотите, опијатите во секоја форма или пак голото женско тело. И премногу инфилтрирани поими кои со самото наговестување ја поткопуваат невиноста на зборот и не водат во погрешен правец. Можеби, за да отпаднат сите тие, во описот требаше да нагласам дека се зборува за достигнување кое ќе изобилува со чистота, прозирност, спокој и недопирливост. Тогаш станува јасно дека тоа не е само обичен збор, туку нешто што значи и не се дава секому.
Телото како резултат на правот земен и вдахнато со дух животворен, после отпадот на прародителите само трулежно, може сепак да биде и светиња во нашиот лексикон на драгоцени зборови. На првата страница ќе стои неговата цврста одлучност да стане храм достоен за посета и пребивање на Бога и место означено со крстен знак на портите кој ќе опоменува колку влезот е дозволен. Ако, макар и збунето го фрлиме пред свињите, малку ќе остане од него необесчестено, малку ќе биде доволно за Мамона да си го присвои.
Душата наша полетна, често залетана кон висините, полна со воздух кој издигнува, е потенцијален кандидат за светиња. Таа го привлекува Утешителот, ја презентира побожноста, го гледа царството на небесата и умее да ги изброи и ангелите. Ја загнездила и совеста, ја поучува, смирува и дразни кога сме заскитале. Но, ако ја фрлиме пред свињите, малку ќе остане од неа незапустено, малку ќе биде доволно Мамона да ја облече.
Срцето наше ранливо, вечен трагач по љубовта, трезор на сите драги спомени, е нешто наредно што може да биде светиња. Ќе биде таму каде и богатството наше, ќе биде и овде ако ја запреме неговата луда аритмија. Обоено во колоритите на крвта ја симболизира подготвеноста да гине на бојното поле за своите идеали, најчесто слепи и повремено силни. Ако го фрлиме пред свињите, малку ќе остане од него неизгребано, малку ќе биде доволно Мамона да го исцеди.
Разумот наш немудар, сокровиште на тајните помисли, менаџер на дестинации кон кои ќе движиме, гордост на нашата личност дека не дистанцирал од анималот, е исто така претендент за светиња. Кога душата го препознала Бога, тој е архитектот планер за поставување на темелите на конструкцијата наречена: вечен живот. Понекогаш се губи во виорот на војната со страстите кои довикуваат, но покаеното срце го лоцира и повлекува назад на мирните пасишта со еднозначни мисли. Ако го фрлиме пред свињите, малку ќе остане од него нерасеан, малку ќе биде доволно Мамона да го залуди.
А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта, најголема меѓу нив е љубовта. И тие се светиња. Верувам во добрината на Јагнето; се надевам на место покрај Престолот, макар и на последното столче на масата во ќошот па дури и да не се слуша милозвучниот глас на харфите; го љубам Бога понекогаш недостојно во обезсиленоста да ги мобилизирам сите атоми во заеднички порив кон уште посилна љубов. Ако ги фрлиме пред свињите, малку ќе остане од нив неосквернето, малку ќе биде доволно Мамона да ги исмее.
Пред кучињата или свињите, сеедно. Не ја давајте светињата своја. Гласовите во главата можат сенешто да дошепнуваат, но целта беше дефинирана уште кога Духот Божји лебдеше над водата. Да се вратиме во наследството кое ни беше наменето уште од почетокот. Го имаме она што изобилува со чистота, прозирност, спокој и недопирливост. Затоа и не помислувајте да ја дадете светињата своја.

 

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 27-ти јули, лето Господово 2014

  Друго: