Adot.se.jpg                              

  Да се суди или не?


“Не судете, за да не бидете судени, оти, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.“ (Матеј 7, 1-2) 
 

Во собирите на луѓето, било да се двајца или во конгресно мнозинство, и нема голема разлика кога станува збор за оној дел од дискусијата кој се однесува на анализата на нечие однесување, напорите да се докаже како тоа истото самите би го реализирале, прашањата поврзани со длабоко чудење зошто некој постапил надвор од некои граници прифатливи во тој момент на живеење, понудените варијанти кои би биле најдобрите решенија и за најлошите услови, и така во недоглед. Разумот кој потекнува од Бога и кој требаше да биде контролиран од срцето, а тоа пак раководено од богатството наше кое е всушност копнежот по Духот и себеповрзувањето повторно со Бога, но сега во внатрешниот човек, одлучил да стане автономен. Еден разум, колку и да се гордее со својата мудрост и потенцијал да го разгледа светот, го испланира неговото постоење и пак се врати назад само во миг, не верувам дека е достоен да помисли, а камо ли да одлучува по својата независност. Но, седнал тој на престол на земјата и со украден авторитет проговорил кој е виновен, по кои норми се огрешил и како треба да постапи за да се измие, и тоа само делумно. Си седи на престолот и си суди, толку заслепен од својата моќ да проценува што не го гледа мечот кој му виси над главата и со засилено нишање зема замав сосема контролиран да отсече до корен. Можеби за време на последниот полукруг на оштрицата и ќе сфати дека ако го изусти  последниот збор кој значи запечатување на вината на одредена постапка, истовремено и ќе го признае и својот грев по истиот чин, направен несвесно или со промисла која со сопствените очи изгледа сосема поинаку, наивно и скоро добродушно.
Соседот се враќа доцна навечер, се движи некоординирано од едната до другата страна на улицата со на неколку места извадена кошула од панталоните. Веројатно бил на состанок, пијан е и средбата мора да била со жена, но не неговата по законот. Тој е стопроцентен блудник и треба да се пече на ражен, на тивок оган, долго и измачувачки. Неговиот сосед пак, повторно се прејал, ценето по купот на коски од кокошка во ѓубрето во кантата во нивниот двор, позади сливата. Дали се погледнал во огледало, дали го забележал неговиот стомак налик на оној на благословена госпоѓа и неговите мрсни образи подготвени да експлодираат во секој момент. Тој е многу лаком и треба да го почувствува земјотресниот прединфракт за да се разбуди и промени. Сосетката пак наспроти, омажена за трговец е најгорделивата во градот ако се земе во предвид марката на нејзината облека и дестинациите посетени во сопствен аранжман, финансирани секако од сомнителните зделки на нејзиниот сопруг кој продава евтина стока со висока маржа и без гаранција. А пак тој, нејзиниот сопруг е неприкосновен лажливец, кој самото отворање на устата му е подготовка за најголемите невистини изречени за сопствена корист. И двајцата треба да се затворат на пуст остров каде ќе им прават друштво само на ноеви. И така во недоглед.
Се прашувам на која температура ќе биде загреан раженот за да долго и измачувачки ги сотре мислите во кои сум направил прељуба. Тоа не го забележале ниту судиите, ниту поротата, но душата растрчана по венецот да, кутрата повторно се засрамила до бездната. И кој удар и запирање на срцето ќе ја запреше некогаш алчноста во моите очи да се поседува се што е на трпезата и воопшто во воздухот, водата ..., се што добило земјена ознака: драгоцено. Тоа судот го пропуштил бидејќи јас не посегнав по сопствените раце туку со темниот дел кој беше толку мал, а секогаш неисполнет. И кој пуст остров полн со ноеви ќе ги онеме мојата горделивост и бели лаги незаинтересирани да ја закопаат главата во песокот. Судот и не можел да ја претпостави таа слабост вешто сокриена во измамата дека не сум надмен туку мудар, дека не лажам туку само сум ја видоизменил вистината.
Затоа не судете, бидејќи ќе бидете судени. Ако сепак пресудите, внимавајте на вашите дела, кои можеби поради нивната идентичност со пресудените, ќе се најдат на тапет и ќе добијат неочекувана казна.

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 13-ти јули, лето Господово 2014

  Друго: