Грижа за утре



“И така, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доста му е неговото зло.“ (Матеј 6, 34)  

Утро е. Содружник на утринското кафе му се збрканите мисли кои немирно брзи се обидуваат да се прегрупираат и дојдат до заклучок кога, каде, како и со кого определена грижа ќе заврши и ќе се избрише од нотесот за потсетување. Воглавно тоа се грижи со пократки рокови и се однесуваат на утрешниот ден, но пред се поради човечката ограниченост да се наоѓа на повеќе места во исто време и непресушната жед за се повеќе и се понови желби, некои од грижите веќе станале долгорочни со дата на реализација далеку во неизвесната иднина. Кафето, освен со својот мирис и симболична моќ да го олесни будењето, нема некој капацитет на расудување кој би можел да помогне во разрешувањето на грижата: што со себе си во овој и во утрешниот ден? За одговор на ова на прв поглед едноставно прашање на луѓето им треба цел елаборат од нацрти, предубедувања, и розови завршници, и се со цел да не се почувствува досада во ниту еден момент на отчукување на времето кое треба да биде исполнето исто колку и страстите кои се посакуваат. И што со себе си? Празни молитви за следниот понеделник за стекнување на продукти видливи со голо око со потекло од земјата. Грижа за асортиманот на храна за наредниот месец, посебно поделен по вариетети така што не смее да се повторува едно мени повеќе од еднаш и по вкусови кои ќе доведат до неконтролирани гурмански халуцинации. Голема голтка од огнена вода во викендот што доаѓа, која ќе овозможи заборав на сите постоечки и измислени проблеми и ќе инјектира енергија која иако тетурава ќе изразува задоволство барем до мамурниот повидок. Љубовни допири најмалку секоја трета вечер после тешко добиена битка против главоболката на партнерот, лесниот сон на децата, колебливата намера да се има блуден однос надвор од брачниот и полната месечина која мами, но не секогаш присуствува на романтика со среќен крај. Фиктивни износи во картичката кои на крајот на месецот ќе покажуваат позитива и ќе бидат уште еден предзвик да се организира што повозбудливо патување или конечно промени стариот модел на автомобил со нов, поаеросаркастичен. Полна рака таблети секое попладне, чија маленкост е утеха против спондилозата, неурозите, депресијата, стресот и симптомите кои лукавиот ги лажирал, претворил во навидум неизлечливи и понудил лекови поужасни од самата болест. Црни гласини на секоја фреквенција од медиумите, старт на дел од апокалиптичните случувања предвидени во Писмото, расчовечено однесување на цели слоеви и генерации и многу знаци за секого и побрзо. Значи ништо со себе си во грижите за утре.


Утро е. Содружник на утринското кафе му се концентрирани мисли во форма на молитва која ќе вети добро однесување, побара спокој во денешниот ден и благодари за слава на Милостивиот. Храната нема да биде грижа бидејќи не само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога ќе живее човекот во денешниот ден. Голтките од огнената течност со непријатен мирис ќе станат заборав и ќе бидат заменети со вода налик на онаа која истекува од Престолот и која со многу свежина ја гаси жедта во денешниот ден.


Пладне е. Кога се е против љубовта во денешниот ден, љубовните допири ќе се претворат во погледи кои ќе ги угаснат страстите и ќе ги запалат старите добри зборови полни со себеразменување. Картичката конечно ќе го добие својот статус на пластика за често погрешни мотиви и нејзината содржина во денешниот ден ќе биде значајна колку и просечното количество на мед кое го создава една пчела за време на нејзиниот животен век.
Вечер е. Без таблета во денешниот ден против депресијата која ќе се победи со стихови од Словото кои ќе говорат за надежта во едно постоење доволно да ги отфрли навиките на трулежното и се подготви за преку мостот кон безвременото. Паничните информации за анархијата се само потврда за приближување на денот на Судот, ... но сепак доста бреме за денешниов ден кој веќе и онака пострадал од сопственото зло.

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol

 

  • 08-ви јули, лето Господово 2014

  Друго:

Adot.se.jpg