Грижа за облека


“Зошто се грижите и за облеката? Погледајте ги полските кринови како растат, не се трудат, ниту предат, но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив; па ако полската трева, што денеска постои, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе вас, маловерни!? “ (Матеј 6, 28-30)  

Зошто се грижите за вашата облека? Можеби затоа што вашите колеги ќе се изгорат вкусувајќи од врелото кафе не внимавајќи на неговата температура додека погледот им го задржа вашиот стил на облекување тоа работно утро. Или пак ироничната насмевка на вашата сосетка скорозбогатена, која низ заби со лош англиски нагласок се запрашува во квиз форма зошто не сте облечени во брендот кој е актуелен во тековниот месец или барем кога сте се одлучиле за тоа што веќе сте го навреле, нејзин омилен термин за облекување без вкус, тоа да беше во нота на елеганција, завршен збор од дама на која и да не и се верува, молкот ќе си ја симне шапката пред таквите комбинации од знаења. Неконзервативниот свет ќе се загрижи за вашата грижа да се облечете само поради тоа да не останете само по сопствената голотија и неснајдено збунети дека на дофат ги нема поранешните смоквини листови, а за него многу лесно решливо преку сеуште непласираниот градски нудизам. Верувам и јас би се грижел за мојата облека, но само во поглед на бојата, дали е бела или извалкана. Ако е бела, би ја носел со гордост но не еквивалент на суета, не би ја покажувал никому како што ниту десницата треба да знае за што се зарадувала левицата, нема да ја соблекувам ниту за спиење знаејќи за спокојот со кој ги привлекува соништата кои човечко око не ги погледнало. Ако е валкана, остатокот од животот ќе си го поминам покрај потокот кој ќе ми биде место на будење во надеж секое утро дека баш тој ден е оној во кој ќе ја извадам од водата без дамки, со бојата на светлината на Јагнето која не се опишува ниту погледнува без очите на невиноста. Ако не е, постапката ќе ја повторувам безброј пати, облеката ќе трпи и молитва и солзи и каење и ветувања ..., се додека не станеме достојни за заедно и за пред Престолот ...
Погледнете ги полските кринови, ниту се трудат, но царот Соломон во цела своја слава, не се облекол така, како еден од нив. Прекрасна е и ливадата во пролет, нејзиниот изглед на модна ревија измамува воздишки на ненамерен патник кој не може , а да не забележи дека пастелните бои кои во одреден миг се само пејсаж, додека во наредниот волшебна идила, дека тие бои иако раскроени се разликуваат од понекогаш неумесната мешавина на некој именуван креатор. И таа разлика се должи најповеќе на свежината предизвикана од мирисот предизвикан од ветрецот кој секогаш струи над Небесната палета. Малку нелогична е улогата на мирисот во процесот на миксирање, а потоа и доживување на боите, но сетилата и не се секогаш разумни, посебно кога се во прашање тајните на Творецот. Така, ниту кројачот на цар Соломон, ниту неговите следбеници до денес не успеале во ткаенината да вткаат ништо друго освен конец и некои свои соништа за земски аплауз. Додека престојот во природната средина на криновите е сам по себе причина авантурата да се доживее со поглед, вдишување и исполнување до последната алвеола ...
Ако Бог така ја облекол полската трева која во оган завршува, колку повеќе нас би не облекувал? Смоквините лисја не беа Негова, туку идеја на нашите прародители да ја сокријат својата голотија. Верувам дека не е Негова идеја ниту обидот да се совпаднат парчињата облека по дизајн, односно на црвените чевли задолжително да припаѓа црвен асесоар, или да не се диференцираат стиловите, односно костумот од твид нема да поднесува ленена кошула ... Па учеството на бал, два сопружници во неприкосновена црно-бела комбинација, средба за заведување со изразито длабоко деколте и мал милион други поводи и жални избори на облека. А за нас маловерни, Бог ни ја предвидел покривката на пристојноста која треба да ги сокрие убодите од лукавиот и неодлучноста таму внатре. Затоа не се грижете во што ќе се облечете. Грижете се за душата која останува во правта.
 
 
 

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 22-ти јуни, лето Господово 2014

  Друго: