Грижа за храна

 

 

“Затоа ви велам: немојте да се грижите за душата - што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната, и телото од облеклото? Погледајте ги птиците небески, тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат, но вашиот Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив? А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придодаде макар еден лакот? “ (Матеј 6, 25-27)   

 

Немојте да се грижите за душата што ќе јадете или што ќе пиете. Претпоставувам има некој орган, сад, канал или не знам што уште не, невидлив со голо око, впрочем како и душата, кој ја поврзува со желудникот, односно со очите како приемно одделение на стомакот. Така, свинското пообемно парче со розова површина или кокошка на жар со презачинета кожа, прво ги дразнат очите кои лекоумно даваат сигнал до лигите, а овие активно учествувајќи во разложувањето ја проследуваат храната до желудникот. Слично, или уште понетрпеливо е изведено со алкохолот кој после вкусувањето си го прави своето претворувајќи ја крвта во нестабилна моторизираност на екстремитетите. Наспроти ова, какво ќе биде влијанието врз душата на пример на посниот грав во петок, манастирската сува корка леб допрена до сол и пипер или обичната вода само со минерали од некој попатен извор? Хемиските процеси не ми се познати, но искуството ми рече дека обилната  храна и огнената вода се пријатни за очите и товар за стомакот, посебно ако се заборави дека тој е дел од телото, неразумен и под ропство на оној кој ни ја мрази душата.

Зар не чини душата повеќе од храната ? Ако се земе во предвид векот на употреба, душата ќе ни треба наместо тело за царството на Небото, додека храната само уште неколку денови до гробот. Ако се пресметува според степенот на задоволство, храната не прави среќни до моментот на нагонот за повраќање, додека душата го има нашиот мотив за љубов.  А пак ако цената е пресудна, храната се вага во валути, додека душата во грамови воздух неопходни за полетување високо кон Оној што ја вдахна.

Погледајте ги птиците небески, тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат, но нашиот Отец ги храни. Очигледно дека птиците немаат сопствена економија, пари и магацини, но сепак непазарно преживуваат. И чинам се среќни, во тоа и ме убедува нивниот цвркот кај балконот рано наутро... Имаат крила непогодни за земјоделски активности, па додека Отецот им приготвил пролет и сенешто за храна, тие ги шират и одат онаму каде и душата посакува. За амбар само би се грижеле од грабежливоста на нивна сосетка, па се задоволуваат само со она што ќе го понесе клунчето. Кога времето ќе ги покаже своите заби и им ја одземе можноста да колвнат, Отецот им приготвил долг пат без патни исправи или благородни срца на луѓе внимателни да подарат трошки. Навистина благословено неосамени...

Зар не сме ние многу поскапи од нив ? Понекогаш се чувствувам како не. Нивната мелодија е подопирлива од мојот гнев, нивната мекост насреде пердувите е понежна од мојата дрскост, а летот повозвишен од суетниот чекор. Вистинскиот одговор е да, ние сме многу поскапи од нив. Направени од истиот материјал, како образот на Бога, откупени со крвта на Јагнето кое се понижи на крстот за да не очисти како пред падот. Подрагоцени сме за да се измериме со карат и ќе вредиме колку ореолот ако не заборавиме кој зошто е дојден. Немерливи по благодат...

И кој од нас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакот? Застани налактен човеку скршен, со потпрена глава полна со грижи што ќе биде мени на утрешниот појадок, дали новата ѕвезда во Холивуд ќе јаде исто или зеленчукот ќе го користи како маска за несоница, дали остатоците од богатите трпези се храна за кучињата или за уште подолу третираните бездомници, дали маркетиншките амабалажи се совршен дизајн или кријат отрови во длабочината на производот... Многу грижи, а никаква моќ сето тоа да се промени, па макар и за лакот. Затоа немојте да се грижите за душата што ќе јадете или пиете. Грижете се за душата во која остануваат дамки.


 

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 15-ти јуни, лето Господово 2014

  Друго: