“Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ‘рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат; зошто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше. “ (Матеј 6, 19-21)   

Прекрасен мирис на свежо стекнати банкноти или монети со сјај кој ги парализира очите и начинот на разумување кој го активира модулот: уште повеќе ... Не заостанува зад ова ниту реата од старата, наследена и закопана имовина, полна со мувла и остатоци од измет на глушец, но вредна да завземе место во неослободена душа или мисли засекогаш презафатени со нивната безбедност. Тоа е богатството на земјата, неговото проклетство и радост, односно големо сомневање во веродостојноста на ова второто како вистинска утеха или наметнато правило за врвна благосостојба.
Богатство е љубовта. Крадецот не би можел да поткопа нечие срце ако не му припаѓа, зошто инцидент од меѓуполови размери ќе ја претвори неговата цел во фатална грешка. Но, родена во себе си, воспитувана во светлина и дарувана чисто, неосквернето ќе биде одличен мотив да се биде богат. Нејзината вредност уште повеќе ќе се оплодува кога се дава еднонасочно и без очекување да се врати до милиметар.
Богатство е добрината. Што би правел крадецот со неа освен да ја злоупотреби, а не смее  да ја поседува во својата торба со алатки. Таа е мека, без атрибути на челик, широко распространета по целото тело, и често љубопитна дали околината е навистина среќна. Ќе биде драгоцен багаж за Небото, каде ја поседуваат и дури штотуку родените ангели со мовлести крилја.
Богатство е милоста. Крадецот со неа само би го одминувал секој плен проценувајќи ја тежината според принципот на Робин Худ. Восхитува нејзината барикада наспроти суровоста и деспотизмот, нејзината добра волја кога е потребно простување и поглед со благи очи. Со полн трезор жал, конкурира за најпривлечна мета за оние на кои пообемно им е секогаш туѓото, но доследно самата преферира да биде дел од посебностите на Јагнето.
Богатство е смирението. Крадецот би го посакувал до моментот додека му ги балансира рацете во отклучување на забранетите приоди, но не и потоа кога ќе треба да ја сокрие возбудата поради одземеното. Тоа е брана на негативните да не ја турнат душата во бездната и на позитивните вибрации кои ќе предизвикаат возгорделивост. Тоа е семафор со често заборавено црвено светло кое предупредува дека гневот е пред портите и сака уште еднаш да ни го извалка родот. Тоа е тап врв на игла која се обидува да го продупи балонот кој е упорен во пркосење на болката.
Богатство е вистината. Крадецот би го одвела на долг одмор на место каде од малечко прозорче се гледа само едно парче небо. Таа ослободува од сопствената визија за безгрешен пат и нуди нова почетна точка обоена во покорност. Дозволува поглед во огледалото пред кој ќе се признае срамот и го прифаќа вечното ветување дека утре ќе биде тој ден. Но, иако добронамерна, не дозволува фалсификатот да стане секојдневие поставувајќи аларм на истоштената совест.
Богатство е молитвата. Крадецот би го променила само ако не ја изрекол за помош на неговиот план подготвен со нечесна мисла. Таа е мостот до Него, дефиниран како разговор, молба и суштина. Круна на крајот на денот кога се благодари за убавото. И средба среде пустината кога ниту оазата е послатка од она што солзите побарале. Во мигови на неисполнетост останува довербата во тоа што значат Божјите патишта и недоволното сознание за нив.
Според ова, каде е богатството ваше? Можеби во љубовта и нејзината способност да гледа подалеку од себе. Или во добрината засадена густо во поле за памук. Во милоста која често остава трага кај продавачот на шамивчиња. Во смирението и напливот на концентрација кон безбедното заедништво на стадото. Во вистината и игнорирање на се друго кое ја засенува и видоизменува. И во молитвата која не троши ништо освен неколку зборови и малку аорта. Ако не е таму тогаш сте го загубиле и срцето ваше.

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 25-ти мај, лето Господово 2014

  Друго: