Простување


“Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен, ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите. “ (Матеј 6, 14-15)  

Сега сум судија, непоколебливо седнат на престолот на правдата и можам да донесам одлука да простам или не. Нема да се раководам по членови и параграфи, ниту по сведоштвото на присутните при злоделото. Нема да удирам со чеканче по масата кога одлуката е приготвена во главата и само чека да се изнесе. Можам да побарам каење или дрскост во очите на обвинетиот кои ќе ми помогнат да пресудам, а потоа и го заборавам тој запис во вечерните часови кога сонот е најсладок. И можам да сторам и се друго, но единственото нешто кое ќе ме ослободи од функцијата да судам и од прангите врз мојава душа е да простам.
Да и простам на сопругата кога не ме забележала на зајдисонце и во мугрите кога магнетот на мојот инстикт покажуваше привлекување. Кога не ја допеглала кошулата, се изладил ручекот и промрморила читајќи книга. Кога зборувала во високи тонови, не знаела за молк и прашувала посложено од шемата за тестот за интелегенција. За да ми прости Бог кога не Го забележав од изгрејсонце до самракот занесен по своите земски грижи бескрајно нерешливи. Кога не ја довршив молитвата, го прекинав постот и не заплакав за стореното. Кога Му бев лут гневејќи се непристојно, не молкнав пред суетата и го прашував за промена на запишаното во вечноста.
Да им простам на децата кога се немирни и ја скршија вазната. Кога ме молат да им раскажам приказна додека моето тело присутно пред нив го загубило својот разум жеден за сон. Кога ќе ми ги објават плановите за нивната иднина, а јас ќе морам да проверам во сопствената енциклопедија дали фактите се поклопуваат. За да ми прости Бог ког сум немирен и Му го кршам срцето. Кога Го молам со список, подзаборавајќи дека сите го прават истото. Кога му кажувам што сакам да биде, игнорирајќи ја потресната порака на скромноста дека разгаленоста е грешна.
Да им простам на ближните кога ми побарале дел од сопственоста препишана на моето име. Кога ме озборувале во стории со негативна завршница. Кога се стремеле на мене употребувајќи цели товари отров нерастворен. За да ми прости Бог кога ќе Му побарам трошки, бидејќи и тие се Негови. Кога напразно ќе го споменам Неговото име во врвулицата од бесплодни разговори. Кога одев по должината на земјата обоен со колоритот на чили пиперката, расфрлајќи дрва и камења, покажувајќи заби и пена пробесовска.
Да си простам и себе си за тагата наместо облека. За патот кој го познавав и нозете кои не чекореа. За доброто кое го имаше во мене, но за кое немав сила да го правам. И за солзите покајнички кои не беа доволно врели да го истопат бремето кое толку ме оддалечи од Него. За да ми прости Бог кога Го убедувам дека тажен сум се родил. За патот по кој и желката би ме престигнала поради падот на секоја височинка. За доброто кое ѕирка на дното и никогаш нема да дојде на ред во мојата негрижа да постапувам пред да го сослушам ангелот чувар. И за солзите кои не треба да бидат поплава туку обична роса чија меланхолична содржина ќе го привлече Милостивиот.
Да му простам на Бога за желбите кои не ми се исполниле. За деновите кои биле темни како најсветлата ноќ во пеколот. За доаѓањето на облаците и потоа заминувањето по истиот пат за кој можеби и не сум предвиден. И за тоа што сум овде на земјата, понекогаш само празно телесен и без идеја која беше целта на таквото битисување. За да ми прости Бог што сум неверен за желбите кои биле само искушенија. За деновите во кои имаше виножито кое не сум го забележал со очилата на унинието. За сомневањето за патникот на патот по облаците, кој не смее да помислува на друга станица од онаа кај Изворот. И за постоењето со цел да се биде повторно образ Божји со забележливата праисконска радост.

 

Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 19 ти aприл, лето Господово 2014

  Друго:

 

18-ти мај , лето Господово 2014