Трета беседа на гората за кротките


“Блажени се кротките, зошто тие ќе ја наследат земјата”  (Матеј 5, 5)   

Моја омилена беседа која говори за благословот на кротките, категорија на луѓе во изумирање кои тешко се пронаоѓаат дури и со фенер при дневна светлина. Ореолот, секако за оние кои можат да им го препознаат, ги издвојува како зрно од грстови ориз и дозволува да уживате во нивно друштво со аперитив на чувство осознаено од блискоста помеѓу лав и јагне. Ги гледате во очите, без оглед на жестокоста на разговорот, а од нив капе смирение кое може слободно подоцна да го конзумирате со малку памук и да добиете прекрасен лек против гневот. Нивните раце добродетелки, се еден од знаците кои ви ветуваат пријател во секое време од ноќта и после секој ваш повик на немоќ и потреба од рамо за плачење.
Мои омилени примери за кротките се воглавно оние раскажани со акцент на нивниот хероизам да се однесуваат поинаку од средината и призвук на биење на широко срце со големи сместувачки капацитети. Тоа е оној кој го завртил и другиот образ кога го удриле по првиот, не со недостаток на храброст како онаа нашата македонска: “наведната глава сабја не сечи”, туку со доблест на удирачот да му помогне да го прифати новото, повисоко ниво во неговиот карактер каде милоста го заменила теророт. Тоа е и оној кој ја подал и кошулата кога му го побарале палтото, и не за да затрепери од грабнувачот, туку да раструби дека силите на злото ќе можат се да ви одземат, но не и душата ако веќе сте ја посветиле на Небото. Тоа е и оној кој не тргнал на суд со силникот, среќен со она малку што му останало и свесен за пресудите на овој свет еднакви на законот напишан со поткуп и гној.
Мои неомилени стории се оние за презирот кон кротките, јавно изнесен и објавен дури и како осуда на нивното неприпаѓање во околината и деструктивно дејство врз воспитанието да се биде волк на човека. Единствено би ги прифатиле како трезор за злоупотреба, од кој ќе може секојдневно да се одземе нешто без спротиставување, па и да се добие повеќе од очекуваното, како товар кој не може да се одвезе ниту со најненаситни очи. Или како бесплатни слуги кои без негација во својот вокабулар ќе ги исполнат валканите обврски и добијат сарказам како награда на крајот, секако на крајот на денот и само на крајот на овој живот.
Мојот омилен дел од оваа беседа е наследството на кротките. Тоа е земја без удирачи, на души со чисти образи и спокој помеѓу желбата да се каже нешто и да се биде ислушан со почит кон вредноста на мислите. Во присуство на Овчарот, покрај Неговите нозе и кроткиот ќе зборува за вистината. Тоа е земја без грабнувачи, каде се е на сите и ничие, каде кошулата не заштитува од студот, ниту ја сокрива голотијата, туку служи за препознавање на родот на ангелите. Во присуство на Скапоцениот, покрај Неговите нозе и кроткиот ќе изгледа пресветло, од најблагородниот микс на ткаенина и лебдеење. Тоа е и земја без силници, каде силата служи само за подигање на чашата натопена во изворот на жива вода и за кинење на лисјата од дрвото на животот. Во присуство на Најсилниот, покрај Неговите нозе и кроткиот ќе изгледа доволно подготвен да го брани Небото од злото кое тогаш веќе ќе почива на дното од огненото езеро.
Мојот омилен дел во денот е средбата со кротките кои умеат со трпение да се соочат со моето недоразбирање со светот. Нивниот начин на поимање на нештата, секако поткован со мудрост и визионерска вера во иднината и во Домаќинот таму, е вистински празник за моите убедувања дека сепак има понекогаш и сончеви денови . . .

 

 Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 19 ти јануари, лето Господово 2014

  Друго: