Atos.jpg

Трет дел од трилогијата во пустината – Не се служи секому


Meteori.Dr.jpg

“Го одведе ѓаволот потоа на многу висока планина, и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава, и Му рече: “Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш”. Но, Исус му рече: Бегај од мене сатано, зошто е напишано: “На Господа, твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!”  Тогаш ѓаволот Го остави и ете дојдоа ангели и му служеа”.
(Матеј 4; 8-11)  

Си беше еднаш еден цар по карактер и си живееше онака ноншалантно, незаинтересирано дури и за причините зошто сите го служат. Со тоа почнаа неговите родители кои со златна лажица му го полнеа устето со изџвакана храна, со интегрална гордост и биолошка здрава тврдоглавост во намерата да се биде над другите. Коцките така наместени му беа темел и за понатамошниот развој во младинец и подоцна возрасен, да ги зачува манирите на превез, слеп за нешто поинаку, заведен од својата темнина . . . Така му служеа жените со своите тела и подготвеност да се понижат на секое негово намигнување. Му служеа мажите за дробна надница и клаузула дека животниот стандард во татковината е помалку милосрден од него. Му служеше политиката за да се валкаат меѓусебно со невидливи саѓи кои на крајот овозможуваат да се покажат чисти раце. Му служеше и мракот да се проголтуваат меѓусебно додека еден не излезе поцрн од порано.
Иако сите приказни имаат своја поука, оваа не наликува на оние од кои би се извлекло нешто како: си живееја среќно до крајот на животот. Љубителите на светот би биле љубители и на овај цар и долго ќе се прашуваат што е непривлечно во тоа да тие би ги замениле местата. Велам не наликува на приказните со среќен крај бидејќи забележав дека даровите во неа се фатаморгана, а царот бил само слуга. Вистинскиот гоподар владее во позадина и се појавува само кога жртвата се обидува да се извлече од стапицата, длабоко притисната од прангите. Ги покажува сите царства на светот и нивната слава само за преклонување на колената и признавање на неговата власт и проклетство. Се вика сатана и ниту атом од некоја светлинка од неговите илузии нема добра намера и крај без плач и крцкање со заби.
Исус ги испади сатаната и нашата немоќ да се спротиставиме на копнежот по лажниот свет и неговите сомнителни придобивки. Всушност си беше и сеуште е, и ќе биде еден Цар, кој од престолот на небото ги напиша камените плочи со десет текстови, ги понуди на нашите срца и Го почека исходот. Мнозина ќе го одбијат ова и ќе останат надвор од портите, заедно со кучињата. Оние кои ќе Му се поклонат ќе бидат со Него, каде секогаш е дење и нема потреба од светило. Убаво е да му Го подаваш жезолот на праведноста, со него многу се утешиле од измамите на овој свет. Милно е да му ја носиш наметката на мудроста, со неа многу ја прифатиле болката од овој свет. Љубено е да му го опашиш оружјето за борба против силите на злото, со него многу повратиле надеж по крајот на овој свет. Гордост е да му го ставаш венецот на добрината секое утро, со него многу се разбудиле во мир дури и во овој свет.
И ете дојдоа ангели и Му служеа. Во секој случај подобри слуги од нас и авторитети ниту чии врвки од обувките не сме достојни да ги заврзуваме. И покрај предизвикот да се разделат од Неговата близина, ги служат и луѓето во нивната непромисленост да имаат потреба од сили кои ги поместуваат камењата пред нивните нозе. Блажени се оние кои имаат свој чувар кој ги демне црните напасти и разнишаната совест, и кој ги шепоти од десното рамо оние делови од упатството кои живот ќе значат.

 

 

  • SP Apostol
  • 22- ти декември, лето Господово 2013

  Друго: