Dule.sv.Avakum2.jpg

      Втор дел од трилогијата во пустината – Неправедни искушенија


Meteori.Dr.jpg

 

  • “Тогаш ѓаволот Го одведе во Светиот град и Го постави на храмовата стреа, и Му рече: “Ако си Син Божји, скокни долу, зошто во Писмото стои: “На ангелите Свои ќе заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не си ја сопнеш некако ногата од камен”. А Исус му рече: “Напишано е исто така – Не искушувај го Господа, твојот Бог” ”.    (Матеј 4; 5-7)   


Толку малку доверба помеѓу ѕидовите на нашиот дом за разговор со Него. Некогаш се тврдини, со неосвоиви бедеми чија цврстина е правопропорционална со непоколебливоста на едно верување во секој Негов збор. Но, некогаш се потпори од трска кои и најобичниот ветер ги ниша до точка на превиткување или уште полошо се кршат на делови како и нашата мисла несигурна ниту во чудо како изгрејсонцето.
Каде ми е Боже платата еднаква на моќта да го купам половина свет, а другата половина да го добијам под наем? Ох, зошто те прашувам кога се сетив дека доволна ми беше кошулата и постелата натопени со труд и праведен сон.
Зошто Боже не ми ја подели прегратката со сопругата на соседот или девојката од телевизорот? Контрадикторен е погледот кон нејзините очи чии краеви покрај вообичаените солзи ја кријат хармоничната слика на две заспани деца со испреплетени коси и нејзината сенка во својство на ангел чувар со остатоци од мирисот на свежо печен леб и траги од неизладената носталгија по мене.


Ти си Боже фрижидер, ја отворам вратата и посегнувам по тоа што го посакувам. Како сеуште не ми поминала кивавицата која ме измачува со часови и е ужасна причина за благиот пораст на телесната температура? Очигледно не сум ги забележал големите мноштва на хроми, слепи, неми и сакати, новотрансформирани болести и немоќи кои ја правеа смешна мојата нелагодност дотолку повеќе што бев сериозно болен.
Кога последен пат Боже си го проверил моето присуство пред твојот олтар во локалната црква, моето однесување исполнето со прецизност и полутранс додека процедурално ја спроведувам молитвата по чинови, се вртам околу себе и допирам дванаесет пати повеќе и икони и подови од секој обичен грешник и полуправедник. Подоцна се откри во мене приказната за фарисеjот и цариникот, која толку пати сум ја прочитал, недоволно за да си ја поткасам долната усна пред да Те запрашам.
Крадење ли е Боже прераспределбата на богатството од богатите во моите џебови, кои иако недефинирани со разум, сепак раководени од мојата целомудреност ќе се полнат во име на непишана, неуставотворна правда и ќе претставуваат приход за моите идни планови? Секако дека мојот менталитет и чувство за присвојување на не свое, некомпетентност во одлучувањето кој да има и нема си го направија своето и ме турнаа далеку под престолот.

Dule.sv.Avakum2.jpg


Белите лаги иако колоритно конструирани овде, немаат ама баш ништо со оправданоста дека не се грев во целосна смисла на зборот. Да Боже, сум рекол дека нема да грешем повеќе за да ја избегнам Твојата чаша полна со гнев и јарост, Твојот поглед кој ме засрамува и згмечува и Твојот глас продорно земјотресен низ моите дамари. Но, срцето ме издаде во моментот кога Ти ѕирна во него и ги откри црните дамки кои ниту снегот ги обелил.
Кога ѓаволот ќе ме одведе и праша дали сум подготвен да Му верувам на Бога и целосно се впуштам во авантура со целосно непознат крај, јас ќе му возвратам да не го искушува Господ, нашиот Бог. Кога тој ќе одмине, јас ќе го прашам Бог дали е вистина дека сите искушенија се неправедни ако завршуваат со мој пораз на крајот. Тогаш Бог ќе ме одведе и го покаже крстот на кој пишува: “Тој што слезе од овде веќе победил за тебе”.

 

SP Apostol

15- ти декември, лето Господово 2013

  Друго:

 Прв дел од трилогијата во пустината – Лебови или зборови