Goran.Stojcevski.kabinet.jpg

презвитер Горан Стојчевски

„ВЕ МОЛИМЕ ВО ИМЕТО НА ХРИСТА ИЗМИРЕТЕ СЕ СО БОГА„


„Академската теологија не е доволна за спасение! Читајте ги главно аскетските отци! Таму ќе ја научите вистинската теологија, ставот на умот и на срцето пред Бога. Чистата молитва не им се дава на оние што многу изучуваат„
Старец Софрониј



Навистина цитираните зборови се многу силни, зарем би можеле нешто да додадеме или да одземеме на тоа сведоштво за Христа како што го имале овие атлети на духовниот маратон како што е старец Софрониј и сличните на него, кои трчаа кон славата на обожението во царството небесно со која ги овенчал Бог, (2 Тим. 4,7-8), тие се наши современици, сите тие низ својот подвиг ни го велат она што и самиот свети апостол Павле нè советува, „ве молиме во името на Христа измирете се со Бога!„ (2Кор. 5,20). Навистина тоа помирување за кое зборува апостолот е она кое што треба постојано да го проповедаме како свештенослужители Божји, или како што вели светиот тој, како пратеници место Христа, како Бог да зборува преку нас, (2Кор. 5,20) тоа помирување, измирување или поточно покајание ни се дарува во Црквата, преку исповедта и послушанието, каде се открива светотаинскиот однос на духовен отец и духовно чедо, каде се дарува трудот кон постојаната молитвата и постот, се вкусува постојаната потреба од светото Причестување т.е. соединувањето со Христа со што се покажува и сведочењето дека сме Црква-Тело Христов, Дом на Бога Отца, храм на Светиот Дух, да тоа измирување, тоа покајание ни недостасува за да се идигнеме над погубните страсти и да познае светот дека сме христијани православни, сол и светлина за светот (Мт. 5,13-14). Да се потсетиме на евангелското четиво за човечките закони кои ги практикувале фарисеите и садукеите, и што Христос одговара (Марко 7, 1-23), сите тие евангески поуки не се однесуваат за да се разобличат само фарисеите, садукеите и книжниците, туку се однесуваат и на нас првенствено кои се нарекуваме по милоста Божја свештенослужители, или пратеници на Бога, се однесува првенствено на нас кои се именуваме како православни христијани, се однесува на сите оние кои сакаат да се именуваат христијани, и се однесува на сите кои се создадени според образот Божји, односно сите кои Бог нè измири со Себе преку Исуса Христа и ни го даде служењето на тоа измирување, не земајќи предвид гревовите на луѓето (2 Кор. 5,19).  Да токму, тоа служење на измирувањето, службата на покајанието, тоа ни е доверено. Да благовестиме за царството Божјо преку покајанието (Мт. 4,17). А, не да бидеме служители на буквата, на надворешноста и ритуалноста, туку да се поклонуваме на Отецот во дух и вистина (Јов. 4,23-24). Чудно е што како православни одбележуваме разни датуми и поводи од историското минато на Црквата, а притоа се занимаваме како секуларистичките влади со толкување на канони т.е. „буквата„, припадноста, историските т.е. светските придобивки, националната свест и што ли уште не, а служењето на покајанието сме го запоставиле, или како што вели протоерејот А. Шмеман, живееме како Христос воопшто да не дошол, забораваме, иако секоја Литургија си спомнуваме за сето она што за нас (Христос) направи, Крстот, гробот, тридневното Воскресение, Вознесението .. и забораваме на Неговото Второто и славно пришествие кога ќе ни даде според нашата покажана милост кон најмалиот брат, односно според нашето покајание и служењето на тоа покајание. Од светиот олтар велиме, мир на сите,... на крајот од Литургијата просиме, со мир да излеземе, народот одговара, во името на Господа, тоа е мирот кој Христос ни го дава (Јов. 14,27), како што го соопштил на апостолите по Неговото Воскресение (Јов. 20,19), а ние бараме светот или поточно било кој да ни да ни го даде мирот на светски начин со некаков декрет, иако црковни, се однесуваме светски. Решавањето на сите кризи во духот на римското право и наметнатиот авторитет, а без пројавување на љубовта и милоста Христова и заедничарењето со Него преку Причеста е туѓо за Православието. Црквата не е ООН, поглаварите на помесните Цркви не се големите сили. Добро треба да знаеме дека сите работи се решаваат во срцето (Марко 7, 21-22). Нашиот Спасител вели, царството Божјо е во вас внатре!
Со Миланскиот едикт беше ставен печат на мачеништвото на Црквата и таа веќе не беше гонета, таа сега стана дел од општеството со цел да го насочи тоа општество или држава кон Божјата држава како што вели блажениот Агустин, како што човекот се вподобува на Бога, така и државата да се вподоби. Но, нашето призвание е на небесата (Филип. 3,20), таму е нашата татковина, а тука сме повикани да се преобразуваме, и сè околу нас да преобразуваме во Христа Исуса (Откр. 21,5), бидејќи сè што е соединето со Бога е спасено. Црквата од едиктот наваму правно според човечките закони е слободна, но служењето на покајнието низ вековите бледее, и затоа тоа се премести во пустината, во манастирите, за да се зачува таа служба на покајанието. Да не се доведеме во заблуда, служењето во покајние никогаш не престанало во Црквата, или дека се пренело само и единствено кај монаштвото, тоа постои и е можно се додека се богослужи Литургијата на Црквата и се додека во Црквата се живее литургиски, а и се додека имаме и свети молитвеници за нас и светот меѓу нас и околу нас. А, сведочењето на тоа покајание се токму тие подвижници кои сведочат дека академската теологија, т.е. познавањето на каноните, догмите, дефинициите, чинот, авторитетот итн. не е доволна за спасение, туку животот во покајание. Не сме повикани да го зачуваме само фолклорот и туризмот во нашите цркви и манстири, туку молитвениот подвиг. Без активно учество во литургискиот живот, тешко дека би можеле да опстоиме, бидејќи во светот сме да сведочиме за Христа, а не да играме стратегиски игри во кои се надеваме исклучиво на нашиот разум без Бога, или  да го користиме во контекст на нашите светски политики, да се повикуваме на Него, а Неговата љубов, милост и долготрпеливост, да ни биде туѓа. Затоа светиот апостол нè моли, да се измириме со Бога, навистина тешко дека ќе опстоиме како православни ако не се измириме во Христа Исуса Нашиот Спасител. Патот на измирувањето, е пат на покајание, сè друго кое нè не насочува кон покајанието т.е. кон Христа е само прелест.  

  Извор: ПРЕМИН бр. 91-92

 Излезе од печат новиот број на православното списание „Премин“(24.11.2013)