Goran.Stojcevski.jpg

ЦРКВАТА ПРИПАЃА НА СИТЕ

Благодарност до уредништвото на „Утрински весник„, кој високо професионално, по објавените колумни на нивните автори, на крајот укажува на примерноста до која треба да се држиме при изнесувањето на нашите ставови во било која насока. Мојов текст, е реакција на текстот „Црквата и власта„ од авторот Нано Ружин, иако поголем дел од описот за личноста на Стамат Калпазански, ми се допаѓа, освен курбанот што никако не е православен обичај и презимето, ако не алудира на навредливост кон некој наш сосед. Бидејќи во текстот се споменува власта, тоа воопшто не ме интересира, но констатација дека „... и МПЦ, свесно или несвесно му зададоа сериозни удари на македонското православие и на нашето историско словенско минато од св.Кирил и Методиј, св.Климент и св.Наум, наваму„, во пресрет на 45-годишнината од возобновената Автокефалност на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, е навистина навредлива не само за Црквата која врши мисија во овој дел од светот, наречен Р. Македонија, туку навредливо е за македонскиот народ кој живее на овој простор, во соседството и дијаспората. Со што МПЦ-ОА му зададе удар на македонското православие, па православието не е само македонско, тоа му припаѓа на секој што ја видел светлината на животот, секој што се родил во овој свет, православието само заради политиката, геостратегијата, национализмот, политичката економија, интересот, најубаво е да кажам заради нашите страсти, добива национален призвук, православието не ни грчко, ни руско, ни бугарско, ни српско, ни етиопско, тоа му припаѓа на секоја личност и народ кои слободно пристапуваат кон него. Исто така и светителите, особено оние што дејствувале и сеуште дејствуваат (не се чудете, имаме слава му на Бога и светии меѓу нас) на овој македонски простор, и тие не му припаѓаат само на македонскиот народ, туку на сите народи овде во Македонија, и на сите народи во светот кои го слават и поддржуваат нивниот подвиг на верата, за наш пример. Тоа што се нарекуваме Македонск црква, е само еден човечки термин дека дејствуваме на просторот наречен Македонија, и меѓу народ кои векови се идентификува со македонското име. Повторно, со што МПЦ-ОА му зададе удар на православието? Со тоа што се возобнови монашкиот живот, се избраа нови епископи, повторно што се обнови светоотекото предание за живот под духовно раководство, за постот, Исусовата молитва, исповедта, причестувањето со Телото и Крвта на Нашиот Господ Исус Христос, кога од Путирот сведочиме дека сме жива Црква? Кои канони на Светата Црква ги „погази„ МПЦ-ОА или Светито Синод, та да задава удари на православието? Или повторно само заради, инает или наше кошкање сакаме да тресеме тези од ракав. Никој во МПЦ-ОА, не ги заборавил светите Кирил и Методиј, а уште повеќе светите Климент и Наум Охридски, никој не се откажал од црковно-словенскиот јазик кој сеуште се негува во МПЦ-ОА, ниту пак на некого може да му падне напамет тоа. Сé во нашата Црква е насочено кон оддавање на почит кон сесловенските просветители и нивните ученици, нашата Црква ја нарекуваме и Светиклиментова, нашите образовни институции го носат нивното име, чија дејност и подвижнички труд се дел од нашите текстови, богословски симпозиуми, одбележување на годишнини, градење на нови храмови и манастири кои го носат нивното име. Никој во Црквата не се откажал од нивното и наше словенско минато, само тенденциозно и дневнополитички се даваат вакви „жолти„ констатации кои немаат сериозна, ниту научна, ниту пак богословска, а уште помалку реална димензија. Дека лаицизмот е уставна категорија во Македонија тоа ни е познато, но очигледно лаицизмот или секуларизмот се третираат во целиот свет и имаат прерогативи на државна „демократска„ религија, па затоа кај нас не успеа проектот веронаука онака како што успева во Полска, Хрватска, Србија, Грција, Русија, Австрија итн., бидејќи од толку голема почит кон светите Солунски браќа и нивните ученици кои ги носат имињата на наши разни државни универзитети и институти, дел од професорите на тие образовни институции кои истовремено се и политичари беа најголемите противници на веронауката. Значи, моногу е важно да се знае евангелсакта парабола за „гредата во своето око„ пред да дадеме било каква констатација за другиот. Исто така, ние неможеме да ги класифицираме политичарите на власт и опозиција и обратно, затоа што тие работи се променливи во зависност од изборите, па вака или онака, кој од мака, кој од вера, кој по протокол, кој заради публицитет сите ќе дојдат в црква. Пак да не ја заборавеме евангелската случка со Закхеј, кој бил началник на цариниците и бил богат па, го повикал Христос во својот дом, многумина негодувале против Христа што отишол во домот на Закхеј, но Христос им одговорил, дека и тој е син Авраамов, т.е. и нему му припаѓа спасението подеднакво како на сите. Дружењето како што се истакнува само по себе не треба да биде контроверзно, Црквата не престанала да се дружи со било кого ниту и во времето на социјализмот, иако некои политичари припаѓале на друга идеологија, сепак ја покажувале својата вера со тоа што колку можеле помогале во настојувањата на МПЦ-ОА за автокефалност, со помош во социјалното осигурување на свештенството, со помош во проекти на епархиите, ниту пак можеме да заборавиме на борците од НОВ кои борејќи се за наша слобода, се бореле и за автокефалност на нашата Црква, затоа имало и свештеници во тие редови.
Исто, така многу е лицемерно, кога веќе станува збор за лицемерството, дека црковните лица живеат во раскош и се возат во луксузни автомобили, па се прашувам во што се возеле и возат политичарите додека ги уживаат благодетите на функцијата, дома или во странство? Во МПЦ има десет великодостојници и нека има двојно „луксузни„ возила, зарем тоа може да се спореди еве, ако не со друго, со годишната апанажа на политичарите кои ја изгубиле функцијата, а да не зборувам со учеството во комисии, симпозиуми, управни одбори итн, итн., или државниот возен парк. Но, затоа светите отци на Црквата ја дале аксиомата: „Секој го осудува другиот според својата страст„. Ете, гледате, зборувам за лицемерство, а и самиот го пројавувам, простете ми. Се споменаа и Мартин Лутер и Калвин, некој политичари понекогаш ќе нафрлат и за некакво унијатство со Рим, тоа чисто онака, колку да се најде тема за пишување, а се чудам луѓе со титули, сигурно прочитале некој спис за православието инаку не би кажале вакво нешто. Православието ако се живее, ако е наш начин на живот е само по себе реформа, или поточно покајание, преобразување, преумување на личноста, затоа и поминало толку историски премрежја, и гонења, и царско достоинство, и ропство, и атеизам, и демократија, и сега секуларизам и глобализација, но еве егзизстира, сведочи, бидејќи силата ја црпи од Путирот, кога причестувајќи се соединуваме со Господ Исус Христос и стануваме Црква. Најважно е да се измириме еднаш, еден со друг и никого да не заборавиме, ниту Свети Кирил и Методиј, свети Климент и Наум, но ниту свети апостол Павле или свети Јустинијан, сите тие дејствувале на овие простори за наше спасение. Во секоја личност да не ја заборавиме светлата страна, без разлика на ставовите што ги застапува и да не осудуваме. Нека е честит јубилејот 45 години од возобновувањето на Светиклиментовата Македонска православна црква-Охридска архиепископија, Господ нека си спомене за сите кои се вградиле во тој процес, а нека ги помилува и оние кои биле и се против.

презвитер Горан Стојчевски
МПЦ-ОА