Дневен весник (Ед. бр. 23800)
Македонија

07.07.2016 12:00

Македонската православна црква, поради наметнатите проблеми со решавањето на нејзиниот статус, не доби покана да учествува на соборот, кој требаше всушност да биде сеправославен, а што се одржа во втората половина на минатиот месец на грчкиот остров Крит. Со шефот на кабинетот на архиепископот, г.г. Стефан, Бобан Митевски, свештеник и асистент на Богословскиот факултет во Скопје, разговаравме какво значење имаше соборот за Македонија и за МПЦ-ОА и какво влијание ќе има тој врз неа.


Долгоочекуваниот свет и голем собор на Православната црква што се одржа во втората половина на минатиот месец на грчкиот остров Крит, според познавачите, ги изнесе на површина несогласувањата во православниот свет, особено тие меѓу Руската и Цариградската црква. Како што е познато, од 14 поканети цркви, учествуваа 10, бидејќи Руската патријаршија, најголемата меѓу нив, како и православните цркви на Грузија и на Бугарија и Антиохиската црква, го откажаа учеството на овој собор, кој требаше всушност да биде сеправославен.



Според верските аналитичари, спорот што се распламти спроти планираниот критски собор, како и недоаѓањето на некои православни цркви на соборот, покажува колку е длабок јазот помеѓу православните цркви.



Македонската православна црква, поради наметнатите проблеми со решавањето на нејзиниот статус, не доби покана да учествува. Со шефот на кабинетот на архиепископот, г.г. Стефан, Бобан Митевски, свештеник и асистент на Богословскиот факултет во Скопје, разговаравме какво значење имаше соборот за Македонија и за МПЦ-ОА, и какво влијание ќе има тој врз неа.

Г.Т. - Како гледате вие лично и Македонската православна црква - ОА на самиот чин на одржување сеправославен собор, кој се подготвувал 55 години?

о.Бобан Митевски:
- Сеправославните собранија, без разлика во каков формат ќе бидат свикани, денес се неопходност, повеќе од кога било, и се важен институт на православието. Тоа се должи, пред сѐ, на големиот историски дисконтинуитет на организирање православни вселенски, па дури и помесни собори, но можеби повеќе на потребата за да биде пренесен соборниот глас на црквата во совремието, кое го карактеризира динамичноста, т.е. брзиот развој на нештата.

 Г.Т. - Колку може да се каже дека соборот бил успешен, со оглед на тоа дека некои цркви не учествуваа, односно, како што пишуваа руските медиуми, било претставено само малцинството од верниците (10 цркви) додека мнозинството (4 цркви, меѓу кои и Руската православна црква) не учествуваа?

о.Бобан Митевски: - Успешноста на православните собори не е засегната само од квантитетот, иако еднодушното присуство на сите православни цркви е од пресудна важност, зашто тој начин се обезбедува соборноста, односно единството. Во овој случај немавме ситуација кога некој не можеше да биде присутен зашто не успеал да стигне, туку имавме буквално отворени прашања и разлики што се појавија како причини за барање и настојување соборот да се одложи. Од друга страна, пак, и донесените решенија се предмет на проблематизирање, но не значи дека треба да бидат отфрлени само затоа што не присуствувале сите цркви. Уште повеќе затоа што во претстојниот период ќе има изјаснувања по однос на документите и од страна на црквите што не присуствуваа. Мојата претпоставка е дека, доколку не се најдат сериозни забелешки на текстовите што произлегоа од соборот, а за кои сите цркви разговараа во претсоборските подготовки, ќе бидеме исправени пред моментот: добри решенија, лошо е што се донесени во неединство. Мислам дека повторно, како и во многу други случаи, иднината ќе биде судија и ќе го донесе одговорот дали овој собор бил успешен или не.

Г.Т. - Дали несогласувањата меѓу Цариградската патријаршија и Руската православна црква, придружени со остри и директни пораки меѓу архиепископот Јов и Московската патријаршија, може да се гледаат само во контекст на документите потпишани на соборот, или имаат и подлабока заднина?

о.Бобан Митевски: - Документите беа разгледувани, за нив се разговараше, па дури и беа подготвени во претсоборската фаза, кога учествуваа сите православни цркви, и тој процес беше завршен со состанокот на претстојателите на црквите, кога и беше одлучено свикувањето на соборот, а беше конкретизирано и местото и времето за неговото одржување. Моето лично мислење е дека заднината е подлабока, односно е последица на несогласувањата меѓу овие две цркви, кои произлегуваат од реалноста и од историјата. РПЦ е најголемата и најмногубројната црква, а Цариград е првиот меѓу еднаквите. Човечки гледано - и двете се во право. Но Православната црква е богочовечки организам, не само човечки.

Г.Т. - Што значи овој собор за Македонија и за Македонската православна црква?

о.Бобан Митевски: - Ние сме де факто дел од православието, сакал тоа некој да го прифати или не. За МПЦ овој собор има важност од аспект на решенијата, за кои ние можеме да заземеме став, но добро е да се почека како ќе се изјаснат сите цркви.
Од друга страна, овој собор за нас истакна на површина една вистина, која сите ја знаеја, односно се виде што е причината за неприфаќањето и нерешавањето на статусот на МПЦ.

Г.Т. - Дали овие раздвижувања во православниот свет и меѓу православните цркви може да имаат влијание врз односите на МПЦ-ОА со другите православни цркви, пред сѐ во врска со отворените прашања што нашата црква ги има со другите цркви?

о.Бобан Митевски: - Светиот архијерејски синод на МПЦ сигурно ќе заземе став по однос на овие случувања, како тие ја засегаат нашата црква и како понатаму. Лично сметам дека МПЦ треба да биде секогаш и само на страна на вистината, а тоа е Христос.



Г.Т.

Извор: Нова Македонија