Lit.osvet.darovi.jpg

РАДОСНА ТАГА
За многумина, ако не и за мнозинството парвославни христијани, постот се состои од ограничено количество формални, претежно негативни правила и прописи: воздржување од извесна храна, игранки и, можеби, од кино. Ние сме оддалечени од вистинскиот живот на Црквата во толкав степен што ни е речиси невозможно да разбереме дека во постот има нешто друго, нешто без коешто сите тие правила губат голем дел од својата смисла. Тоа „нешто друго” може пред сè да биде определено како некаква атмосфера, настроеност, како состојба на духот, умот и душата којашто во текот на седум недели го проникнува сиот наш живот. Треба уште еднаш да се подвлече дека целта на постот не се состои во тоа да нè принуди на некакви формални обврски, туку во тоа да го омекне нашето срце, така што тоа би се отворило за духовната ралност, и би ја доживеало скриената глад и жед за заедништво со Бога.
Таа посна атмосфера, таа единствена состојба на духот се создава пред сè преку богослужбите, преку различните литургиски промени коишто се воведуваат во литургискиот живот. Ако овие промени се разгледуваат одвоено, може да се добие впечаток дека се формално накалемени, но ако се сфатат како целина тие ни ја откриваат и ни ја соопштуваат самата суштина на постот, ни овозможуваат да ја видиме и да ја почувствуваме таа „радосна тага” којашто претставува вистинска порака и вистински дар на постот. Би можело, без претерување, да се рече дека светите отци и светите писатели коишто ги составиле стихирите на Посниот триод, коишто малку по малку, ја организирале општата структура на посните служби и коишто и ја придале на Преждеосвештената литургија таа особена нејзина убавина, имале единствено разбирање на човековата душа. Тие, навистина, ја знаеле уметноста на покајанието и секоја година, за време на постот, му ја даваат на секој што има уши да ја слушне и што има очи да ја види.
Како што веќе реков, таа „радосна тага” е општ впечаток, и убеден сум дека секој човек што влегува во црквата за време на великопосна богослужба, па дури и оној што има ограничени познавања за богослужбите, ќе може веднаш да сфати што значи овој навидум противречен исказ. Од една страна, службата е проникната со некаква тивка тага: одеждите се темни, службите се подолги отколку обично, помонотони и речиси без движења. Читањата и пеењата се сменуваат и изгледа како ништо да не се „случува”. Во одредени интервали свештеникот излегува од олтарот и секогаш ја чита истата, кратка молитва, а по секоја молитвена прозба сите што присуствуваат на богослужбата прават земен поклон. Така, ние долго време стоиме во тоа молитвено еднообразие, во оваа тивка тага.
Но, потоа почнуваме да осознаваме дека оваа долга и еднообразна служба е потребна за да можеме да ја почувствуваме тајната и отпрвин незабележителното дејство на богослужбата врз нашето срце. Малку по малку, ние почнуваме да разбираме, или подобро речено, да чувствуваме дека оваа тага е навистина радосна и дека некоја таинствена преобразба почнува да дејствува во нас. Ни се чини дека доѓаме на некое место до коешто не допира вревата на улицата и на животот и на сето она што обично ги исполнува нашите денови и ноќи, на место каде што сета таа суета нема власт над нас. Сето она што ни изгледало толку многу важно и коешто ги исполнувало нашите души, таа состојба на растревоженост којашто станала наша втора природа, почнува да исчезнува и ние почнуваме да вкусуваме ослободување, да чувствуваме леснотија и среќа. Тоа не е бучна и површна среќа којашто доаѓа и си заминува дваесет пати на ден и којашто е крајно кршлива и минлива; тоа е среќа којашто не произлегува од една определена причина туку од тоа што нашата душа, според зборовите на Достоевски, се докоснала до еден „друг свет“, се допрела до она што е полно со светлина, со мир, со радост и со незгаслива надеж. Тогаш сфаќаме зошто службите биле толку долги и наизглед монотони. Сфаќаме дека од вообичаената состојба на нашата душа, оптоварена со суета, брзања и грижи, е речиси невозможно да се премине во тој мир, доколку претходно не „умреме“, доколку не воспоставиме во себе внатрешна постојаност. Ете зошто оние што размислуваат за црковните служби само како за некакви обврски и коишто секогаш прашуваат само за неопходниот минимум (Колку често треба да одиме во црква? Колку често треба да се молиме?), никогаш нема да можат да го разберат вистинското значење на богослужбите коишто нè воведуваат во „друг свет“ – светот на Божјата присутност, но не наеднаш туку полека, пради нашата падната природа којашто ја загуби способноста природно да влегува во тој „друг свет“.
Кога го вкусуваме тоа таинствено ослободување и таа леснотија и мир, таговната едноличност на богослужбите добива нова смисла – се преобразува. Таа е осветена со внатрешна убавина, како со ран сончев зрак којшто почнува да ги осветлува врвовите на горите, кога долините сè уште се темни. Таа светлост и таа скриена радост истекуваат од честото пеење „Алилуја“, од општата настроеност на великопосните богослужби. Тоа што најпрвин ни се чинело еднообразно, сега се преобразува во мир; тоа што најпрвин звучело тажно, сега се восприема како првоначално движење на душата којашто се враќа кон загубените длабочини. Еве што ни возвестува секое утро првиот стих од великопосното „Алилуја“: Од ноќта утренува мојот дух кон Тебе, Боже, зашто Твоите заповеди се светлина.
„Таговна радост“, тагата на моето прогонство, на расипаниот живот, светлината на Божјото присуство и простување, радост од родената љубов кон Бога и мир од враќањето во Домот на Отецот. Таква е настроеноста на великопосната богослужба, таков е нејзиниот прв допир со мојата душа.             
                                                                                             Отец Александар Шмеман
                                                                                                          “Великиот Пост“

 

Подготви: Наташа