Архимандрит Лазар Витаниски

zena.pokajanie.jpgВо Светото писмо е речено: Синко мој, ако сакаш да Му служиш на Господа, приготви ја душата своја за искушение. Управи Го твоето срце и биди цврст; не збунувај се кога ќе бидеш посетен од Бога. Прилепи се до Него и не отстапувај за да бидеш прославен во последниот ден (Мудр. Сир. 2, 1-3).

Штом се решиш да постиш, да се каеш и да ги исповедуваш своите гревови, веднаш ќе се појават многу внатрешни и надворешни препреки. Непријателите на човечкиот род, дознавајќи за твојата намера, на секој начин ќе те вознемируваат со разни неприлики однадвор и со сомнежи, помисли и стравови одвнатре. Но се ќе исчезне штом покажеш дека имаш цврсти намери.

Човекот треба да се исповедува што е можно почесто. Паузите помеѓу исповедите треба да бидат исполнети со духовна борба и напори, што ќе се зацврстуваат со подготвките за претходната исповед и подготовката за следната. Значи, честото исповедување на гревовите ќе те чува, ќе те поддржува и ќе го прави поцврст целиот твој духовен живот. Благодатта Божја што делува во светите тајни покајание и причест прави човекот да почне да ги чувствува своите гревови и слабости, да не се впушта така лесно во грев и да се зацврстува во вистините на верата; Црквата и целиот нејзин поредок му стануваат мили и блиски на срцето.

Иако е пожелно човек да има свој духовник, тоа воопшто не е задолжителен услов за вистинско покајание. За човекот што вистински пати поради својот грев, нема разлика кај кого ќе се исповедува: само што побрзо да се покае и да добие разрешување. Покајанието мора да биде потполно слободно, без никаква принуда.

Исповедта не е разговор за своите недостатоци и сомнежи, тоа не е едноставно запознавање на духовникот со себе. Исповедта е света тајна, а не само „религиски обичај". Исповедта е огнено покајание на срцето, желба за очистување што се раѓа од чувствувањето на светињата. Исповедта и покајанието се т.н. второ крштавање, и согласно тоа, во покајанието уми-раме за гревот и воскреснуваме за светост. Покајанието е прв степен на светоста, а духовната нечувствителност е престојување надвор од светоста, надвор од Бога.

Прва работа за оној што се подготвува за исповед мора да биде испитувањето на срцето. За тоа е потребно човекот да се подготвува неколку дена - да пости, да чита духовна литература, повеќе да се моли, да чита совети и поуки за светата тајна покајание, да се сети и да ги запише своите гревови. Обично, луѓето што немаат искуство во духовниот живот, не ги гледаат многуте свои гревови, ниту нивната одвратност. Велат: „ништо посебно не направив", „имам само ситни гревови, каки и сите останати", „не крадев", „не убивав" - често пати многумина така ја почнуваат исповедта. А самољубието, нетрпењето на прекор, нечувствителноста, човекоугодувањето, слабата вера, недостатокот на љубов кон ближниот, а малодушноста и духовната мрзливост? Зар сите тие не се тешки гревови? Зар нашата вера е дејствителна и огнена? Дали секој човек го сакаме како брат во Христа? Дали стекнавме кротост, безгневност, смирение? Со што да ја објасниме нашата нечувствителност на исповедта, нашата вообразеност, ако не со камената нечувствителност, со мртвилото, смртта на душата и срцето? Зошто светите отци, кои ни оставиле покајни молитви, се сметале себе си за најголеми грешници, а ние сме убедени дека кај нас се е во ред?! Што повеќе Христовата светлост го осветлува срцето, толку повеќе човекот ги чувствува сите мани (недостатоци), чирови и рани. И обратно: луѓето кои заринкале во гревовниот мрак, ништо не гледаат во своето срце, а и ако видат, не се ужаснуваат зашто немаат со што да се споредат, зашто Христос за нив е скриен со завесата на нивните гревови.

Во обидот човекот да ја разбере моралната состојба на својата душа треба да се потруди да направи разлика помеѓу основните и секундарните гревови, помеѓу симптомите и длабоките причини. На пример: ние забележуваме, и тоа е многу важно, расејаност во молитвата, невнимание за време на богослужението, отсуство на интерес за слушање и читање на Светото писмо, но зар овие гревови не произлегуваат од маловерноста или од слабата љубов кон Бога?! Треба во себе да ја забележиме своеволноста, непослушноста, самооправдувањето, нетрпеливоста, тврдокорноста и тврдоглавоста, но многу поважно е човекот да ја открие и сфати нивната поврзаност со самољубието и гордоста. Ако во себе забележиме желба секогаш да бидеме во друштво со луѓе, ако премногу зборуваме, ако искажуваме склоност кон потсмевање и озборување, ако премногу се грижиме за својот надворешен изглед и облека, треба внимателно да ги испитаме тие страсти зашто нашата суета и гордост најчесто така се изразуваат. Ако премногу ги примаме на срце животните неуспеси, ако тешко поднесуваме разделба, неутешно   патиме   по   умрените,   зар   во   јачината   и длабочината на тие наши искрени чувства не се крие неверие во благата Промисла Божја?

Постои уште едно средство што може да ни помогне во познавањето на нашите гревови. Пред исповедта, треба да се потсетиме за што луѓето што живеат со нас, нашите ближни, не обвинуваат: често нивните обвинувања, прекори и напади се оправдани. Пред исповедта, треба да побараме простување од сите пред кои се чувствуваме виновни за да пристапиме кон све-тата тајна со мирна совест.

При таквото испитување на срцето човек треба да внимава да не падне во претерана сомнежливост и ситничарење кон секое движење на срцето; ако тргнеме по тој пат, можеме да го изгубиме чувството за битно и небитно, да се заплеткаме во ситници. Во такви случаи треба привремено да го оставиме испитувањето на својата душа и со молитва и добри дела неа да ја просветлуваме.

Подготовката за исповед не се состои во тоа човекот што поподробно да се сети на гревовите, дури и да ги запише, туку во тоа да ја постигне онаа состојба на сосредоточеност, сериозност и молитва во која нашите гревови ќе станат јасно видливи како на светлина. Оној што пристапува кон светата тајна исповед, кај духовникот не треба да донесува список на гревови, туку чувство на покајание, не детално прераскажување на својот грешен живот, туку скрушено срце.

Знаењето на своите гревови сеуште не значи и покајание за нив. Вистина е дека Господ ја прима искрената и чесна исповед, дури и ако таа не е проследена со силно чувство на покајание, ако и тој грев - скаменетата нечувствителност, го исповедуваме храбро и отворено, без лицемерие. Сепак, скрушеноста на срцето, жалоста заради сопствените гревови е она најважното што можеме и треба да го донесеме на исповед.

Но што да правиме, ако нашето срце, исушено од гревовите, не се оросува со живоносната вода на солзите? Што ако. „духовната немоќ и телесните слабости" се толку големи па не сме во состојба искрено да се покаеме? Сепак, тоа не е причина исповедта да се одложува во очекување на чувство на покајание. Бог може да го допре нашето срце и во текот на самата исповед, зашто самата исповед, гласното изговарање на своите гревови може да го омекне нашето срце, да го изостри духовниот вид, да го разбуди чувството на покајание.

За надвладување на нашата духовна тромост служат молитвените подготовки за исповед и најмногу постот. Исцрпувајќи го нашето тело, постот го нарушува нашето телесно спокојство и душениот мир, кои се погубни за нашиот духовен живот. Сепак, постот сам по себе е само подготовка и го подготвува теренот на нашето срце, кое после тоа може да ги впива моли-твата, Словото Божјо, житијата на светиите и делата на светите отци, а тоа ќе биде придружено со засилена борба со својата гревовна природа, тоа ќе не поттикне активно да им правиме добро на ближните.
Нашата нечувствителност на исповедта најчесто има корен во недостатокот на Божји страв во нас. Ете, кон тоа треба да ги упатиме своите напори. Заради тоа многу е корисно читањето и размислувањето за смртта, за Страшниот суд, за несреќата на престојувањето на грешникот во пеколот, за минливоста на животот и за бесконечната големина на вечноста.

На исповедта не треба да очекуваме прашања, човек сам треба да вложи напор, зашто исповедта е подвиг и самопринуда. Треба да зборува точно, не криејќи ја срамотата на гревот со воопштени изрази. Прилично тешко, но неопходно е на исповедта да се избегне соблазната на самооправдување, да се откаже обидот на духовникот да му се објаснат „олеснителните околности", да се отфрли изговорот дека други, наводно, не навеле на грев. Понекогаш луѓето се повикуваат на слабото паметење, кое, наводно, претставува препрека човекот да се сети на сите гревови. И на-вистина, често се случува лесно и брзо да ги забораваме своите гревови. Но, дали тоа се случува само заради заборавеност? Има, на пример, случаи кога до болка било повредено нашето самољубие, кога некој незаслужено не навредил или спротивно на тоа, случаи што и годат на суетата: успех, добри дела, пофалба, благодарност - на сето тоа се сеќаваме долги години. Сето она што во нашиот светски живот на нас остава силен впечаток, долго и јасно го паметиме. Не ги забораваме ли своите гревови затоа што не им придаваме сериозно значење?

На исповед луѓето често велат: веќе исповедувавме некој грев, но и понатаму не мачи страв заради неговата тежина, и тоа дека нема да ни биде простен и никако не можеме да го заборавиме. Што треба: да го повторуваме на исповед или не? На исповедта зборувај за се што те вознемирува, што те боли, немој да се срамиш уште еднаш да ги повториш своите претходни гревови. Тоа е добро и ќе сведочи за тоа дека постојано го имаш чувството на својата гревовност и дека го победуваш секој срам во откривањето на своите гревовни рани.

Некои луѓе се плашат и како да не веруваат дека гревовите може да им бидат простени и тој страв понекогаш прима облик на болест. Чувството на страв се темели на недостаток на вера, надеж и љубов кон Милосрдниот Господ или, пак, на често повторување на гревот. Труди се да не грешиш и тогаш, со помош Божја, ќе се намали и грижата за тоа дека Господ нема да ти прости.

Не осудувај се да помислиш дека твоите гревови се толку големи, што нема смисла да се каеш. Кој го прима нашето покајание? Кој ги исцелува нашите гревовни рани? Семоќниот Бог. Запамети: Семоќниот! Семоќниот Лекар! И како Таков Он го прави возможно простувањето и на најтешките можни гревови.

Има таканаречени неисповедувани гревови со кои многумина живеат многу години, а можеби и целиот свој живот. Сето време тие имаат желба да ги откријат пред духовникот, но премногу се срамат да зборуваат за нив и така минуваат година по година. Меѓутоа, тие постојано ја мачат душата и и подготвуваат вечна осуда. О колку треба да се плашиме од непокајани и неисповедувани гревови! Нашиот живот, како што вели апостолот, е пареа (Јаков 4, 14), денес сме живи, а утре ни се подготвува крај. Каде, таму, ќе ги скриеме своите гревови? Треба да се срамиме од гревот, а не од покајанието. Покајанието е победа над самиот себе, победнички трофеј заради кој оној што се покајал е достоен за почитување и чест.
Знак за потполно покајание е чувство на олеснување, чистота и неискажлива радост, кога гревот на човекот му изгледа исто онака тежок и неможен како што пред тоа била далечната радост.

Покајанието нема да биде потполно, ако човекот, каејќи се, однатре не донесе цврста одлука да не се враќа на тој грев. Но, ќе речеш: „Како можам да ветам Дека нема да го повторам гревот? Зар не е исправно да мислиме дека, најверојатно, гревот, заради нашата немоќ, ќе се повтори? Зашто врз основа на искуствата секој знае дека по некое време човекот се врака на истите гревови и дека од година во година не гледа подобрување?" Всушност не е така! Нема случај, при искрено покајание и добра желба светата причест што човекот ја примил во душата да не предизвика благи промени. И тешко дека човек може сам да суди за својата состојба. Се поголемите барања од себе, строгоста и изоштрениот духовен вид често создаваат впечаток дека има се повеќе гревови и дека нивното дејство се појачило. Верникот почнува да мисли дека станал уште погрешен, дека болестите стануваат посилни. А всушност многу нешта се подобриле, многу зло е отфрлено, но на негово место се појавило она што порано не било забележано и борбата мора да продолжи со иста сила.

Често Господ, според посебната Своја Промисла, ни ги затвора очите за нашите успеси за да не зачува од суета и гордост. И обратно: за да не паднеме во очај и за да се решиме за борба со гревот, Годпод не ни допушта одеднаш да ја видиме сликата на својот гревовен пад, која е крајно ужасна, туку, според мерата на нашиот духовен раст, ни ги отвора очите. Често гревот долго останува во човекот, но честата исповед, причестувањето со светите тајни го поткопуваат и го слабеат неговиот корен. Па и самата борба против гревот, страдањето заради гревот - зар тоа само по себе не е напредок?! „Не плаши се, дури и ако секој ден паѓаш и скривнуваш од патиштата Божји, стој храбро и ангелот-чувар ќе го почитува твоето трпение", вели свети Јован Лествичник.

Па дури и ако го нема ова чувство на олеснување и препород, треба да имаме сила за враќање кон исповедта. Својата душа во потполност треба да ја очистиме од нечистотата, треба храбро да ги исфрлиме сите гнасотии, сите гадости - без прикривање, без украсување, да ја очистиме од сквернавоста и гнасотиите. Оној што тежнее кон тоа секогаш ќе успее!

Само не смееме себеси да си ги припишуваме своите успеси, да сметаме на својата сила, да се надеваме на своите можности. Така можеме да го изгубиме сето она што сме го стекнале.

„Еј, Господи Цару, дај ми да ги согледам моите гревови..." (од Великопосната молитва на свети Ефрем Сирин).
„Господи, дај ми мисла за исповедување на гревовите мои" (од седмата молитва на свети Јован Златоуст пред спиење).
„Расејаниот мој ум собери го, Господи, и скаменетото срце очисти го, како на Петар дај ми покајание, како на цариникот - воздишка и како на блудницата - солзи".
Амин.

 

 

(Продолжува)

Извадок од книгата:

ПОКАЈАНИЕТО- ПАТ КОН ВЕЧНОСТА

Издавач: Канео ,Охрид, Дебарско- кичевска епархија

Друго: Pokajanie.korica.jpg