За љубовта, пак, можеме да кажеме дека е најмоќната сила на човечката душа, затоа човекот треба исто толку да внимава да ја активира на правилен, бестрасен и свет начин. Ако душевната сила на љубовта се активира на страстен начин, тогаш постои опасност човекот да ги претвори во идол различните нешта што ги сака: идеологии, философии итн., и потполно да им се предаде, бидејќи карактеристика на љубовта е да се предадеш на тоа што го сакаш. Тогаш објектот на твојата љубов се претвора во идол. Тоа може да биде твојата сопруга, децата, твојата идеологија, учење, твојот ум, положбата, науката, мудроста, богатството, младоста – сето тоа станува идол, зашто сами по себе тие нешта се поврзани. Ако човек се обраќа кон другиот со острастена љубов, тогаш со сигурност ќе се појават проблеми во нивните односи. Причината е што тој уште не се очистил од страстите и веднаш штом во него се јавува љубовта кон некого, како последица се појавува и ова плотско привлекување. Ако умот не преземе контрола, тогаш човекот со сигурност ќе падне во гревови, страсти и искушенија и ќе мора да се бори за да се откине од тие нешта и повторно да стане слободен – без оковите и бестрастен пред различните објекти или субјекти кон кои ја насочува својата љубов.

Љубовта е голема, но и многу опасна сила. Таа може да те издигне до Божјиот трон, но може и да те урне, ако не внимаваш. Затоа Отците велат дека љубовта е најголема добродетел, но само доколку е проследена со добродетелта на расудливоста, која ја раководи и ја насочува љубовта на правилен начин. Недостатокот на расудливост може да го доведе човекот до големи проблеми и ризици, кои на почетокот не изгледале опасни, оти се започнало со добра намера, но потоа работите се влошуваат. Ќе ви дадам пример за тоа.

Воден од љубов, некој оди да му помогне на друг човек кој има некаков проблем – личен, професионален, семеен, каков и да било. Сепак, нема расудливост, прво, за да разбере дека не е бестрастен и постои ризик да изгуби контрола над љубовта и да се заплетка. И второ, нема расудливост да разбере дека и другиот човек не е бестрастен. Ти можеш да речеш: „Ништо нема тука! Не чувствувам ништо!“ Да, ти не чувствуваш ништо, но другиот? Знаеш ли што чувствува тој? Можеш ли да ги разбереш силите, издржливоста и движењата на другиот? Е бидејќи си нерасудливо мотивиран од љубов, одиш да го поткрепиш, да му помогнеш, да станеш добар слушател на неговата болка и искушенија и да го понесеш неговиот крст. Но, потоа работите се заплеткуваат и се развива друг вид на љубов.

Пример за таква нерасудлива љубов често пати е љубовта на родителите кон нивните деца, зашто неретко родителите ги расипуваат децата од љубов. Нивната преголема љубов прави да не пројават расудливост и како последица на тоа не ги воспитуваат правилно и не поставуваат граници пред нив. Да му поставиш граница на едно дете е болно и за детето и за родителот. Обично на детето не му се допаѓаат границите – мало е, сака да си игра, да трча надвор, не сака да чита, не сака да прави едно, да прави друго, не сака да се лиши од ништо, плаче и протестира. Границите се болна работа за едно дете. Додека е мало, неговиот ум не може да сфати многу работи. Но, поставувањето на граници е болно и за родителот, бидејќи за него не е лесно да гледа како детето плаче и водени од љубов, родителите ги тргаат границите: „Добро, ајде не плачи, ќе ти го купам тоа! Не плачи, ќе го направам тоа!“ И каков е резултатот? Детето разбира дека веднаш штом ќе заплаче малку, мама отстапува и прави како што сакам! Детето ќе посака нешто, мајка му ќе постави некаква граница, но тоа ќе заплаче и границите се уриваат. Да, тоа е љубов, навистина љубовта сите нас нѐ тера многу пати да кажеме: „Како што сакаш ти!“ Умираш за да живее другиот. Стануваш чергиче за да те газат, и сакаш да го правиш тоа што му е пријатно на другиот: „Што сакаш? Кажи ми и ќе го направам. Сѐ што сакаш ќе ти дадам!“

(Продолжува…)

Извор: Бигорски манастир