Некој доаѓа кај мене и ми вели, на пример, дека пуши, пцуе, води порочен живот и јас како добар свештеник треба да му кажам: „ Чедо мое, тоа е грев! “  Тоа ли е мојата работа? Да му кажам дека е грев ? Но тој штом доаѓа и ми го кажува, значи знае дека е грев. Моја работа е да го наведам тој човек да ја почувствува радоста што Христос ја дава. Да го наведам да ја почувствува љубовта Христова. Како ќе го направам тоа?

Еднаш еден човек дојде и ми кажа дека пцуе. Тргнав да му го кажувам тоа што го спомнав преѓе, дека пцуењето е многу тежок грев. Во моментот кога тој зборуваше, си мислев на различни такви нешта и најпосле му реков: „ Слушај, кога пцуеш сигурно чувствуваш дека имаш сила, дека имаш власт, дека си важен штом се осмелуваш и пцуеш нешто многу свештено и значајно. Значи имаш потреба од сила“. Кој има потреба од сила? Луѓето чија сила другите не ја признаваат. И затоа сега има потреба да се покаже таа сила: Еден прави едно, друг друго, еден пцуе, друг троши се, трет прави нешто трето. Значи што се крие тука? Недостаток на љубов. Тој човек не бил сакан. Не постои можност некој кој чувствува колку многу Бог го љуби, да земе да хули и да пцуе. Не е можно. Значи тој човек сега од што има потреба? Од мојата забелешка? Или да му помогнам да општи со Оној Кој е љубов? Да се заслади неговата душа, да Го почувствува својот Бог, па потоа да ја отвора устата своја за да Го славослови Христа и да му вели: „Ти благодарам Христе мој што ме љубиш и ми го покажуваш тоа. Ти благодарам Христе што ми го даваш достоинството кое другите не ми го даваат. Како да хулам на Тебе сега? Ти благодарам што правиш да се чувствувам сигурно и безбедно во Твојата близина“. Тој човек кој што хули, пцуе и прави разни недостојни нешта, всушност си ја покажува внатрешната несигурност, својата празнотија – како да ја пополнам таа празнина? Како? Со забелешки? Така не се пополнува. Со карање? Ќе поттикнам отпор. Со викање? Ќе предизвикам спротивен ефект. Што направил нашиот Бог, Таткото од таа парабола – дал прегратка, целив, капење, очистување, прстен, нови обувки, облека, мириси, веселба, песни, игра, пријатна атмосфера, среќа. „Дете мое, те љубам, почувствувај дека те љубам! Почувствувај дека те љубам и во таа љубов, и во таа светлина, во тоа веселие, што и да си направил, сето тоа, сите гревови ќе се изгубат, ќе избледат во светлината на таа љубов, на таа слатка очистителна светлина која успокојува, и повеќе не сакаш да правиш гревови зашто си исполнет и утешен“.

Најпосле другиот, добриот син, кој што бил на работа, се вратил и видел дома светлини, восхит, игра, врева, се зачудил што се случува. Наоѓа некој од слугите и го прашува: „Што се случува овде, што прават дома?“ „А, брат ти си дојде и татко ти многу се израдува што го прими здрав, па приготви за него трпеза!“ Ми остава огромен впечаток изразот „ го прими здрав“ – и се прашувам – чекај малку, како тоа го примил здрав? Па нели тој бил потопен во гревот? И таткото вели „го примив здрав“ . Да, се вратил грешен, но во неговата душа имало едно здраво место, кое било неговото покајание, вистинската врска што ја имал со својот татко, зошто некогаш тој  бил силно поврзан со татко му, имал вистинска врска и суштествена, длабока, искрена комуникација. И тоа го натерало да се врати. Тој негов син имал нешто здраво, макар што бил во гревови; тој сепак бил побожен, добронамерен, благо расположен, душа грешна, како ти и јас, не го заборавај тоа, но во краен случај една убава душа. Другиот не бил грешен, но имал чудна душа –не можел да се радува, да споделува и да ја живее среќата на другиот. Тој завидувал, бил незадоволен, всушност тој бил многу повеќе блуден –затоа што врската со татко му била потполно формална, и умот му бил на друго место, а не во таа прегратка и топлина.

(Продолжува…)

 

Извор: https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/teshko-ni-e-da-se-doverime-na-boga-del-4/

 

Друго:

Архимандрит Андреј Конанос:Тешко ни е да се довериме на Бога – I дел ...

Архимандрит Андреј Конанос: Тешко ни е да се довериме на Бога – II дел ...

Архимандрит Андреј Конанос: Тешко ни е да се довериме на Бога – III дел ...