На работа да бидеме внимателни: покрај нас работат многу луѓе и кажуваат сé. Понекогаш кажуваат зборови многу нечисти бидејќи живеат во страсна состојба и не размислуваат за ништо, туку само за привременото, суетно и земно задоволство. Ако оној што се моли е внимателен, тој нема да ги следи; тој ги жали таквите луѓе и се моли за да Бог ги просветли, за да тие се ослободат од таква задушувачка духовна состојба, да излезат на чист и неограничен воздух.

Вечерта пред спиење повторно да ги приклониме колената и да Му принесеме наши молитви на Бог. Во средината на денот или навечер да го отвориме Новиот Завет и да прочитаме барем една глава од таму. Затоа свети Затоуст вели дека ѓаволот бега од куќата каде што е Евангелието. Поминуваат денови, години и векови како сенка и сите ние се приближуваме кон својот крај. Животот на секој човек е книга, а секој ден од животот е една нејзина страница. Во секоја книга постои крај, така и во човечкиот живот постои крај. На страниците на оваа книга има и лошо и добро, запишани се и светлите и темните дела на човекот. А кога животот ќе заврши, тогаш пред Бог ќе се отвори таа книга и врз основа на тоа што е напишано во неа, човекот ќе даде одговор. Човекот се држи во трезвеност со будност. Кој избегнува повреда? Оној кој е буден, трезвен, кој е внимателен, кој се следи себеси и патот; затоа тој ретко паѓа. Кој добива повреди? Оној, кој е невнимателен на патот; и затоа  лесно паѓа. Често причината за ова е небрежност. Небрежноста во извршување на нашите должности доведува до опасни последици.


~ Старец  Ефрем Филотејски

 

4-ти декември 2018 лето Господово

Подготви: Снежана Корнет