Кога детето е малечко и си игра со топка а ти појдеш и му ја земеш, тоа може да плаче и цел ден, бидејќи за него таа топка значи сѐ. Но ти, кој си голем и знаеш дека животот не е само таа топка, туку има многу други и посериозни прашања, сфаќате дека неговиот плач е плач на едно незрело дете, не го потценуваш ниту го караш затоа што плаче. Знаеш дека ќе му помине, бидејќи ќе дојде нешто друго, многу посилно и подоцна и ќе плаче за други работи, кои се навистина сериозни.

Работите што ги сметаме за страшни, потресни, всушност не се токму такви. Не е така, нашиот ум така си замислува. Во овој живот сѐ ни изгледа како трагедија, но по сто години од сето она со кое се занимаваме сега, ништо нема да постои; тоа што сега го сметаме за неподнослива болка и мака и Крст, ќе видиме дека подоцна ќе биде воскресение. Тоа ќе биде светлина, радост, олеснување, нашата душа ќе се почувствува така како што се чувствуваш кога ќе се измиеш, и чувствуваш олеснување, ти станува лесно, се очистуваш и велиш: „Како сега сѐ гледам на поинаков начин?“


Хрисотс раширувајќи ги Своите раце во прегратка, го прегрна целиот свет

Ако сакаш, не го помни тоа што ти го кажувам, не го запазувај, не го мисли, ако сакаш најди друг начин на живот. Патот на твојот живот е отворен. Ти избираш како да мислиш. Можеш да се оттргнуваш од својот крст, да врескаш, да сакаш да си заминеш, да хулиш.. Крстот да ти стане причина за конфликт, упорност и бунт. Тоа е твое право. Но, ако крстот ти стане причина за единство – да се соединиш со самиот Крст и со Оној Кој е на него – тогаш душевните својства Христови, особините на Неговиот карактер, ќе се пренесат и на тебе. Кога се противиш, сакаш да слезеш од својот крст и се нервираш, не добиваш ништо. Спомни си за Христос на Крстот. Таму Он ја покажал сета Своја добрина, целата Своја љубов, душата Негова процветала и ја покажала сета Своја сладост, целата убавина, срцето му станало толку широко, уште поголемо, ако можеме да користиме вакви споредби, и Тој возљубил, обединил, опростил сѐ и на сите, бидејќи зрачел со сјај и светлина што ја промениле целата земја. Тоа не би се случило без Крстот. На Крстот Христос излеал од Себе си не горчина, туку добрина, ги раширил Своите раце во прегратка и го прегрнал целиот свет.

Таков те прави крстот, секако, доколку го гледаш во единство со Христос. Ако гледаш на него како на некаква спротивставеност, тој нема да те направи таков. Ако крстот те нервира и се лутиш, клоцаш, удираш, само си ги зголемуваш раните и немаш никаква полза. Но ако крстот ти стане знамение што те обединува со Христос, тогаш Он ќе ти го даде тоа единство, како што Самиот вели: „Бидете во Мене и Јас во вас.“ Каде? Насекаде! И на Крстот. Таму ќе Ме познаете, таму ќе ги видите Моите работи што нема да ги видите на друго место. Таму Мојата добрина ќе стане ваша добрина, таму Мојата љубов ќе стане ваша љубов. Таму ќе се научите да простувате, затоа што ќе ви го предадам тоа што го почувствував на Крстот. Тоа е тешко, и знам дека ти, кој сега слушаш, имаш некаква болка, која не ја знам, зашто чувствувам друга болка, другиот, пак, сосема трето нешто.


Плачот на Пресвета Богородица пред Крстот Господов

Но, знам дека Бог нема да ти наштети, нешто добро ќе излезе, нешто добро ќе излезе од тоа, бидејќи кога се распнуваш, кога чувствуваш болка, кога плачеш, тогаш твојата душа стекнува убавина, многу поразлична од убавината што ја имаш она другото, кога си измиен, чист, кога ќе ставиш кармин, ставаш парфем, и гледаш – тоа е убавината на овој свет, тоа е површна убавина. Крстот ти дава друга убавина, преку болката што ја чувствуваш и ќе ја чувствуваш, ти дава можност од тебе да излезат работи кои на друг начин не би излегле. На пример, како ќе го научиш и почувствуваш трпението што се крие во твоето срце, кое е едно богатство, зрелост, мудрост, како ќе излезе тоа богатство на зрелоста? А? Како ќе се научиш да ги разбираш другите луѓе, ако не почувствуваш некаква болка во животот? Кога ќе зборуваш со некој кој почувствувал болка, знаеш дека тој те разбира кога ќе му ја кажеш својата болка, зашто те слуша на друг начин, на друг начин гледа, очите му плачеле со солзи и знаат на друг начин да гледаат, на друг начин слушаат ушите кои некогаш го слушале сопствениот плач. Додека, пак, човек кој не претрпел ништо во својот живот и сѐ му оди добро, уште не се трогнал, не плачел, тој те слуша, но површно, не може да те почувствува, не може.

Да ти дадам пример: вдовицата или родителите што го погребале своето дете, кога ќе им дојде некој кој чувствува болка, им зборува и ги гледа во очите, знаеш и чувствуваш дека овие очи зрачат нешто, бидејќи пред неколку месеци, кога нивното дете починало, тие родители многу плачеле, многу страдале. Тие се предале на размислувања, се замислиле, си поставиле прашања. Тоа ги направило зрели, а потоа, кога им зборуваш, тие те разбираат и те чувствуваат. Додека човекот кој не почувствувал болка, не може да те разбере, те слуша површно. И ќе ме прашаш: Зарем е неопходно да поминам низ сето тоа за да го разберам другиот? Нема да ти одговорам повторно…

Во секој случај, животот тоа го покажува – дека ако не минеш низ такви работи, нема друг пат, нема друг пат во животот, освен болката и солзите и крстот и тагите, тоа е патот по кој сите луѓе одат. Сите луѓе.

Гледаш некои се венчале, веќе се брачници, другите, пак, им завидуваат што стапиле во брак, а тие останале сами, поминале годините. Иако тоа е лична работа, можам да ти кажам дека и овие имаат свои проблеми. Поинакви проблеми, го немаат тоа од кое ти се плашиш и го преживуваш, но тие имаат свои. Проблемите на брачните другари, на родителите. Ти немаш дете и тоа е твојот крст, а тие имаат дете и тоа станува нивниот крст – во вид на некое големо искушение преку кое ќе поминат.

 

 Извор: Бигорски манастир

22.09.2018 лето Господово

 

Архимандрит Андреј Конанос: Вoздвижение на Чесниот Крст Господен – II дел 

Архимандрит Андреј Конанос: Вoздвижение на Чесниот Крст Господен – I дел ...