Сметам дека една од причините поради која младото поколение денес нема многу покајание, најмалку внатрешно, го потенцирам тоа – не внатрешното, туку надворешното – покажуваат непокорлив, бунтовен, рамнодушен, презрив дух кон возрасните, прават што сакаат, трошат сѐ, ништо не ги интересира – една од причините за тоа е што ние сме виновни, поголемите, родителите, грешиме ние свештениците, но грешат и родителите. Кога детето тргнало прв пат да ѝ каже на мајка си дека кажало некаков лош збор и се покајало, зашто кога едно мало дете прави грев задолжително чувствува тага за извршената постапка, чувствува нешто што му ја ранува душата, сака да го каже и го кажува. Нема дете коешто го крие првиот грев од родителите, туку со покајание, со блага душа, со смекнато срце оди да го каже. И ти, кога твоето дете иде да ти ја каже својата болка и грев, зашто е мало, 4-5 годишно, не може да појде да се исповеда, не го знае тој пат и уште не дошол на возраста да оди на исповед за толку ситни нешта, ти што направи?! Ти го обесхрабри, не го пофали, не му покажа дека ти се допаѓа таа состојба, во која тој ја разоткрива душата, во која му се покајува срцето, не го помилува, не го натера да почувствува дека тоа што го прави е нешто кое предизвикува радост во тебе, како што вели Господ: „Ви велам дека на небото повеќе радост ќе има за еден грешник кој се кае“. Помисли, Христос јасно кажува: „Не срамете се да се покаете, да признаете дека сте грешни, не плашете се, ние се радуваме, Ангелите се радуваат, да знаете!“ Он не создава страв во нас, туку ни ги дава основните можности за да се покаеме. Он ни кажува дека се радува, а ние Му велиме: „Ама ние кажуваме гревови, биди подготвен, ќе кажуваме грешки, блудства, пороци, престапи!“ „Кога ги признавате, кога велите: ’Згрешив, Господи! Пред небото и пред Тебе! И не сум достоен Твој син да се наречам!‘ –  кога го кажувате тоа, ние се радуваме. Не плашете се! Секогаш ќе ве примаме! Секогаш ќе ве сакаме! Секогаш ќе ви простуваме!“ Колку пати? Секогаш. Еден, два, седум пати, не седум, туку 70 по седум, т.е. бескрајно многу пати. Кој сега да брои 70 по седум, 490, добро, убаво, ќе седнеш да броиш 490 пати кога некој ти згрешил. Не ги броиш. Во даден момент го губиш пресметаното. И што се случува после тоа? Тоа се претвора во силна и трајна љубов, прошка, взаемно разбирање, милосрдие. Тоа ние не сме го направиле. Не нѐ научија, и родителите не ги научија своите деца да се покајуваат без страв. Детето се плаши, човек денес се плаши да се покае, зашто мисли дека сите ќе го дознаат, ќе стане за потсмев. Некои се плашат повеќе од тоа што ќе кажат другите за тоа што го направиле, отколку за самиот грев и од тоа да искусат болка пред Бога. Како ќе ме гледаат другите после тоа? Ќе ме плукаат, со камења ќе ме претепаат! Тоа имено го правиме и ние, така што после сето тоа, што би можело едно дете да направи? Душата му закоравува, исчезнува тоа задоволство, тоа смирение, тоа меко срце што го има, и душата му се оптоварува,  држи лутина, пројавува карактер и не го покажува своето вистинско јас. Зашто, кога еднаш твоето дете дојде, а ти беше во кујната и чистеше грав, и ти кажа:

– Мамо, сакам да ти кажам нешто… Не знам како ќе го прифатиш…

А по неколку дена си му ги помирисала алиштата и пред да се осмели да ти каже, да се покае, ти му рече:

– Само да го слушнам тоа од тебе!

И детето ја сменува темата:

– Не, не, ништо нема, добро!

– Ајде, кажи, кажи! Што сакаш да кажеш! Кажи! Да не си… Не верувам дека си пушел, само да го слушнам тоа од тебе! Татко ти ќе добие удар!

Како тогаш детето да каже: „Да, пушев“, да каже: „Мамо, татко, се навлеков, бев љубопитен, сакав да видам како е, ми се допаѓа мирисот. Ми рекоа дека сум поголем, дека сите прават така. Сакав да пробам“. Тоа ќе си го открие срцето, ќе се покае и ти ќе го научиш што значи покајанието и што значи татко, Бог, дури и да си мајка ќе го научиш на таткова љубов, на прегратка, на Бога, ти, мајката и таткото. Но ти го обесхрабри, го уплаши, го отфрли, му се налути. Оттогаш детето замолкна потполно, не се открива, не се покајува, чувствува дека прави грешки, но не може да ги каже, зашто знае дека ако ги каже, ќе чуе викање, кавги, потсмев, некогаш и ќотек ќе јаде, ќе се затвори во собата, знае дека ќе биде казнето, лишено од пари за трошење, ќе го заплашат: „Нема да ти го купам тоа што ти го ветив, заборави за одмор, пари, подароци!“ А тоа што би требало да се крунисува и пофалува е неговото покајание, а не неговиот грев, и да му кажеш: „Дете мое, се радувам за тебе, се радувам дека си искрен, се радувам што ме сметаш за пријател, што ме сакаш и имаш доверба во мене, што ми зборуваш и ми кажуваш сѐ што сакаш“.

Кога тоа дете после ќе дојде на исповед при мене, свештеникот, и му кажам: „Гледај, Бог ја прима твојата исповед, те сака, зашто е Татко како твојот татко!“ – тоа внатрешно ќе почувствува дека изгрева сонце, зашто мајка му и татко му навистина се такви, толку добри, благи, го примиле неговото покајание, враќање и поправање без заплашување, без претпоставки, без услови, без страв.

За жал, кога детето се покајува, ние не го оставаме да ја почувствува нашата љубов и љубовта на Бога и така младото поколение се учи не да се покајува, ами да троши, да ја чувствува таа внатрешна експлозија, горчина, бурно поведение кое го крие во себе и крие определен немир. Ти не си го научил детето да се покајува, да го ослободува својот товар, не си го научил Кој е Он, Кој го зема гревот на светот, дека има Некој, Којшто може да ја земе твојата болка, тага, неуспех, грешка, срам, понижување – Го има, Него, Којшто претрпел понижување заради тебе, Којшто, и покрај тоа што не бил виновен, ја почувствувал вината, тежината на вината, која сега ти ја чувствуваш и ги зема од тебе твоите проблеми. Дај Му ги на Христос да ги понесе кај Себеси. Ти не си го научил на тоа и наместо да ги „растовара“ своите маки кон Христос, тој ги „растовара“ кон изложби, коли, троши, руши, сака да извади нешто од себеси и да го даде некаде, сака да извади нешто од себе, да се довери на некого и да промени сѐ околу себеси, но не знае како и го прави на начин кој е погубен за него. Зашто ти не си го научил да го промени своето внатрешно безредие на креативен начин. И се случува тоа што се случува. Ние не создаваме благопријатна клима на покајание за луѓето околу нас. Тоа е многу тажно, носиме голема вина за тоа и треба да се покаеме – ние, најголемите, родителите, навистина и јас како духовник не создавам таква атмосфера за покајание, за да може некој да се покае. Некој вели: „Ако покајанието те побара, тогаш кој и да е до тебе, ти се покајуваш“. Да, но тоа не ме ослободува од мојата одговорност и јас носам одговорност да не го отфрлам другиот со поглед, збор, навреда. Ти му велиш на друг: „Не верувам дека си го направил тоа“. Зошто да не веруваш? Има ли грев што може да го изненади Бога? Има ли грев, за кој Бог не знае и вели: како се осмели да го направиш? Не. Човек сѐ може да направи, зашто е човек.

Еден духовник од светогорските отци од минатиот век имал дарба да исповедува и да ги натера луѓето да се покајуваат, да им помага, да им ја радува душата, и кога оделе кај него, луѓето сакале да му кажат сѐ. Кога гледал дека некој се срами, тој започнувал да му зборува дека и тој бил грешен, да зборува за сопствените гревови, коишто всушност не ги направил, но ги кажувал, зашто знаел дека човекот пред него се тегобел, се плашел, општеството го обесхрабрило, не го научиле дека кога ги признава своите гревови, ќе биде засакан, туку му кажувале дека треба да си искусен, да правиш добро, да се правиш учтив, фарисеј, лицемер, христијански лицемер и да си добар. И човекот вели: „Ако сега кажам дека го направив тој и тој грев, другиот како ќе ме разбере?“

Духовникот велел: „Дете мое, мене да ме видеше, кога бев во светот, правев такви и такви гревови“, кои всушност не ги направил, зашто ако ги беше направил, немаше да може да стане свештеник. Тоа било лага. „Да, отче, и јас нешто такво сакам да ви кажам. Жал ми е многу за тоа што го направив. Сакам да ви кажам, искусив болка и се покајав, но ми е срам. Се колебам да си го отворам срцето“. И духовникот создавал околу него таква атмосфера на милост, смирение, љубов, приемливост, што другиот велел: „Тој духовник, што и да му кажам, колку и да е тешко, и покрај тоа што е грев, пак ќе ме сака“ и му го кажал. Духовникот одговорил:

Дете мое, сега, кога го кажа, да знаеш колку Бог те сака!

– Вие, ме сакате ли отче?

– И јас, дете мое, те сакам повеќе сега, кога ми го кажа тоа, зашто ја гледам твојата борба и твојата убава душа.

– Убава душа? Јас ви ја кажав мојата нечистотија, слабост, зло.

– Да, дете мое, но душата ти изгледа убава, го посакува убавото, Христос, вистината, се бориш, водиш борба. Може пак да направиш грев и ќе направиш, но пак ќе те сакам. Не се надевам, не очекувам од тебе и не настојувам од тебе да промениш сѐ одеднаш, но Господ го прима тој момент на твоето покајание и јас те сакам.

Да создаваме таква благопријатна атмосфера на покајание околу нас, да бидеме прегратка за сите, за детето, за сопругата. Многу жени сакаат да им кажат на своите мажи нешто што им го преокупира умот. Понекогаш сакаат да кажат некој свој грев, но не чувствуваат доверба и велат: „Како ќе го прими тоа? И ако ме казни? Или избрка?“ И мажите сакаат да ги кажат своите помисли, постапки, нешто што го направиле, нешто тајно, но не можат да споделат сѐ, зашто не знаат како ќе ги разбере сопругата: „ако се разведе од мене, ако ме избрка?“ Нека запре тоа, да ја промениме таа состојба во нашата душа, да не бидеме иронични кон другиот, кој се покајува пред нас, да не го заплашуваме, да не го понижуваме, туку вистински да го прифатиме. Колку е убаво тоа.

 



(Прочитај прв дел)

(Продолжува)

Извор: Бигорски манастир