Епископ Тихон Шевкунов

Василиј и Василиј
Василевич



На почетокот на деведесетите, во Донскиот манастир одвреме-навреме се појавуваше еден парохијанин. Ќе го наречеме Василиј. Тој беше доста цврсто набиен, крупен човек, успешен кооператор, несомнено, човек верник. Но, имаше една особеност. Ако сакаш и на глава застани, тој одлучил во својот живот сѐ да прави по молитвите и благословот на посебни духоносни свештеници и старци. Прочитал за тоа некаде во книгите.


Ќе прашаат, тогаш, во што е проблемот? Па, еве во што. Ако свештеникот го посоветувал Василиј нешто што не му се допаѓало, тој веднаш барал други духовници, додека на крајот на краиштата не ги добиел потребните „благослови“. Тогаш Василиј сосема се успокојувал и веднаш го признавал таквиот свештеник како вистински и духоносен.

Ние на секој начин го вразумувавме за тоа. Но, Василиј беше своеглав човек и над нашите прекори само итро се потсмеваше. Иако, да признаам, неговата вера во тие измачени ( а често, грев е да скријам, со жртви купени) благослови беше, што се вели огромна!

Во семејството на Василиј растеле три малечки девојчиња, но тој одамна и страсно мечтаел за наследник.  Дури и име му смислил – Васе. Во чест на свети Василиј Велики, секако! Не во своја чест, како што некои грешници, подложни на страста осудување, можеа да помислат...


Василиј за тоа и тајно одеше кај сите свештеници во манастирот и бараше да му дадат некој посебен благослов за жена му конечно да му роди машко. Ние потполно разумно му одговоривме дека такви благослови не може ни да има, туку Василиј треба срдечно да се моли за Господ, ако Нему Му е угодно, да му ја исполни неговата прозба. Но, на Василиј ваквите совети воопшто не му се допаѓаа. Нему му беа потребни гаранции. Тој ги тргаше свештениците настрана, ги убедуваше да му дадат „правилен“ благослов и со шепот ги уверуваше дека е подготвен да плати големи пари, само во семејството да се појави момче. Не добивајќи ништо од нас, тој замина во Печори, но и таму го доби истиот одговор.



Сите мислевме дека тој конечно ќе се успокои по сето тоа. Но, не го познававме добро. Василиј се пушти во потрага по „вистински“ молитвеници, духовници и старци. И, како што се покажа, доста брзо ги најде.

Еден мудар човек точно реколː „Многу е лесно да станеш старецː треба само да посакаш“. Односно, треба да се  намуртиш, да направиш величествен поглед, да се брендираш како непомирлив, изобличителен, да почнеш по малку да пророкуваш и да даваш благослови на сите страни – по таквиот чудак ќе тргнат многумина. Но, се разбира, тоа не е некаков старец, туку обичен човекоугодник.

Накратко, Василиј се врати  во Москва целиот радосен, со куп благослови и пророштва дека ќе му се роди  машко. Жена му навистина наскоро забремени.

Кратко време пред породувањето, на Василиј му текнало да направат благочестиво поклонение во Светата Земја. И задолжително за сите тројца! Тој, неговата сопруга која беше во деветти месец, и се разбира, долгоочекуваниот наследник – Василиј Василевич, кој сѐ уште се наоѓаше во мајчината утроба.

Летото беше жешко. И здрав човек во тоа време во Светата Земја не би му било лесно од неиздржливата жештина. А да не зборуваме за жена во последниот месец од бременоста! Но, благочестивиот Василиј беше непоколеблив. Тој решил дека мора да поминат со својот сѐ уште нероден наследник по сите свети места.

Биле на Господовиот гроб. Се искачиле со синчето на Голгота. Василиј, кој уште сега умилно зборувал со наследникот, потчукнувал со дланката по стомакот на сопругата, и наведнувајќи се, велелː
-    Василиј Василевич! Чувствуваш, на Голгота сме!
Потоа тргнале тие во Јорданската пустина. Одат, одат по свети патеки, преплавени со пот. И се искачуваат на Гората на искушенијата. Василиј и тука му се обратил на своето синчеː
-    Василиј Василевич! Сега сме на Гората на искушенијата!

Пред да си заминат се искачиле дури и на гората Тавор. Како вистински поклоник, Василиј секако ги занемарил арапските таксисти, кои ги канеле туристите, и заедно со Василиј Василевич се искачил на врвот на Тавор, пешки. Тука тој, гледајќи на прекрасната слика, која се открила од орловата висина, воскликналː
-    Василиј Василевич! На Тавор сме!
-    
На аеродромот „Бен Гурион“ било јасно дека жената на Василиј почнала да добива напади. Но, се разбира, решиле да родат само во Москва. Проблемот бил во тоа што израелската царина не го пуштала нашиот Василиј во авионот. Во Светата Земја тој од секаде собрал светињи. А кои се светињите на православен поклоник: камен од гората на искушенијата, вода од Генисаретското Езеро, вода од реката Јордан, песок од Јудејската пустина, камен од Назарет, земја од Витлеем, и така натаму, и така натаму. Други поклоници земале по малку – да речеме, цвет од Галилеја, или камче од Ерусалим, а Василиј зел околу триесет килограми светињи

Но, ако за него тоа беа светињи, за потресените израелски граничници – парчиња гранит и вода од целата територија на Израел. Вакво нешто виделе за првпат и не прифаќале да го отпуштат Василиј со таква тежина во Русија. Но, и нашиот Василиј категорично одбивал да се врати во својот трет Рим без светињите од древниот Ерусалим.



На крај, цариниците сфатиле дека пред нив, благо речено, стои еден голем чудак. И дека неговата дејност нема да нанесе непоправлива штета за сигурноста на државата Израел. Василиј го пуштиле, а во Москва,  директно од аеродромот, неговата несреќна сопруга ја донеле во породилно, каде што таа успешно родила девојче.


Потресеноста на нашиот херој не би можела да се опише.

-    Ми го подметнаа! – викал тој. – Лекари – штетници! Каде е мојот Василиј Василевич!? Јас имав благослов! Старците рекоа дека ќе се роди машко! Дајте ми го мојот Василиј Василевич!

Така и се заврши таа случка. Василиј наскоро исчезна од мојот вид. Не знам, што се случува со него сега. Се надевам дека се вразумил и си измолил наследник за себе. Или, пак, сепак, се смирил со тоа што Господ благословува раѓање само на прекрасни претставнички од понежниот пол во неговото семејство.



 Извор: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“ и други раскази, Кумановско-осоговска епархија, 2016.

 

 

 

Друго:

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

04ти јули  2018 лето Господово

Друго:

 

 

  • Поуки од Светите Отци