Во вашите беседи не зборувајте за религиите – и тогаш ќе победите. Дозволете му на човекот кој има поинакво мислење да се излее, нека зборува и зборува… Нека почувствува дека се сретнал со спокоен човек. Делувајте врз него со својата добронамерност и молитва, а потоа кажете неколку збора. Ништо нема да направите ако остро зборувате, ако на пример, му речете „Ти лажеш!“ Што ќе биде од тоа? Вие сте како овци меѓу волци. Што да правите? Однадвор бидете мирни и молете во себеси. Бидете подготвени, бидете образовани, бидете храбри но заедно со светост, кротост и молитва. Но, за да постапувате вака, потребно е да бидете свети. Човек може да биде свет каде и да се наоѓа. И среде најбучниот град, човек може да се освети.

+ + +

Еднаш Старецот ми рече: „Ти си побожен човек. И сакаш да ги натераш своите ближни да бидат исто толку верни и побожни луѓе како тебе. Мислиш дека така ќе успееш? Само ќе направиш штета. Принудувањето побудува отпор кај луѓето. Ти му велиш на човека „направи вака“, и тој не сака, затоа што ти си му го рекол тоа. Во него се крева бран на отпор и тој ќе ги игнорира твоите зборови. Меѓутоа, ако ближниот забележи дека и ти самиот правиш нешто, тогаш, можеби, и тој ќе почне да прави нешто. Човекот те гледа и си мисли: „Ако тој направи така, и јас ќе направам“.

+ + +

Молкум моли се за сите. За целата Црква, за свештенството, за монасите. Нашата Црква денес минува низ криза.

+ + +

Фанатизмот нема врска со Христа. Биди вистински Христијанин! Тогаш нема никого погрешно да го разбереш, туку твојата љубов ќе покрие сè. И кон иноверниот биди Христијанин. Тоа значи: почитувај го на учтив и племенит начин, не гледајќи на неговата религија. Може да помогнеш на Муслиман во неволја, да разговараш и да се дружиш со него. Треба да ја почитуваш туѓата слобода. Како што Христос стои пред вратата и чука, и не отвара на сила туку чека душата човечка сама и слободно да Го прими, така и ние треба да се однесуваме кон секоја човечка душа. Во мисионерењето треба да се применуваат суптилни методи за другите души да го примат она што им го нудиме – зборови или книги – без лоши реакции. Уште нешто: што помалку зборови. Зборовите им сметаат на ушите, а честопати и ги нервираат луѓето. На одзив, напротив, наидуваат молитвата и животот. Животот восхитува, препородува и преобразува, додека зборовите остануваат бесплодни. Најдобрата мисионерска работа се остварува преку нашиот пример, љубов и благост.

Св. старец Порфириј Кавсокаливиски

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/covek-moze-da-bide-svet-kade-i-da-se-naogja/ .