Св. старец Паисиј Светогорец

Љубовта што светиот старец Паисиј ја имал за целиот свет ни е на сите позната. Старецот, со неговите молитви им помогна на многу луѓе за време на неговиот живот, но и по упокојувањето. Но, прашањето што мнозина си го поставуваат е од каде доаѓала неговата способност да им помага на другите и да чудотвори. Секако, секој дар е од Бога, и секој од нас може да има удел во него, доколку целосно Му се предаде на Него.

Оваа молитва му била предадена на еден женски манастир, кој од старецот барал молитвено правило за вечерните бденија. Во последната година од својот овоземен живот, старецот им ја дал оваа молитва како послушание. Главната тема во молитвата е длабоката љубов кон целото човештво. Молитвата може да ја кажува секој верник. Лесна е за разбирање, и дури и децата може да се молат со неа. + + +

Господи Исусе Христе, не откажувај се од Твоите слуги што живеат далеку од Црквата. Твојата љубов нека ги убеди и нека ги врати при Тебе. Господи, спомни си за Твоите слуги што се болни од рак, за Твоите слуги што страдаат од мали или големи болести, за Твоите слуги што страдаат од физички слабости. Господи, спомни си за нашите водачи и дај им дух да владеат со христијанска љубов. Господи, спомни си за децата од проблематични семејства, за проблематичните семејства и за оние што се развеле. Господи, спомни си за сите сирачиња во светот, и за сите оние што страдаат и трпат неправди поради губиток на нивните сопружници. Господи, спомни си за сите затвореници, за сите анархисти, за сите наркомани, за сите убијци, за сите злосторници, за сите крадци. Просвети ги овие луѓе и помогни им да се поправат.

Господи, спомни си за сите бегалци, за сите оние што патуваат по море, на копно, во воздух, и заштити ги. Господи, спомни си за нашата Црква, за нашите отци и за верните во Црквата. Господи, спомни си за сите монашки заедници, машки и женски, за старците и стариците и за сите светогорски братства.

Господи, спомни си за Твоите слуги што се во војна, за Твоите слуги што се гонети по планини и по рамнини, за Твоите слуги што ги ловат како плен. Господи, спомни си за Твоите слуги што биле принудени да ги напуштат нивните домоби и работи, и што трпат. Господи, спомни си за сиромашните, бездомните и прогонетите.

Господи, спомни си за сите народи во светот. Чувај ги во Твојата прегратка и заштити ги со Твојот свет покров. Запази ги од секое зло и секаква војна. Чувај ја нашата возљубена Македонија (или името на татковината и/или земјата во којашто живееме) во Твојата прегратка дење и ноќе, и запази ја од секое зло и секаква војна.

Господи, спомни си за сите напуштени и онеправдани. Спомни си за сите семејства што низ искушенија минуваат. Подари им ја Твојата богата милост. Господи, спомни си за Твоите слуги што страдаат од некакви душевни и телесни проблеми.

Господи, спомни си за оние што очајуваат. Помогни им и мир подари им. Господи, спомни си за сите оние што нѐ замолиле да се молиме за нив. Господи, спомни си за сите од века упокоени и дарувај им вечен покој.

Извор: http://pravoslavie.mk.