23 април 2017
"Таинството на допирот на Тома"

Возљубени, Христос воскресна!

Празникот на Воскресението Христово, Пасха, е централен празник на целата црковна година и последен празник на Триoдот и Великиот пост, но и почеток на еден друг период што завршува со великиот празник на Педесетницата. Пасхата ја празнуваме и денес, како и низ целото време на Педесетницата, и секоја недела, којашто е посветена на Воскресението Христово.

Многу настани се случиле на првиот ден од Воскресението Христови, како и во деновите што следеле. Христос се појавил пред Своите ученици, кои биле соодветно подготвени да Го видат Воскреснатиот, и ова јавување придонело на нивното спасение.

На првиот ден, доцна вечерта, Воскреснатиот им се јавил на Своите ученици, а Тома бил отсутен. Следната недела, кога повторно им се јавил на учениците во горната одаја, Тома не отсуствувал. Апостолот сакал да го стави својот прст на раните од клинците, и својата рака на ребрата Христови, за да се увери во Воскресението Христово. Познато е дека клинците од Распетието создале рани на телото Христово, и дека копјето со кое бил прободен направило да потече крв и вода. Апостолот Тома мислел дека доколку ги види и допре крсните рани, ќе биде поуверен во воскресението на неговиот Учител.

Христос, појавувајќи се по осум дни, го повикал апостолот Тома да ги допре раните на Неговото тело. Ова е крајно смирение – осиромашување Христово, Кој прифаќа да биде допрен, и да ги задоволи сите свештени човечки желби само од љубов кон човекот. Затоа во еден црковен тропар се пее: „Радувај се, испитувачу!“ Со други зборови, Христос се радува кога ние ги испитуваме нештата. Штом апостол Тома Го видел Христос и ја чул Неговата покана да Го допре, тој извикал: „Господ мој и Бог мој!“ (сп. Јн. 20,19-29). Ова е негово исповедање на божјата природа Христова, додека Го гледал Воскреснатото Тело Христово.

Јовановото Евангелие не ни кажува дали апостолот Тома го допрел Воскреснатото Тело Христово, а само ја пренесува неговото исповедање.

Но, во црковните песнопенија е напишано дека апостолот Го исповедал Христа откако претходно ги допрел Неговите крсни рани. „Откако Те допре и виде, за Бог Те исповедаше, но не бесплотен, и Човек, но не прост“. Во еден друг тропар пишува дека апостолот Тома „допирајќи ги ребрата, богослови за Воплотениот“. Тој дознал дека Синот Божји пострадал по тело и Го проповедал Воскреснатиот Бог. Така, во православното богословие гледањето и допирањето на Бога се поврзани.

Во еден друг тропар е напишано дека Јован, кој се навали на градите Исусови, оттаму се воздигнал кон длабочините на богословието, додека Тома се удостоил со таинството на божествената икономија преку допир, односно, го познал таинството на Христовото воплотување во кое нѐ воведува. И повторно, во уште еден тропар е напишано дека Тома, допирајќи ги огнените ребра Христови, не бил изгорен од допирот, туку неверието на неговата душа се претворило во благоверие.

Желбата на апостолот Тома да ги види и допре раните на телото Христово не била неверство во денешното значење на тој збор, туку негова желба да се премине од вера преку слушање, во вера преку гледање. Тој не сакал само да слушне од другите ученици дека Христос воскреснал, туку сакал и самиот, со своите сетила, да го види и да се увери во Воскресението. Ова ни покажува дека животот во Црквата е искуство, духовна врска, допирање на Христа.

Црквата не е некаков апстрактен систем, туку севкупен живот. Христос не е идеја, туку Богочовек со воскреснато тело, кое зрачи со божествена светлина, и дека ние можеме да Го допреме. Црквата е Тело Христово, сочинета од Таинствата, изразена преку догмите и свештените канони, остварена во едно одредено црковно општество. Богословието на Црквата е искуствено, тоа е „Таинство на допирот“.

Ние заедничариме со Телото Христово; кога клириците литургисаат, тие Го држат тоа Тело во рацете. Ги целиваме Крстот, свештените мошти на светителите, свештените икони. И кога еден христијанин се моли со духовна сила, тој ја допира вечноста и учествува во Славата Божја.

Возљубени,

Воскреснатиот Христос не е само човек кој некогаш живеел, туку е Богочовек Кој е секогаш со нас. Воскресението Христово не е некој настан од минатото, туку тоа живее во црковниот живот. Ние не сме некои луѓе што теоретски веруваат во Бога, туку сме членови на Неговото воскреснато Тело. Христос нѐ повикува да Го допреме, и ние треба да одговориме на оваа покана. Тоа е „таинството на допирот“, таинството на божественото заедничарење.

За многу години! Христос воскресе!

Митрополит Јеротеј Влахос

Извор: Кумановско- осоговска епархија