HRISTOS.SVETLINA7

 

„Никој своеволно да не ве мами со смиреномудрост“ (Кол. 2,18), порачува Светиот Апостол Павле. Вистинското смиреноумие се состои во послушание и одење по Христа (Фил. 2,5-8).


Вистинското смиреноумие е духовен разум. Тоа е дар Божји; тоа е дејство на благодатта Божја во умот и срцето на човекот. Постои и промислено смиреноумие: него го измислува за себе суетната душа, опрелестената и измамената душа со лажни учења, душата којашто сама себе си ласка, душата што бара ласкање од светот, душата којашто целосно се стреми кон земно напредување и земни наслади, душата којашто заборавила на вечноста, на Бога.


Промисленото смиреноумие потекнува од сопственото вообразување, се состои од многу и разноврсни лукавства, со кои човечката гордост се напрега да ја фати славата на смиреноумието од заслепениот свет, свет кој го љуби своето, свет кој го велича порокот кога е прикриен со маската на доблеста, свет кој ја мрази доблеста кога таа ќе се покаже во неговиот поглед во својата света простота, во светата и непоколеблива покорност на Евангелието.Ништо не е толкав непријател на смирението Христово како што е своеволното смирение, кое го отфрлило јаремот на послушанието кон Христа и кое под покровот на лицемерното служење на Бога му служи на сатаната во светотатство.*Ако постојано гледаме на својот грев, ако се трудиме да го согледаме до најситни подробности, во себеси нема да најдеме никакви доблести, нема да најдеме ниту смиреноумие.Вистински смирениот се покрива со вистинска, света добродетел: така целомудрената девојка со покривало ја крие својата убавина, така и Светињата над Светињите со завеса се сокрива од погледот на народот.
Вистинското смиреноумие е евангелскиот карактер, евангелската нарав, евангелскиот начин на мислење.Вистинското смиреноумие е тајна Божја: тоа е недостапно за спознание со човечки постапки. Како највозвишена премудрост, тоа на телесниот разум се прикажува како лудост.Тајната на смирението, Господ Исус ја открива на Својот верен ученик, кој непрестајно седи покрај Неговите нозе и внимателно ги следи Неговите животворни зборови. И кога е откриена, таа пребива скриена: за земните зборови и јазик, таа е недостижна. За телесниот разум е неспознатлива: неспознатливо се спознава со духовниот разум, и, бивајќи спозната, пребива како неспозната. Смирението е небесно живеење на земјата. Благодатно, чудесно видение на величеството Божјо и небројните доброчинства Божји кон човекот, благодатно познавање на Искупителот, одење по Него со отфрлување на себеси, видение на бездната на погибелта во кој пропаднал човечкиот род – тоа се невидливите обележја на смирението, тоа се првите одаи на оваа духовна палата, која ја создал Богочовекот.
Смриението не се гледа себеси дека е смирено. Напротив, тоа во себеси гледа многу гордост. Тоа се труди затоа да ги пронајде сите гранки на таа гордост и, барајќи ги, гледа дека треба уште многу да бара.Преподобниот Макариј Египетски, кого Црквата го нарекла Велики заради извонредните негови доблести, а особено заради најдлабокото смирение, значаен и духоносен Отец, во своите возвишени, свети, таинствени беседи рекол дека и најчистиот и најсовршениот човек во себеси има нешто гордо (Беседа 7, гл. 4).Тој Божји угодник го достигнал највисокиот степен на христијанско совршенство; живеел во време во кое имало мноштво Светии, имал прилика да го види највеликиот меѓу светите монаси – Антониј Велики, и рекол дека не видел ниту еден човек кој во потполност и во права смисла на тие зборови може да биде наречен совршен (Беседа 8, гл. 5). Лажното смирение, пак, себеси се гледа смирено: на смешен и жалосен начин, тоа се теши со тоа видение, измамничко и погубно за душата.Сатаната зема на себеси облик на светлозрачен Ангел; неговите апостоли земаат облик на Христови Апостоли (Кор. 9, 13-15); неговото учење зема облик на Христовото учење; состојбите кои ги произведува неговата опрелестеност изгледаат како духовни, благодатни состојби; гордоста негова и суетата, и со нив предизвиканите самоизмамување и прелест, се прикажуваат како Христовото смирение.Ах! Каде се кријат од несреќниците преокупиран со фантазирања, жалосно задоволни со себе, со својата состојба на себеизмамување и исполнети со мисла дека ќе се наследуваат и во блаженство ќе пребиваат, каде се кријат од нив зборовите на Спасителот: „Блажени сте вие, што сега гладувате, блажени сте вие, кои сега плачете, и тешко вам, што сте сити сега, тешко вам што се смеете сега!“ (Лк. 6, 21-25).


Погледај повнимателно, погледај непристрасно на својата душа, возљубен брате!Не е ли за неа попримерно покајанието од насладата! Не е ли за неа попримерно да плаче на земјата, во таа долина на тагата, чие назначување е токму плачот, отколку да измислува за себе привремени, опрелестувачки, апсурдни, погубни наслади!Покајанието и плачот заради гревовите даваат вечно блаженство: тоа е познато, тоа е веродостојно, тоа е објавено од Господа. Зошто тогаш не би се задлабочил во таа свештена состојба, зошто не би пребивал во неа, а не да измислуваш наслади за себеси, со нив да се наситуваш, со нив да се задоволуваш, со нив во себе да ја гушиш блажената глад и жед за правдата Божја, блажената и спасоносната тага заради своите гревови и заради грешноста?!Гладтта и жедтта за правдата Божја се сведоци на сиромаштвото на духот; плачот е израз на смирението, негов глас. Немањето плач, заситеност со самиот себеси и насладување со својата умислена духовна состојба се обличие на гордоста на срцето.


Застраши се да не заради празната и прелестувачка наслада не наследиш неминлива жалост, која Бог им ја вети на оние, кои сега се презаситени во секое самозадоволство, спротивно од Божјата волја.
Суетата и нејзините деца – лажните духовни наслади, која делува во душата што не е пронижена со покајание – создаваат илузија на смирение. Со таа илузија душата го заменува вистинското смирение. Илузијата на вистината, исполнувајќи ги свештените одаи на душата, на самата Вистина и’ ги заградува сите влезови во таа одаја.


Леле, душо моја, од Бога создаден храму на вистината! Примајќи ја во себе илузијата на вистината, поклонувајќи се на лагата наместо на Вистината, стануваш пагански храм!
Во тој храм стои идолот: мнението на смирението. Мнението на смирението претставува најужасен вид на гордост. Гордоста тешко се изгонува дури и кога човекот е свесен дека станува збор за гордост; но, како да ја изгони кога таа му се прикажува како смирение? Во тој храм владее жалосната гнасост на опустошувањето! Во тој храм се чувствува темјанот на идолослужењето, се пеат песнопенија со кои се весели адот. Таму помислите и чувствата душевни пробуваат од забранетата храна на жртвувани идоли, се напиваат од вино помешано со смртоносен отров. На храмот пагански, обитувалиштето на идолите и секакви нечистотии, недостапна му е не само благодатта Божја, духовните дарови, туку и било каква вистинска доблест, било каква евангелска заповед.
Лажното смирение до тој степен го чини човекот заслепен, што го принудува не само да мисли за себе и на другите да им дава наговестувања дека е смирен, туку и отворено да говори за тоа, тоа громогласно да го проповеда (За угледувањето, кн. 3, гл. 2).


Сурово ни се потсмева лагата кога, бивајќи прелагани од неа, ја сметаме за вистина.
Благодатното смирение е невидливо, како што неговиот дародавец – Бог, е невидлив. Тоа е скриено со молчење, едноставност, искреност, неприсиленост, слобода.
Лажното смирение секогаш е проследено со вообразена надворешност: тоа јавно се покажува.
Лажното смирение сака сцени: со нив тоа ги измамува и другите и себеси. Христовото смирение е облечено во хитон и риза (Јн. 19.24), таа наједноставна облека: завиткано со таа облека, тоа останува непрепознатливо и незабележливо за луѓето.Смирението е залог во срцето, свештено, безимено својство на срцето, Божествена навика која незабележливо се раѓа во душата од исполнување на евангелските заповеди (Преподобен авва Доротеј, Поука 2).
Дејството на смирението може да се спореди со дејството на страста на среброљубието. Оној, којшто е заразен со слаба вера и љубов кон трулежното богатство, што повеќе го стекнува, станува се понезаситен и граблив. Колку повеќе се богатее, толку повеќе се прави себеси сиромашен и беден. Така и оној, којшто е воден од смирението, колку повеќе се богатее со доблеста и духовните дарови, станува се пооскуден и поништожен пред сопствениот поглед.


Тоа е природно. Кога човекот сеуште не вкусил од највозвишеното добро, тогаш неговото сопствено добро, осквернето со гревот, за него претставува вредност. А кога ќе почне да има удел во божественото, духовно добро, тогаш неговото сопствено добро, соединето и измешано со злото, за него нема никаква вредност.На сиромашниот му е драгоцена кесата со бакарни парички, кои долго ги собирал со труд и напор. Но, кога богатиот неочекувано на неговите гради ќе стави мноштво сребреници, тој со презир ќе ја отфрли кесата како бреме, кое му претставува само товар.Праведниот, многустрадален Јов, откако поднел тешки искушенија, се удостоил со Боговидение. Тогаш, во вдахната молитва, Му рекол на Бога: „Со ушите слушав за Тебе, а сега моето око Те гледа“. Каков плод поникнал во душата на праведникот од Боговидението? „Затоа се откажувам“, продолжува и ја завршува Јов својата молитва, „и се каам во прав и пепел“ (Јов 42, 5-6).Сакаш ли да го стекнеш смирението? Исполнувај ги евангелските заповеди: со нив во срцето твое ќе се вселува и негово својство ќе стане свештеното смирение, односно својството на Господ наш Исус Христос.Почеток на смирението е сиромаштвото на духот; неговата средина е растење во него, кое го надминува секој ум и го познава мирот Христов; крајот и неговото совршенство е љубовта Христова.


Смирението никогаш не се гневи, не им угодува на луѓето, не се оддава на тагата, од ништо не се плаши.
Може ли на тагата да и’ се предаде оној, кој однапред за себе спознал дека е достоен за секое страдање?
Може ли да се исплаши од неволјите оној, кој однапред себеси се осудил на страдање, кој на нив гледа како на стредство за своето спасение?
Угодниците Божји ги возљубиле зборовите на благоразумниот разбојник, кој беше распнат крај Господа. Тие, во своите страдања, навикнале да велат: Примаме според своите дела како што сме заслужиле; сети се на нас, Господи, кога ќе дојдеш во Царството Твое (Лк. 33, 41-42; 27, 34). Секое страдање тие го дочекуваат со признание дека и го заслужиле (Преподобен авва Доротеј, Поука 2).


Свештениот мир влегува во нивните срца со смирени зборови! Тој принесува чаша на духовна утеха и на болниот на одарот, и на робот во затвор, и на оној што луѓето го прогонуваат, и на оној што е гонет од демоните.
Раката на смирението принесува чаша на утеха и на оној кој е распнат на крстот; светот, пак, може да му донесе единствено оцет, помешан со жолчка (Мт. 27, 34).Смирениот човек не е способен да негува во себеси злоба и омраза, тој нема непријатели. Ако некој од луѓето го навредува, во тој човек он гледа оружје на праведниот суд или Божја промисла.Исполнетиот човек со смирение целосно се предава на Божјата волја. Тој не живее со својот сопствен живот, туку со Бога.На смирениот му е туѓо секое надевање на себеси, затоа тој непрестајно ја бара Божјата помош и непрестајно пребива во молитвата.Плодоносната гранка се приклонува кон земјата поради товарот на своите многубројни плодови. Бесплодната, пак, гранка – расте нагоре, умножувајќи ги своите бесплодни изданки.Душата богата со евангелски доблести се задлабочува во смирението се’ подлабоко и подлабоко, и во длабочините на тоа море наоѓа многуценни бисери – дарови на Духот.
Гордоста е сигурен знак на човечката празнина, робување на страстите, знак на душата во која учењето Христово не нашло никакво пристап.Немој да судите за човекот според неговата надворешност; немој да заклучувате за него дека е горд или смирен. „Не судите според изгледот“; „по нивните плодови ќе ги познаете“ (Јн. 7, 24; Мт. 7, 16). Господ заповедал луѓето да се познаваат по тоа што го прават, по нивното однесувавње, по последиците што произлегуваат од она што го прават.„Ја знам гордоста твоја и злобата на срцето твое“ (1. Цар. 17, 21), му говореше на Давид неговиот ближен; но, Бог посведочи за Давида: „Го најдов Мојот слуга Давида; со својот свет елеј го помазав“ (Пс. 88,20). Човекот не гледа онака како што гледа Бог: бидејќи човекот гледа по лице, а Бог по срце (1. Цар. 16, 7).Заслепените судии честопати смирениот го сметаат за лицемер и низок човекоугодник, тој е бездна на суетата.Спротивно од тоа, тие незнајковци кои судат, за горд го сметаат оној којшто не бара пофалби и човечки награди, и кој затоа не ползи пред нив, додека тој е вистински слуга Божји; тој ја почувствувал славата Божја, која само на смирените им се открива, ја почувствувал човечката слава, и се одвратил од неа и со очите и со сетилото за мирис на својата душата.„Што значи да се верува?“ – го прашале еден голем угодник Божји. Тој одговори и рече: „Да се верува значи да се пребива во смирение и милост“ (Алфабетски патерик. За авва Пимен Велики).Смирението се надева на Бога, не полага надежи на себе и на луѓето, и затоа во своето однесување е едноставно, непосредно, непоколебливо, величенствено. Заслепените синови на светот тоа го нарекуваат гордост. Смирението не ги цени земните богатства, не удостојувајќи ја трулежноста и пустотата ниту со внимание ниту со поглед. Свештената рамнодушност кон трулежноста и пустошот на синовите на трулежноста, слугите на пустошот, ја нарекуваат гордост.

Постои свештено поклонение од смирение, од уважување кон ближниот, од уважување на ликот Божји, од уважување на Христа во својот ближен; а постои и порочно, користољубиво, човекоугодничко и воедно човекомразачко, богопротивно и богоомразно поклонение: сатаната Го молел Богочовекот да му воздаде вакво поклонение, нудејќи му ги за тоа сите царства во светот и нивната слава (Лк. 4, 7).Колкумина ги има и денеска такви што вознесуваат вакво поклонение за да стекнат земни поседи! Тие, кои им се поклонуваат на ваквите, го фалат нивното смирение.Биди внимателен и набљудувај: дали оној, којшто ти се поклонува, го прави тоа од почит кон човекот, од чувство на љубов и смирение, или неговото поклонување само ја потхранува твојата гордост, изнудувајќи од тебе некаква привремена корист?Погледај, земен благороднику, како пред тебе ползат со суета, ласкање, подлост! Штом ќе ја достигнат својата цел, тие ќе ти се потсмеваат и ќе те предадат во прва прилика. Својата милост никогаш немој да ја изливаш на суетата на човекот, бидејќи таков, колку што е низок пред оној што е над него, толку е арогантен, дрзок, нечовечен кон оние пониско од себе (Лествица, Слово 22, гл. 22). Суетниот човек ќе го познаеш по неговата особена способност на ласкање, услужливост, лажење, подготвеност на се’ што е подло и ниско.Пилата го навредило Христовото молчење, кое му се присторило гордо. „Зарем мене не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распам и имам власт да Те пуштам?“ (Јн. 19,10). Своето молчење Господ го објаснил со јавувањето на волјата Божја, на која Пилат бил слепо орудие, иако мислел дека неговото делување е независно. Заради својата гордост, Пилат не бил способен да разбере дека пред него стои сесовршено смирение – очовечениот Бог.Возвишената душа, душата исполнета со небесна надеж, со презир кон трулежните добра од овој свет, не е способна за ситно угодување на луѓето и клањање на нив. Таквата душа погрешно ја нарекуваш горда, затоа што таа не им удоволува на барањата на страстите твои.

Амане, почитувај ја благословената, богоугодна гордост на Мардохеј! Тоа што во очите твои е гордост, всушност е свето смирение (Кн. Естир, гл. 4-7). Аман, македонец, беше љубимец и прв великодостојник на Артексеркс, царот персиски. Мардохеј, јудеец, бил еден од царските слуги, но, бидејќи бил длабоко пронижен со благочестивост, не допуштал на себеси угодување на луѓе, па не ползел пред оној, којшто само привремено владее. Таквотото Мардохеево однесување го предизвика Амановиот бес, и он подготви висока бесилка, за на неа да го погуби омразениот му човек што се издвојувал од сеопштото поклонение. Но, поради непостојаноста на делата земни, околностите се смениле и Аман бил обесен на бесилката која своевремено ја подготвил за Мардохеја.Смирението е евангелско учење, евангелска доблест, таинствена Христова сила. Бог им се јави на луѓето облекувајќи се во смирение, и оној од луѓето што ќе се облече во смирение, станува сличен на Бога (Св. Исаак Сиријски, Слово 33).„Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, го земе крстот свој и тргне по Мене“ (Мт. 16,24), објавува светото Смирение. Подруго не е можно да се биде ученик и следбеник на Оној, Кој се смирил до смрт, до смрт на крст. Он седнал од десната страна на Отецот; Он е новиот Адам, Родоначалник на светото племе на избрани. Верата во Него впишува меѓу избраните; избраноста се прима преку светото смирение и бива запечатена со светата љубов. Амин.


 * Светотатство – крадење на свештени предмети. Во случајов, крадење на доблести, односно лицемерно глумење на добродетелна личност. 

Извор:О ИСТИНСКОМ И ЛАЖНОМ СМИРЕНОУМЉУО

ИСТИННОМ И ЛОЖНОМ СМИРЕННОМУДРИИ

Преземено од: Маран Ата