Gerondas_aimilianos_.jpg

Архимандрит Емилијан Симонопетриски

✤✣✤

Догмите во нашиот живот

(VI дел)

✤✣✤

Догмите ни помагаат во уште една работа. Кога имаме иста догма, иста вера, имаме и една мудрост, сопатништво кон „една иста нарав“, како што вели Св. Игнатиј Богоносец. Ако искуствено не ја знаеме својата теологија, секој од нас верува на поинаков начин, па немаме една иста нарав, не живееме на ист начин и затоа не чувствуваме меѓусебно единство. Кога сите имаме иста догма, во Црквата постои длабоко и внатрешно единство. Поради тоа, Црквата ги одлачувала од своето тело оние кои се противеле на вистинската вера (на вистинските догми). Тоа е највозвишена љубов. Значи, единството е резултат на догмите. И уште, догмата раководи со животот на Светиите, бидејќи Светиите живееле според догмите на Црквата. Ако не ги знаеме догмите не ќе можеме да ги разбереме Светиите и да се угледаме на нив. Исто така проучувајќи го нивниот живот, дејствително и сумирано ги учиме догмите на нашата Црква. Животот на Светите е всушност применета догматика, еден лесен прирачник, кој нѐ учи на тајните на небото и земјата така што, имајќи го истото расудување, истата вера како и Светиите, стануваме „сограѓани на Светиите и домашни на Бога“.

Исто се случува и со нашето богопочитување, кое е пројава на догмите. Ако обратиме внимание на богослуженијата, а особено на богослужбите за време на Господовите и Богородичните празници, и на неделните богослужби, ќе откриеме дека тие ги анализираат и прославуваат догмите на Црквата. На тој начин се обезбедува внатрешното единство на стадото на Црквата. Црквата, бидејќи е една, е своевиден брод, лаѓа која ни нуди пријатна и сигурна пловидба. Кога немаме една иста нарав, една вера во истата догма, ние создаваме некое свое учење, производ на нашиот ум, и градиме некој свој свет, некое дасче, или ако сакате, некој сплав на кој мислиме дека ќе можеме да се потпреме и да не се удавиме во брановите на животот и гревот.

Верувам дека се сеќавате на седумте Свети Макавеи кои пострадале за догмите Божји. Бил жртвуван нивниот учител Елеазар, бил жртвуван првиот брат, потоа вториот. После тоа тиранинот го повикал третиот и му рекол: „Сожали се на својот живот и јади (од жртвата идолска)“. А тој му одговорил: „Значи вам не ви е познато дека мене ме родиле истиот татко и мајка што ги родиле и моите браќа?“ Зарем не сфаќате дека и моите браќа кои го положија својот живот се воспитани во истите догми во коишто сум воспитан и јас? „Нема да се откажам од благородното сродство со браќата“ Не вели не се откажувам од своите догми, туку вели: „Не се откажувам од семејното достоинство, не се одделувам од најблагородното, најсуптилно братство што го создале мојот татко и мајка“. И станал маченик.

Навистина, нас сите во животот во Христа нѐ родил ист Татко Бог, и иста мајка Црквата, и затоа бидејќи Бог е нашето битие, нашата суштина, ние го претставуваме најблагородното братство, најбожественото сродство. И би рекле дека и нашиот призив е истото она што Светите Маченици го правеле за догмите.

Значи, нѐ родил Бог и ние сме икона Негова. А сите Светии, живи и упокоени, ангелите и полнотата на Света Троица се нашето најблагородно семејство, бидејќи сме членови Христови. Кога имаме вера и живот во согласност со догмите, не постои миг во кој секој од нас не е во заедница со Отецот, и Синот и Духот Свет. Доколку, имајќи ги вистинските дела, ја сфатиме догмата за единството на Црквата, душата наша „целата ќе стане око“, како што вели Св. Макариј. Ќе стекнеме такви духовни очи, таков ум, такво чувство, такво сфаќање, таква совест, такви духовни искуства, што ќе видиме дека никогаш не сме сами, туку целата Црква е таму каде што сум јас. Живеејќи во согласност со догмите стекнуваме непосредно искуство на Божеството, потполна и доживеано - искуствена љубов Божја – Бог нѐ прави богови по благодат. Тогаш можам да кажам дека „Христос живее во мене“. Поради тоа Св. Силуан Светогорец велеше: „Едно е да веруваш во Бога, а друго е да Го познаваш Бога“.

Продолжува

Извор: Бигорски манастир

 

Друго:

Архимандрит Емилијан Симонопетриски - Догмите во нашиот живот

Архимандрит Емилијан Симонопетриски - Догмите во нашиот живот (V дел)