Gerondas_aimilianos_.jpg

Архимандрит Емилијан Симонопетриски

✤✣✤

Догмите во нашиот живот

(V дел)

✤✣✤

Уште еден пример. Грешам. Како ќе го препознаам својот грев, ако не ја знам догмата за падот човечки и Крстот Христов, со кој се укина смртта што настана од гревот? Ако не ја знам догмата за Крштението, за нашето погребение со Христа? Како да ја сфатам смртта на своето дете, или на мајка ми, ако не ја знам догмата за воскресението од мртвите, тоа дека „го чекам воскресението од мртвите?“ Како ќе можам да го живеам животот со сите негови проблеми, ако не знам дека хоризонт на овој живот е Царството Небесно? Сѐ е поврзано со догмата, бидејќи сѐ е поврзано со Бога. Како ќе можам да имам надеж во иднината и радост во својот живот, ако не ја знам догмата за овоплотувањето Христово, од кое можам да црпам надеж и радост? Како ќе можам да не се расејувам, туку да Го имам Единиот Бог, ако не ја знам богословската догма за единството Божјо? Како ќе се погрижам за својата душа, ако не знам дека таа постои, ако не знам кога се родила во мене, како се родила, како постои? Дали во телото, во срцето, во утробата? И тоа дека се обожува, бидејќи е храм Божји? Тоа е исто како да имаш некаква алатка, која никогаш не си ја зел во раце и не знаеш како таа работи, па наеднаш ти станува неопходна, но не функционира, бидејќи не си се запознал со неа. Така е и во животот.

Како, значи, да сфатам дека Единиот Бог доаѓа и се соединува со мене и јас се обожувам, кога ќе сфатам дека неизменливиот Бог преминува во мојата личност и јас, не поминувајќи го она што сум, се простирам во Божеството по благодат, по промисла, по Божјо снисходење – бивајќи некој кој Го носи Бога. Како што сонцето и облаците, серафимите и херувимите Го носат Бога, така и јас бивам некој кој Го носи Господа. Како да го протолкувам својот живот ако не ја знам догмата за создавањето на човекот по образот Божји?

Уште еден пример. Станувам монах. Каков монах ќе бидам, ако не ја знам догмата на Црквата за таинствените бракови на Откровението, за Светиот Дух Кој ги зема подвижниците и ги претвора во живот небесен? Колку и да се трудам во манастирот, нема да успеам, бидејќи и јас сум слаб како оној крадец, или оној разбојник и прељубодеец. Сите ние сме во еден ист лонец, сите сме скршени садови. Гревот нѐ направил безумни, нѐ откинал и разглобил. Како значи, ако не ги знам догмите, ќе ја сочувам неизвалкана „облеката на спасението“ што сум ја добил? Нема потреба да одиме понатаму, мили мои. Исто се случува и со нашата работа, и со сѐ она што секојдневно го гледаме и го правиме. Поради таа причина треба да знаеме дека животот, и што е поважно духовниот живот, не е ова или она, не се типови и облици – догмите на Црквата се живот. Св. Макариј многу убаво вели: „Преобразбата на Христијаните не се случува во надворешните облици и начини“. Благочестивоста, љубовта, скрушеноста, мирот, кроткоста, смерноста, почитувањето, сите доблести, сите елементи на христијанскиот живот, не се надворешни начини и облици, туку произлегуваат од догмата. Нашите добродетели се божествени дарови. Бог ни ги дава. Ние само знаеме да грешиме. Само да плачеме, само да бараме. Бог знае да дава.

Токму затоа да го пренесеме во својот живот она што преподобните Отци го кажуваат за монашкото устројство на животот, кое е двострано: согледување (теорија) и дело (пракса). Што во монашкиот живот е согледувањето (теоријата?) Можно е некој да биде потстрижен за монах, а да се занимава, грижи и вознемирува за многу работи. Но како во тој случај да Го најде Бога? Во грижите Го нема Бога. Бог пребива и се пронаоѓа во тишината, во бдеењето, во постот, во молитвата, во очекувањето на Духот. Го очекуваме Бога како петте девојки (од Евангелието), кои заедно со Него влегле во брачните одаи. Што претставува значи согледувањето? Согледувањето (теоријата) е знаење, непрестајно задлабочување во знаењето, наслушкување, слух, следење на Бога, гледање на Бога, стоење пред лицето Божјо и бивање гледан од Господа. Стојам и чекам за Бог во секој миг да може да ме сретне. Бидејќи, ако сум зафатен со други работи, не ќе сфатам дека Он поминува пред мене, и дека ќе си замине. Што е делувањето (праксата)? Мојот секојдневен живот. Работата што ја вршам, мојата секојдневна молитва, Трисветото, останатите молитви, постот и воопшто сѐ што правиме. Согледувањето (теоријата) и делувањето (праксата), секако, имаат и посуптилни нијанси, но за нив нема да зборуваме сега.

Согледувањето (теоријата) и делувањето (праксата) во нашиот живот претставуваат догма и живот. Св. Григориј Богослов многу убаво вели: „Едното со помошта на другото напредува“. Ако сакаш да имаш согледување (теорија), треба да имаш и делување (пракса). Тоа значи дека ако сакаш да ги сфатиш догмите, Кој е Бог, како ни приоѓа, како нѐ љуби, тоа дека Он е и Троица, а истовремено и Еден Бог – сите овие се тешки прашања – треба да имаш и делување: значи твојот духовен став и твоето настроение да станат твое секојдневно дело.

Така, догмите ги разбираме тогаш кога имаме христољубив живот. А кога ги знаеме догмите, можеме да Го зарадуваме Бога со својот живот. Св. Григориј понатаму вели: „Бидејќи согледувањето (теоријата) го имаме како сопатник на тамошното“. Согледувањето (теорија), односно догмите, станува наш сопатник, наш другар во напредувањето кон небото. Што правиме во својот секојдневен живот? Со секој ден кој минува се намалуваат и годините на нашиот живот, се приближуваме кон смртта, одиме кон небото. Согледувањето (теоријата), догмата, ни дава на знаење дека ќе живееме на небото и нѐ следи до небото. И продолжува: „Делувањето е потврда на согледувањето“, што значи дека кога како делување го имаш животот по добродетели, догмите се развиваат, твојот ум се просветлува, срцето се отвора и ги сфаќаш дури и најголемите тајни на нашата Црква. Нашата Црква, како што вели Св. Василиј Велики, е вистинско богатство на „догми и проповеди“, ризница која во себе ги крие непоимливите догми, но и догмите за секојдневниот живот што ги проповеда.

Продолжува

Извор. Бигорски манастир