прот. Александар Шмеман

„ОСВЕН СО МОЛИТВА И СО ПОСТ“
svestenik.karpa.jpgНе може да има Велики Пост без постење. Па сепак, се чини дека денес голем број луѓе на постот му пристапуваат или несериозно, или, пак, погрешно го разбираат неговото вистинско духовно значење. За некои, постот се состои во символично лишување од нешто. За други, тоа е совесно придржување до правилата на постот, односно користење на посна храна. И во едниот и во другиот случај постот ретко се поврзува со комплетниот подвиг којшто го бара Великиот Пост. Затоа тука, како и во другите случаи, треба прво да се погрижиме да го разбереме учењето на Црквата за постот, па тогаш да се запрашаме: како можеме да го примениме тоа учење на сопствениот живот?


Постењето или воздржувањето од земање храна не е исклучиво христијанска практика. Тоа постоело и сè уште постои и во другите религии, па дури и надвор од религиите, на пример, во некои специфични терапии. Денес луѓето постат (или се воздржуваат) поради најразлични причини, вклучувајќи ги дури и политичките. Затоа е важно да ја разбереме христијанската содржина на постот. Таа ни е откриена, пред сè, преку внатрешната поврзаност меѓу два настана за коишто е раскажано во Библијата: за едниот – во почетокот на Стариот Завет, а за вториот – на почетокот на Новиот Завет. Првиот настан: Адам го „прекинал постот“ во рајот јадејќи од забранетиот плод – така ни е откриен првородниот грев. Христос, Новиот Адам – а тоа е вториот настан – го започнува своето служење со пост. Адам бил искушуван, и тој му подлегнал на искушението. Христос бил искушуван и го победил искушението. Резултатот на грешката на Адам е изгонувањето од рајот во смрт. Плодот на Христовата победа е уништувањето на смртта и нашето враќање во рајот. Нема да се впуштаме во детално обаснување на значењето на овој паралелизам. Но, од кажаното е јасно дека постот ни е откриен како нешто одлучувачко, решавачко. Постот не е проста „обврска“, обичај. Тој е поврзан со тајната на животот и на смртта, на спасението и на погибелта.   


Според православното учење, гревот не е само прекршување на одредено правило, поради што некој мора да биде казнет. Тој секогаш претставува осакатување на животот којшто ни го дал Бог. Од таа причина, расказот за првородниот грев ни е презентиран како акт на земање храна. Зашто, храната е средство за живот; таа нè одржува живи. Но, во тоа и лежи прашањето: Што значи да се биде жив, а што значи „живот“? За нас, денес, овие термини имаат превасходно биолошко значење: животот е она што во целост зависи од храната, односно, повоопштено, она што зависи од физичкиот свет. Но, според Светото Писмо и христијанското Предание, овој живот „само од леб“ е идентификуван со смртта, зашто е смртен живот, зашто смртта е принцип кој постојано дејствува во него. Кажано ни е дека Бог не ја создал смртта. Тој е дародавецот на животот. Како, тогаш, животот станал смртен? Зошто смртта, и само смртта – е единствениот апсолутен услов на сè што постои? Црквата одговара: Затоа што човекот го одбил животот онаков каков што му го понудил и му го дал Бог, и повеќе го сакал животот кој не зависел само од Бог, туку „само од леб“. Човекот не станал само непослушен спрема Бога, поради што бил казнет. Тој го сменил односот помеѓу себе и светот. Вистина е дека Бог му го дал светот за „храна“ – како средство за живот; меѓутоа, тој живот бил предвиден да биде заедничарење со Бога. Во Него тој живот не само што го имал својот крај, туку ја имал и својата целосна содржина. „Во него имаше Живот, и Животот им беше светлина на луѓето“ (Јован 1:4). Светот и храната биле создадени како средство за заедничарење со Бога, и само ако биле примани заради Бога, тие можеле да даваат живот. Сама по себе, храната не е живот и не може да даде живот. Само Бог има живот и е Живот. Принципот на животот во самата храна бил Бог, а не калориите. Тоа била една и иста работа – да се јаде, да се биде жив, да се познава Бог и да се биде со Него во заедничарење. Фаталната трагедија на Адам е што тој јадел заради самото јадење. Згора на тоа, тој јадел „без“ Бога, за да биде независен од Него. Макар и да го правел тоа, го правел зашто верувал дека Животот е во храната и дека, учествувајќи во таа храна, може да биде како Бог, т.е., да има Живот во себе. Упростено кажано, тој верувал во храната, додека, пак, единствениот предмет на верата, на верувањето и на зависноста е – Бог и само Бог. Светот, храната, станале човекови богови, извори и принципи на неговиот живот. Тој станал нивен роб. Адам – не хебрејски – значи „човек“. Тоа е мое име, наше заедничко име. Човекот сè уште е Адам, сè уште е роб на „храната“. Тој може да тврди дека верува во Бога, но Бог не е негов живот, негова храна, сеопфатна содржина на неговото постоење. Тој може да тврди дека го прима својот живот од Бога, но тој не живее заради Бога и во Бога. Неговото знаење, искуство, самосвеста исто така се изградени на тој принцип: „само од леб“. Ние јадеме за да бидеме живи, но ние не сме живи во Бога. Ова е гревот на сите гревови. Тоа е пресудата на смрт, донесена против нашиот живот.


Христос е новиот Адам. Тој доаѓа да ја надомести загубата којашто Адам му ја нанел на животот, доаѓа да го врати човекот во вистинскиот живот, и Тој, исто така, започнува со пост. „И како постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне“ (Матеј 4:2). Гладта е состојба во која стануваме свесни за нашата зависност од нешто друго – кога итно и неодложно имаме потреба за храна – покажувајќи така дека немаме живот во себе. Тоа е границата зад која или умираме од глад, или, откако сме го задоволиле своето тело, повторно имаме впечаток дека сме живи. Тоа, со други зборови, е време кога сме соочени со конечното прашање: од што зависи мојот живот? Бидејќи прашањето не е академско, туку го чувствуваме во целото тело, тоа, исто така, е и време на искушување. Сатаната дошол кај Адама во рајот, тој дошол и кај Христос во пустината. Тој дошол кај двајца гладни луѓе и им рекол: јадете, зашто вашиот глад е доказ дека потполно зависите од храната, дека вашиот живот се содржи во храната. И Адам поверувал и јадел, но Христос го одбил ова искушение и рекол: „Не само од леб ќе живее човекот, а и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (Матеј 4:4). Тој одбил да ја прифати космичката лага, којашто Сатаната му ја наметнал на светот, правејќи ја таа лага очигледна вистина за која веќе не се расправа, основа на севкупниот светоглед, на науката, на медицината, па, можеби, дури и на религијата. Постапувајќи така, Христос воспоставил однос меѓу храната, животот и Бога, однос којшто Адам го прекинал и којшто ние сè уште го прекинуваме секој ден.


Според тоа, што е постот за христијаните? Тоа е наше влегување во искуството на постот на самиот Христос, со кој Тој нè ослободил од апсолутната зависност од храната, материјата и светот. Нашето ослободување во ниту еден случај не е целосно. Ние сè уште живееме во паднатиот свет, во светот на Стариот Адам и, претставувајќи дел од него, ние сè уште зависиме од храната. Но, исто како што нашата смрт – низ која сè уште мора да минеме – станува, преку силата на Христовата Смрт, премин во живот, исто така и храната којашто ја јадеме и животот којшто таа храна го поддржува, може да бидат живот во Бога и за Бога. Дел од нашата храна веќе станала „храна на бесмртноста“ – Тело и Крв на самиот Христос. Но, и секојдневниот, „насушниот“ леб, којшто го примаме од Бога, може да биде, во овој живот и во овој свет, она што го зацврстува нашето заедничарење со Бога, а не она што нè одвојува од Бога. Но, само постот може да ја оствари оваа преобразба, давајќи ни суштински доказ дека нашата зависност од храната и од материјата не е тотална, не е апсолутна и дека постот, соединет со молитвата и со благодатта и со служењето на Бога, станува духовен пост.


Сето ова, длабоко разбрано, значи дека постот е единствено средство со кое се воспоставува човековата вистинска природа. Тоа не е теориски, туку практичен и реален предизвик на големиот Лажго кој успеал да нè убеди дека ние зависиме единствено од лебот, и којшто севкупното човеково знаење, науката и егзистенцијата ја изградил врз таа лага. Постот ја разобличува таа лага. Мошне е значајно дека Христос се сретнал со Сатаната во времето кога постел, и дека подоцна рекол оти Сатаната може да биде совладан единствено „со пост и со молитва“. Постот е вистинската борба против ѓаволот, зашто тоа е предизвик на оној сеопфатен закон кој од него направил „кнез на овој свет“. Затоа, ако човек е гладен, но разбира дека навистина може да биде независен од тој глад, дека нема да загине од него, туку дека може да го преобрази во извор на духовна сила и победа, тогаш ништо нема да остане од онаа голема лага во којашто живееме уште од Адама. 

Подготви: д-р Драган Михајловиќ