Репликите на царските двери - уметничко дело


Стручно-експертскиот тим на студиото "Матео - Дизајн" имал исклучително тешка задача при изработката на царските двери бидејќи за нивниот автентичен изглед единствено сведоштво е фотографијата на Благоја Дрнков, што ја направил пред црквата да биде запалена


Црквата "Пресвета Богородица" викендов ги доби трите влезни мермерни портали, а почна и монтажата на царските двери од ореово дрво. Уредувањето на ентериерот е во полн ек и треба да заврши до средината на неделава, за да биде готова на 31 јануари, на денот на големиот христијански празник Свети Атанасиј. За тогаш е закажано осветувањето.

Возобновувањето на верскиот храм посветен на заштитничката на Скопје, Света Богородица, почна пред повеќе од три години на иницијатива и со донација на скопскиот градоначалник Трифун Костовски. На негово барање целиот проект на црквата е автентичен со црквата која во 1830 година ја изградил познатиот неимар Андреј Дамајнов. И новите портали се верни на оргиналот. Направени се од прилепски мермер "сивец" со масивни елементи, со богата релјефна орнаментика, особено на главниот влезен портал. Тој е грандиозен со димензии 3,5х4,5 метри. Споредните се со помала димензија, но исто толку прецизно изработени.

Стручно-експертскиот тим на студиото "Матео - Дизајн" имал исклучително тешка задача при изработката на царските двери, бидејќи за нивниот автентичен изглед единствено сведоштво е фотографијата на Благоја Дрнков, што ја направил пред да биде запалена црквата.

- Не знам за друг случај во Македонија од фотографија да било изработено автентично дело на нашите стари мајстори. Мене и на тимот инженери, компјутерски дизајнери и резбари конзерватори ни успеа бидејќи претходно веќе имавме неколку успешни реализации на други тридмензионални релјефни скулптури. Работата на возобновувањето на црквата и тоа на две различни компликувани позиции е голем предизвик за нас, покрај другото, и заради димензијата на историчност што треба да ја негуваме во обезбедувањето на нашиот континуитет.

Во конкретниов случај беше неопходно да се оспосободиме за прецизен и висок степен на обработка на материјалите до уметничко совршенство. Тоа досега го имаше само во високоразвиените земји. Среќен сум и задоволен што од сега тоа е можно и кај нас, вели Мартин Клинчаров, директор на "Матео-Дизајн". За постигнување на прецизна автентичност, додава тој, за првпат во државава е применет компјутерски арт-софтвер за 3Д моделирање, а обработката е вршена со компјутеризирана машина за обработка на мермер, гранит, дрво, стакло, порцелан, ќерамика и др., единствена од таков вид во државава. Импозантните олтарни двери се направени од висококвалитетно ореово дрво и во секоја од нив на плитка, ажурна и поткопана резба се прикажани повеќе од сто елементи на човечки мотиви, флора и фауна, што претставуваат повеќебиблиски сцени.
За возобновување на црквата "Пресвета Богородица", која за време на Втората светска војна беше осквернавена и урната, ктиторот Трифун Костовски донираше 1,2 милиони евра.

Елизабета АРСОВСКА
Фото: Ѓ.ЛИЧОВСКИ