Глобална студија на „Галуп интернешенел"

Македонците најрелигиозни во Европа, четврти во светот


Македонските граѓани се најрелигиозни во Европа, покажува глобалната студија „Религиозност и атеизам" на „Галуп интернешенел". Според истражувањето спроведено во ноември и декември лани на околу 52 илјади лица во 57 земји во светот, 90 отсто од анкетираните Македонци одговориле дека се религиозни.
Ова сознание ги радува свештените лица од сите конфесии, кои самите потврдуваат  дека бројот на верниците е во постојан подем.
- Искуство што го добивам од терен во мојата парохија го покажува истото, дека бројот на луѓето кои веруваат во бога е голем. Ретко која куќа е затворена за светење вода пред празник. На пример, само 5-6 од 200 христијански куќи одбиваат да им се извршат верските обреди дома, вели протојереј Лупчо Велјановски од црквата Свети Петар и Павле во Ѓорче Петров. Сепак, тој е воздржан кога е во прашање редовната посета на верските храмови. Истото го потврдуваат и свештениците од ИВЗ, според кои и во муслиманската конфесија одењето во џамија најчесто се прави само за време на празници или како во овој месец кога траат рамазанските пости.
- Таа контрадикторност ја има во сите религии, па сепак радува фактот што последниве години се зголемува бројот на младите кои почнуваат редовно да доаѓаат на литургија, додава протојереј Велјановски. 
Учесниците во истражувањето одговарале на исто прашање: „Без оглед на тоа дали одите на места за богослужба или не, дали за себе сметате дека сте религиозна, нерелигиозна личност или сте убеден атеист". 
Втори по религиозност во Европа се Романците (89%), Молдавците (83%), Полјаците (81%), Србите (77%) и Италијанците (73%), па следат Украинците, Литванците, жителите на БиХ и на крај Белгијците со 59%.
На светско ниво сме на четвртото место. Најрелигиозни се граѓаните на Гана, Нигерија, Ерменија и Фиџи.
Најмалку религиозни, пак, се Кинезите, Јапонците и Чесите. Како атеисти се изјасниле 47 проценти од анкетираните кинески граѓани, 31 отсто од Јапонците и 30 проценти од Чесите. Во Македонија само еден отсто од испитаниците кажале дека се атеисти.

(Е.А.) Вечер