vozdvizenie.jpg

АРХИМАНДРИТ ЈОВАН КРЕСТЈАНКИН

ДА ГИ ОЖИВЕЕМЕ СРЦАТА ПОРАДИ БОГ!

БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА ПРЕД БОЖИЌ, ВО НЕДЕЛАТА НА СВЕТИТЕ ОТЦИ


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!  Драги мои пријатели, ќе поминат само неколку денови, па ќе видиме како нашето секојдневие го преобразува светлоста на големиот празник, Рождество Христово. Црквата ќе објави дека со Христовото раѓање на светот му се јавила светлоста на разумот. Времето и вечноста, Богот и човекот, се соедниле на денот на Рождеството Христово во единствен животен тек заради човековото спасение.
Овој ден е толку голем така што светата Црква со четириесет дневниот пост и петдневното претпразнување одредила долготрајна припрема за него. Пет дена пред овој празник, црковните химни веќе се проникнати со претчувство за претстојното празнично ликување.
Овој ден е толку голем затоа што во него се исполнило најголемото Божјо ветување дадено на луѓето за идниот Спасител на светот. Во претпразничните денови се спомнува се што претходело на големиот настан на јавувањето на Бог во тело и на земјата.
Човештвото уште од времето на Адам се подготвувало за раѓањето на Спасителот. Добивајќи казна во рајот заради престапот, човештвото воплотено во Адам добило ветување за големиот настан кој еден ден ќе се случи, кога семето од жена ќе ја уништи главата на змијата, а човекот повторно ќе го пронајде изгубениот рај.

Во двете последни претпразнични недели светата Црква молитвено ги спомнува светите праотци и отци-праведниците на Стариот Завет, кои што добивајќи ветување за Искупувачот кој што доаѓа, трпеливо, трудољубиво и непрестајно Му доаѓале во пресрет, станувајќи соучесници во големото дело на спасувањето на светот. Не залудно денес во Светото Евангелие се наброени оние имиња кои што го прават родословот на Спасителот на светот-Христос. Апостолската посланица ни ја разоткри основата на нивниот богоугоден живот-подвигот на верата.
Според зборовите на апостолите, нема да имаме време да ги наведеме сите големи дела на верата кои што ја родиле и кои што ја негувале единствената Пресвета Дева Мајка, Која во Себе го примила Несместивиот Бог Христос.
Драги мои пријатели, нам денес не ни е важно само да го ислушаме списокот на имиња кои што се слушнале во Светото Евангелие, туку зад секое име да го видиме животот на човекот со неговите доблести и подвизи, поради кое е удостоен со непропадлива слава и влегол во историјата на светот како добар работник. Само доколку така тоа го доживееме, ќе ни стане очигледно дека големината на човечкиот живот се одредува  со мерата колку ја извршува Божјата воља.

Светот величаше многу имиња, но помина време и „го снема сеќавањето на нив“. Некои имиња целосно исчезнале од сеќавањата, како никогаш и да не биле, а други, кои што некогаш биле големи, Бог денес ги дава како пример на голем и длабок пад. Меѓутоа некои имиња, кои што биле заборавени, а понекогаш и исмеани, Бог ги воскреснува и ги поставува на свеќник, за да со нивниот светоносен живот го осветли патот на оние кои што патуваат по житејското море. На тој начин, вечно живее сеќавањето на оние кои што му служеле на Бога со вера, кои што послужилево делото на спасението на светот.

Денес, драги мои пријатели, поученоста од животот на старозаветните праведници ме наведува со вас да зборувам за верата. Имено, нивната големина е одредена само со верата, точно живата и дејствителна вера. Без вера не може да му се угоди на Бога. Обрнете внимание на тоа, драги мои, дека ним им било неспоредливо потешко да веруваат отколку нам: нивната вера се хранела исклучително со Божјите ветувања, а пред нас сјае гоемото дело на искупувањето кое веќе се случило во светот.
Ако внимателно се загледаме во животот и верата на праведниците на Стариот Завет, нема да ни биде тешко да се процениме себеси и својот живот, да одговориме на прашањето: „Дали живееме со верба? Дали одиме по трагата на праведниците?“ Нека нивниот пример но подари мудрост на животниот пат, нивната вера нека не научи и нас на вера во Бог.

Драги мои, уште од постанокот на светот се останува како што и било: човекот неминовно мора да избере една од трите вољи-или Божјата воља, или ѓаволската или пак својата воља. Искушенијата од светот, телото и ѓаволот го следат секој човек кој што се родил. Ако обрнеме внимание на она што ни е познато за праведниците, ќе сфатиме како и со што тие се раководеле во животот, а исто така и ќе станеме свесни со што ние се раководиме во животот.

Ако внимателно се загледаме во животот и во историјата на народот,неминовно ќе мораме да заклучиме, сакале ние тоа или не сакале, дека: човекот бил, е и ќе биде гостин и дојденец на земјата. Што е тоа што во овој живот неоспорно и безусловно ни припаѓа како наша своина? Ние немаме ништо свое, затоа што крадците поткопуваат и крадат, стихиите владеат над се па и над нас, во ништо не можеме да бидеме сигурни. Утрешниот ден ќе дојде како крадец и ќе промени се што денес претставува наш темел. Иднината ни е темна и непозната. Таква е судбината на секој човек на земјата.
Така било и со праведниците. Меѓутоа, разликата е во тоа што тие со непоколеблива вера во Бога ја прифатиле својата судбина како Божји закон и поминале низ животот предавајќи се во Божјите раце, одејќи по Него без многу мудрување, па било каде Тој и да ги водел, без сомнение верувајќи дека за Бог не постои ништо непознато, ништо темно. Затоа и примиле венци на правдата, исткаени од вера, страдање, несреќа и прогонство, и низ сите искушенија поминале без противење и без роптање. Ќе наведам неколку примери кои што ги потврдуваат моите зборови.

Преку верата разбираме дека вековите се установени со збор Божји и дека од невидливото произлегло видливото (Евр.11, 3). Во својата од бога вдахновена книга за Постаноккот големиот праотец, пророкот Мојсеј, му ја објавува на целото човештво големата тајна на создавањето на светот и обзнанува се, како и самиот да присуствувал на неговото создавање и како се да видел со свои очи. Чистите и праведните без поговор го примиле Божјото откровение, затоа што биле јаки во верата. Меѓутоа, на човечкиот ум му биле потребни многу илјадници години за да го разбере она што Мојсеј го гледал со очи на вера и со боговиден разум. Кога ја читаш книгата за Постанокот се восхитуваш и паѓаш на колена, приклонувајќи го срцето пред Бога Кој што на верата на слабиот човек и дал таква сила и власт.

Еве уште еден пример на голема вера. Светиот праведен Авраам бил славен и богат и со земски богатства и со вера. Тој живеел во своето племе, не својата земја во целосна благосостојба. Меѓутоа му се јавил Бог и му заповедал да замине од земјата на која што живее, каде се било добро, да остави се што му било драго и родено, да го напушти она во кое што биле неговите корени.

А каде да оди? Бог тоа не му кажува, туку само му ветува дека ќе му ја покаже ветената земја, и дека ќе му дозволи со неа да владее дури неговото потомство а не и самиот Авраам. Авраам не ни помислил, не се оглушил, туку станал и отишол без да знае каде, не знаејќи што го очекува во иднина. Авраам на затаил во верата и како награда за верноста го слушнал ветувањето, Божјиот збор: А од тебе ќе направам голем народ....и преку тебе ќе бидат благословени сите родови на земјата (1Мојс. 12, 2-3). Тоа е само еден пример од животот на Авраам.

А каква ли тек силна вера и доверба во Бог морал да има праведникот за да го принесе на жртва својот син  Исак, со што Бог му ветил големина на целиот род! Авраам требало како жртва да го принесе оној во кој што била скриена сета надеж на неговиот живот и сета потпора на неговата вера. Меѓутоа тој бил спремен и тоа да го направи. Тој не им допуштил на своите помисли и на својот ум да се побунат против Божјата заповед. Подигнал рака на својот син за да го принесе за жртва на Бог, но Бог гледајќи ја верноста на Својот слуга ја задржал неговата рака.
Сите Божји ветувања за Авраам се исполниле. Неговата вера не била посрамотена, иако тој додека живеел на земјата сето тоа не го видел. Господ го нарекол отец на сите оние кои што веруваат. Сите вистински верници се зачнувале во него и станувале негови чеда во верата.
Дали и ние така веруваме? Дали и ние сме способни за вера-подвиг, кога верата е жива претстава за она за кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа (Евр. 11, 1)?

Колку уште примери можат да се најдат во животот на старозаветните праведници, за да ги прифатиме како праобраз на нашиот сегашен живот! Во нивните животи имало и денови на благосостојба, кога Бог ги збогатувал со земски добра. Меѓутоа, тие денови се сменувале со поинакви кога во огнот на пламените искушенија верата на праведниците блескала посјајно од злато. И деновите на благосостојба и деновите на испитување ги испраќала истата десница- Божјата десницата, праведна и непоколебливо верна, која го усовршува спасението овде на земјата.
 Дека верата во Бога и оние кои што веруваат во Бога постојано се изложени на сурови прогонства и протерувања, како и тоа дека верата е подвиг, ни откриле старозаветните праведници а ни потврдиле апостолите и сите светии ви сите христијански времиња. Се до денешниов ден луѓето кои што веруваат го носат овој неоспорен доказ за вистинитоста на својата вера.

Вистинските праведници во старозаветните времиња биле изложени на прогонства и протерувања. Светиот пророк Илија со силата на својата молитва воскреснал мртовец, иако и тој самиот бил принуден да се крие во земните пештери од прогонителите и смртта. Поради верата се убиени и Елеазар и седумте млади Макавејци, заедно со својата мајка Соломонија, затоа што не сакале да се избават од мачењето и од самата смрт по цена на одрекување од верата.

Кај вистинските верници Божјиот страв бил појак од човечкиот страв. Нив ги инспирирало ветувањето за подобро-за славно и блажено воскресение кое што води во Небеското Царство. Во Божјите очи таквите страдалници за верата биле повредни од целиот свет.
Од устата на светиот пророк Бог излеал големи пророчки ветувања за раѓањето на Спасителот Христос и за Неговите страдања на крстот: Ете Девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му го дадат името Емануел (Исаија 7, 14). Овој пророк ја опишал иднината така што се чини дека тој не претскажува, туку дека ја излага историјата на минатите времиња. Пророкот Исаија, голем меѓу големите, покажал подвиг на страдање и вера, затоа што поради разобличувањето на царот го ги исекле со тастер за дрва.

Некои праведници за верата Бог ги чувал од несреќи, а на некои заради испитување допуштил различни видови на несреќа, страдања и болки. Според зборовите на Св. Јован златоуст „и едното и другото се чуда на верата: а тоа е што верата прави големи дела и трпи големи невољи“.
Ниеден старозаветен праведник, кој што послужил на делото за спасение на светот не го добил ветеното, затоа што после смртта слегол во земјата. Меѓутоа, тие го извршиле своето големо дело: го подготвиле светот за исполнување на Божјото ветување, му принеле дар на Бога од човечкиот род-Дева Марија.
Сите тие живееле со голема вера, очекувајќи спасение на народот.
Ние живееме во времиња кога ветувањата се исполнети.
Меѓутоа, едно ветување и ние го примаме со вера- ветувањето дека Бог за сите земнородни луѓе и за целиот свет одредил време кога праведниците од Стариот Завет и Новиот Завет ќе го добијат Царството Небесно кое што им е ветено-совршена награда за својата вера и за доблесниот живот, и дека грешниците ќе добијат вечна мака на денот на големиот и Страшен Суд Божји.

Според тоа, драги мои, пријатели мои, да се учиме на верата. Таа не учи да му принесуваме на Бог жртва на љубовта и целиот живот, и во радост и во несреќа, да му го предаваме на Бога. Таа не учи да ги примаме и да ги чуваме откровенијата Божји и ветувањата Божји. Таа со страв Божји ќе не огради од потопот на злото и нечесноста која го заплискува светот. Верата ќе стане нашаиот спасоносен брод на кој што Кормилар ќе биде Самиот Бог, и тој ќе не доведе до вратата на праведноста. Ќе исчезне стравот со кој гледаме на утрешниот ден, што ни значи тој-тој утрешен ден ако на оној кој верува во Бога и живее во Бога му е ветена вечност?

Да веруваме во Бога со вера жива и јака, а Бог е еден и ист во сите времиња. И како што не била залудна верата на старозаветните праведници, така и верата на праведниците на Новиот Завет се утврдува од времето на доаѓањето на Спасителот до денешни дни.

Вознесувајќи им помен на старозаветните праведници кои што го очекувале Раѓањето Христово и на праведниците кои што живееле после исполнувањето на ветувањето, светата Црква не повикува нас кои што сега живееме во верата: „Пријдете сите, за навистина да го празнуваме Раѓањето Христово.... Заиграјте гори и брегови, ликувајте пророци богогласни, заплескајте луѓе и народи, затоа што ни се приближи сеспасението и просветлувањето, рагајќи се во градот Витлеем. Да се погрижиме да го сретнеме со чисти очи и со чисти дела“ (1песна на претпразничниот канон).
„Подготви се Витлееме и отвори се за сите, Едеме украси се, Ефрато, затоа што во пештерата од Девица процвета Дрвото на животот; од нејзината утроба се јави духовен рај, и во него има божествен насад: ако јадеме од Него, ќе бидеме живи и нема да умреме како Адам. Христос се раѓа за да го воспостави претходно паднатиот лик“ (претпразничен тропар). Амин.


21. Декември 1992 година (3 Јануари 1993 година)

Подготвил: Светлана Димовска

Друго:

СЛОВО ЗА МАЛИТЕ ДОБРИНИ 

Царевото на царот или жигот на ѕверот