3.angeli.so.truba

Митрополит Струмички Наум: АНТИНОМИЧНОСТ (20.06.2020 15:47)

Антиномичност е теолошки израз за света противречност. Антиномичност, за мене, е синоним за светост. Како инаку да говориме за светоста, во комплетно антиномична вера, освен противречно? Светоста, вообичаено, во својата поблиска и подалечна околина, и предизвикува противречности (контрoверзност).

Антиномична е верата во еден Бог, со три Ипостаси и една суштина; вера во Отецот и Синот и Светиот Дух, ама во единство кое не се заснова на едната природа, туку, пред сѐ, на беспочетната Ипостас (Личност) на Отецот, од Кого се раѓа собеспочетниот Син и од Кого происходи собеспочетниот Дух.

Антиномично е создавањето на духовниот и на материјалниот свет од ни од што претходно постоечко.

Антиномична е верата во Единородниот Син Божји; Кој вонвремено се раѓа од Отецот, и без да го смени начинот на Своето постоење, во време, се роди од Пресвета Богородица и Секогашдева Марија. И вистински Бог и вистински Човек. Две природи – несоздадена и создадена, неразделно, неслиено, неразлучно и непроменливо соединети во Личноста (Ипостаста) на Богочовекот Исус Христос.

Антиномично е воплотувањето од Свет Дух; верата и во мајчинство и во девственост, содржани во една личност – во Мајката Божја Марија, Пресвета Богородица и Секогашдева. Верата во Онаа што не е божица, а е поважна од тоа, Која нѐ спасува, не по природа, туку од Својата мајчинска позиција, односно поради нововоспоставените личносни односи.

Антиномично е верувањето во светоста на Црквата Божја; Литургиски собор на грешници, а по благодатта на Светиот Дух – Тело Христово. Истото она родено од Богородица и одуховено на светата Педесетница.

Антиномична е светата Литургија – Евхаристија на Црквата; каде што со сите светии, самите себе, еден со друг и целиот свој живот, преку лебот и виното, на Бог Му го предаваме, а Тој ни го предава Својот живот, т.е. несоздадената енергија Божја, во Телото и Крвта Христови; каде што Христовиот живот станува наш, а нашиот Христов; каде учествуваме во настани од Христовиот живот на кои не сме биле и во настани кои уште не се случиле – второто Христово доаѓање; каде заедничариме и на Тајната Вечера, и со првата Црква на Ерусалим, и со сите верни од сите времиња, како и со Есхатолошката Црква на Царството Небесно.

Антиномичен е дарот на свештенството; кога грешниот и непотребен слуга пред олтарот стои и ги свештенодејствува Христовото пречисто Тело и чесна Крв, додека Христос е Тој Кој принесува и Се принесува, Кој прима и Се раздава.

Антиномично е и мачеништвото заради Христос и вистинската вера во Него. Милиони луѓе се откажале од својот овоземен живот заради Царството Небесно; од нешто видливо, заради нешто невидливо.

Антиномичен е и монашкиот пристап кон светот; се откажуваш, заради Христос, од сите оние, и од сето она што најмногу го љубиш, затоа што сакаш уште повеќе, вистински и свето да ги љубиш. Или, го оставаш, заради Христос, оној за кого најмногу се грижиш, затоа што веруваш и знаеш дека Бог многу подобро за него, од тебе, ќе се грижи. И слично. На овој маченички и монашки етос се темели и пастирскиот однос на христијаните кон светот.

Антиномично е и кога просторно и временски ограничениот човек станува благодатно секаде присутен, и во време и во простор. Антиномична е и ситуацијата кога обичен човек стекнува таква слобода пред Бог за да може да ја смени и Божјата Волја. За ова ни говорат житијата на светиите.

Антиномична е и љубовта кон непријателите, ама тоа е тврда храна и затоа подобро Самиот Христос нека си каже:

„Љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат; благословувајте ги оние што ве навредуваат! На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној што сака да ти ја земе горната облека, подај му ја и кошулата. Секому, кој ти бара, подај; а од оној што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати!“ (Лука 6, 27–30). „На оној што бара од тебе, дај му, и не го одбивај оној што ти сака нешто на заем“ (Матеј 5, 42).

„Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и кон лошите. И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец“ (Лука 6, 35–36).

„Сте слушале дека е речено: ’Око за око, заб за заб‘. Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот“ (Матеј 5, 38–39).

„Сте слушале дека е кажано: ’Љуби го својот ближен и мрази го непријателот‘. А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец Небесен; зашто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните. Оти, ако ги љубите оние што ве милуваат вас, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и митниците? И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците? Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец Небесен“ (Матеј 5, 43–48).

Антиномична е христијанската љубов кон својот народ. Чујте од великиот Апостол Павле: „Ви зборувам вистина во името на Христос, не лажам – тоа го сведочи мојата совест преку Светиот Дух, дека ми е многу жал и срцето ме боли постојано; оти повеќе би сакал јас да бидам одвоен од Христос за браќата свои, моите сродници, по плот, кои се Израилци, на кои и им припаѓа восиновувањето и славата и заветите и Законот, и службата кон Бог и ветувањата; нивни се и отците, од нив по плот е и Христос, Кој е Бог над сите, благословен во веки. Амин!“ (Рим. 9, 1–5).

Антиномична е и состојбата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Е, ова е толку лесно, што и прваче може да ви го каже. Го помина истиот пат до автокефалност како и сите помесни Цркви, дури и многу попоштено од другите – сепак, за разлика од нив, таа имаше веќе признат канонски статус на самостојност пред да прогласи автокефалност, но нејзината автокефалност истите тие, т.н. канонски, Цркви официјално не сакаат да ја признаат. Црковната зрелост за автокефалност повеќе се препознава во самопрогласувањето – ама од состојба на самостојност, отколку кога некој ќе ти ја прогласи или ќе ти ја купи – од ништо. Ја обвинуваат за етнофилетизам истите тие што ја измислија, што се поболеа и што се парализираа од таа болест – само што нема кој сериозно да им каже дека нивното обвинение е проекција на духовно паднатите. Бараат почитување на канони истите тие што многу години поминаа под анатема поради прегазување на светите Канони. Бараат покајание, односно преумување, од неа истите тие што не ни знаат дека преумување во суштина значи умно-срдечна молитва; додуша – ако им е за некое оправдување, кај нив не ни можеш да сретнеш некој жив што нешто кажува или пишува за умно-срдечната молитва. Се напрегаат да проповедаат нешто кај нас, тие што и дома ретко кој ги слуша. Сакаат да го обезбедат физичкото единство на православниот народ, а истовремено свесно го рушат духовното. Некои од нив Го негираат Духот во нас, и самите се ставаат во редот на чекање – за истерување нечисти духови. Нѐ прогласија за отсечена и исушена гранка, а нејзините плодови (монаштвото) сите Цркви ги користат. Цело време работат на наше разединување, а само го зацврстуваат нашето единство. Христос нѐ повикува да бидеме едно како што се Тој и Отецот, тие нѐ повикуваат да сме едно како нив – ама под нив. Говорат за соборност, а едни со други не сослужуваат. Не знае човек, дали да им помогне да се спасат или да се спасува од таквите? Толку се смешни, што треба да ги плачеш. Итн., итн., слободно дополнете, нивните глупости засега немаат крај. Просто, да се запраша човек што е подобро – да има заедница со нив или да нема? Поантиномично од ова – здравје! Ама, „сите што сакаат да живеат побожно во Христос Исус, ќе бидат гонети“ (2 Тим. 3, 12); така што, ништо ново. Но, да не превидиме, физичкиот прогон е бескрајно помал од „духовниот“ прогон и геноцид што се врши сега над нас. Толку ли не сфатија дека Истиот е Тој што вели: „Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 40), и тогаш и во нашиов случај? Па, уште и се прашуваат, зошто постојано страдаат? Односно, зошто сите заедно страдаме?

Ако некој се прашува дали во последниов пасус сум сериозен или се шегувам со некого, нека знае дека таква дилема нема; јас сум само антиномичен – со демоните. А оние, пак, што се под нивна контрола, самите си се јавуваат, после.

Антиномичен е и нашиот одговор на сето она што ни го прават. Тоа што ни го прават го примаме како нивно прашање упатено кон нас: нѐ љубите ли?; како испит на нашата духовна зрелост. Тука можевме и требаше да се покажеме повеќе; и тука не ги убедивме многу – не сите од нас и не на сите од нив. Секако, само од нив, пак, зависи што тие сакаат да видат во нас. Сепак, тука не беше под знак прашање нашата црковно-административна зрелост за автокефалност, тоа им го докажавме; барем во споредба со нив. Нејзиното признавање веќе стана прашање на време.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7292