3.angeli.so.truba

ЗА БОЖЈИТЕ ДАРОВИ (01.05.2020 09:35)

Рековме дека има христијани кои, иако се наоѓаат во религиозна невроза, сепак се трудат во духовниот подвиг (се исповедаат, постат, се причестуваат, се молат, се каат), но поради неисполнување на вториот услов – послушанието, доживотно остануваат во една падни-стани состојба, без да ги вкусат плодовите од својот труд. Понекогаш Бог и на таквите им дава некои специфични дарови поради посебните позиции и служби во Црквата, и што е најважно – поради самата Црква, но тоа не ја менува нивната состојба на религиозна невроза; и слично... Следствено, никој од нив не треба овие дарови да ги сфати како резултат на својот подвиг, оти тоа би било прелест која би го попречила нивното покајание и обраќање кон Бог.

Но, во поголема прелест може да падне оној што се „изборил“ за дарот, оној што е веќе на некој од степените на духовниот развој, ако си помисли дека тоа е негова заслуга. Затоа што од оној кому му е повеќе дадено, повеќе и ќе се бара. Оти некој може да се бори и цел живот, но од Господ зависи дали ќе му даде нешто или не. Секако, Бог е добар и тој ни дава многу и за малку; но најсериозно треба да сфатиме и освестиме дека дарот на Бог е несразмерен со тоа што ние го правиме, како што е несразмерна разликата меѓу Создателот и созданието. Посебно што, кога Бог ни дава дар, со него ни го дава целокупниот Домострој, со сите Негови страдања и маки заради нашето спасение, како и Есхатонот, а да не ја спомнуваме болката, тагата и подвигот на Богородица... Сѐ е во тој еден навидум мал дар Божји... Колку ли сме изгубени кога овој дар не го сфаќаме и живееме...

На пример, дар Божји е самата можност да се молиме: „Господи Исусе Христе, помилуј ме...“, „Пресвета Богородице, спаси нѐ...“

Најголемата опасност е чистењето на енергијата на умот. Без оглед дали е човек во религиозна невроза или се наоѓа на степен на чистење на срцето од страстите, или се наоѓа на степен од просветлување преку дарот на умно-срдечната молитва, тој не треба да изуми дека умот со својата очистена енергија гледа многу подалеку отколку што човекот реално е. Тоа е исто како некој оддалеку да го гледа врвот на планината и да си мисли дека е веќе таму стигнат. Замислете за колку голема прелест се работи. Нешто слично им се случува и на начитаните, но поради насобраното теоретско знаење, а не поради подвигот.

Чистењето на енергијата на умот и светлината што притоа го преобразува треба да се користи за согледување на сопствената нечистотија, а нејзината сила за отстранување на таа нечистотија. Доколку знаењето од светлината на очистената енергија на умот се користи за судење и осудување на другите, процесот на очистување запира, а прелеста – состојбата на умот во лага, започнува.

И да запаметиме: Бог е толку добар, што сите ние, и свештеници и лаици, и верници и неверници, имаме многу повеќе дарови Божји одошто „заслужуваме“, и во „квантитет“ и во „квалитет“; за да може овој свет, колку-толку, нормално да живее. Тешко нам, ако Бог ни судеше според нашите дела. И жално, што ова не можеме да го видиме, а истовремено и не веруваме.

Кога би ни се отвориле очите да видиме со колкава благодат Бог ги покрива безбожниците во светот, за да можат нормално да функционираат, се плашам дека би постапиле како постариот син од евангелието за блудниот син.

Да имаме освестен подвиг. Да бидеме смирени. Сепак, Бог дојде болните да ги исцели, а не здравите.

Христос Воскресе!


Митрополит Струмички Наум

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7277